fbpx

Традиционална, а извонредно здрава: ШОПСКА САЛАТА!

tonus

Шопската салата е една од нашите традиционални, домашни салати, карактеристична за нашето поднебје. Потекнува од Шопскиот регион, односно источна Македонија и западна Бугарија. Овој регион е познат по одгледувањето на раноградинарскиот зеленчук и правењето вкусно сирење. Ова се и компонентите на шопската салата.

Може слободно да се каже дека оваа салата е омилена кај нас. Буквално е присутна во сите ресторани и места каде што се подготвува храна.

Во продолжение, зошто е таа здрава и каде грешиме во подготвувањето?

"“Online”/

Растителните компоненти на салатата се богат извор на антиоксиданти

Шопската се подготвува од домати, краставици, пиперка, кромид и малку сирење, сол и масло.

Растителните компоненти се пакувани со фитохемикалии со огромна антиоксидативна моќ.

Особено тоа е случај за ликопенот и нирингенинот кај доматите, капсицинот, лутеинот и зеаксантинот кај пиперките, потоа антоцијанините и кверцетинот кај кромидот и бројните флавоноиди и танини кај краставиците.

Овие компоненти имаа докажано моќно антиоксидативно дејство. Ваквото дејство пред сè се базира на намалувањето на хроничнато воспаление во телото кое го предизвикуваат слободните радикали. Хроничното воспаление, на долг рок води кон развој на бројни хронични заболувања или најголемиот број од заболувањата на модерниот човек. Дијабет, дебелина, кардиоваскуларни заболувања канцер итн.

Бројните антиоксидативните компоненти поседуваат и низа од други позитивни влијанија на организмот. На пример, кверцитинот, присутен во пиперките и кромидот, освен споменатите, може да има антиканцерогено дејство. Лутеинот и зеаксантинот од пиперките придонесуваат за здравјето на очите. Некои од овие компоненти можат да имаат и превентивно дејство на коскените заболувања, на здравјето на кожата, мозокот итн.

Нискокалорична храна, богата со растителни влакна – храна погодна за слабеење и добра за дигестијата

Скоро секоја салата, па така и оваа, содржи сосема солиден процент на растителни влакна и е нискокалорична. Во последно време сè појасна станува важноста на растителните влакна кои се сметаа за сосема непотребни до неодамна. Помеѓу најбитните позитивни влијанија на растителните влакна се: одржувањето на здравјето и перлистатиката на тенкото и дебелото црево, хранењето на корисната микрофлора, обезбедувањето на постепено испуштање на глукозата во крвта и намалувањето на ,,лошиот” холестерол во крвта. Сè повеќе студии укажуваат на важноста на здравјето на цревната микрофлора за целокупното здравје на човекот.

Салатата може да придонесе и за регулација на шеќерот. Ваквото својство се должи на растителните влакна, но и на некои од нејзините фитохемикалии. Високата содржина на вода и врзаната вода во дигестивниот тракт од растителните влакна значи помала енергетска вредност, но и овозможено продолжено чувство на ситост.

Салатата е богата и со витамини и минерали

Општо, за повеќето зеленчуци се смета дека се густо-нутритивна храна. Тоа значи храна богата со микронтриенти, а од друга страна нискокалорична.

Секој од зеленчуците поединечно е многу корисен (богат со своите микронутриенти), но повеќе комбинирани зеленчуци заедно во салата се идеален додаток во секој оброк. Една салата дневно е минимумот кој треба да си го поставиме.

Шопската салата е богата пред сè со витамините С, К и витамини од В групата, особено В6 и В9. Овие витамини ги има во сите растителни компоненти на салатата, но присутни се и витамините А, Е и други во помали количини.

Од минералите најзастапени се калиумот, манганот, калциумот, магнезиумот, железото и други во помали количини.

Витамините и минералите се неопходни за правилното функционирање на организмот.

Витаминот С, освен што е моќен антиоксидант, учествува во синтезата колагенот, најзастапениот протеин во телото, потоа значен е за имуниот систем, за апсорпцијата на железо итн. Витаминот К и калциумот се неопходни за метаболизмот на коските, витаминот А, заедно со зеаксантинот и лутеинот се значајни за здрав вид, витамин Е за здрава кожа итн. Магнезиумот и калиумот се важни за кардиоваскуларното и здравјето на нервите. И останатите витамини и минерали си имаат своја, точно одредена функција во организмот.

Каде најчесто грешиме?

Грешката се случува кога ќе претераме со сирењето, маслото и солта.

Сирењето е богато со заситени маснотии и драстично ја зголемува калоричната вредност и е богато со сол. Тоа треба да се користи како еден вид на зачин и на тој начин да се избегне потребата од дополнителна сол, која исто така може да биде доста штетна. Секако, сирењето има и некои корисни компоненти, но во целина тоа не е добра храна во поголеми количини.

Кога станува збор за маслото, тоа е најконцентрираниот извор на енергија. Во само 10 ml масло има концентрирана енергија од масти од дури 85kcal. Дополнително, рафинираните масла немаат никакви микронутриенти, а можат да бидат со оштетени масни киселини кои се штетни по здравјето. Затоа, најдобро е воопшто да не се додава масло, а ако веќе сакате да го појачате вкусот, најдобар избор е ладно цеденото масло, но малку!

НА ЗДРАВЈЕ!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор