fbpx

СИРАК – ретка житарка во која НЕМА глутен

tonus

Постојат огромен број житарки што човекот ги користи во својата исхрана и секоја од нив има свој уникатен состав и хранливост. Според истражувањата евидентно е дека сите се корисни и здрави кога се редовно вклучени во нашата исхрана во форма на цели зрна. На нашите простори често користени и најзастапени се пченицата, просото, јачменот, ‘ржот, пченката и сл. Но, денес ќе се задржиме на една поретка, помалку позната житарка, која сè помалку се одгледува на нашите простори – соргум или т.н сирак

Што претставува сиракот?

Соргумот или сиракот е житарка која се користи и одгледува со милениуми. Родот Sorghum содржи 25 различни видови, од кои повеќе од половина се типични за Австралија, а другите видови потекнуваат од Африка и Азија. Единствениот култивиран вид сирак е Sorghum bicolor, кој потекнува од Африка. Во зависност од сортата, овој вид може да порасне и до 5 метри. Растението има карактеристични гроздови од бели, жолти, црвени или кафеави зрна.

Сиракот како житарка има повеќе примени. Се користи како храна (во зрна и како меласа), сточна храна, за произведување на алкохолни пијалаци и за биогорива. Соргумот се одгледува и поради неговата содржина на шеќер. Слично како шеќерната трска, друг член на фамилијата Poaceae или треви, слаткиот соргум има стебло богато со шеќер, кое се толчи за неговиот сладок шеќерен сок.

"“Online”/

Денес, повеќе од 500 милиони луѓе во повеќе од 30 различни земји се потпираат на соргумот и тој претставува клучен дел од нивната исхрана. Многу луѓе исто така го користат сиракот поради неговите интересни карактеристики. Поконкретно, луѓето со интолеранција кон глутенот, го користат како извор на безглутенско брашно.

Во нашата држава се одгледува во сосем мали количини, кои во последните години бележат дополнителен пад во производството. Во Македонија, во 2017 година се произведени само 45 тони сирак.

 

Нутритивен профил

 

Соргумот или сиракот може да се зготви и јаде, но најчесто се преработува во други намирници кои се употребуваат во разни јадења.

Во 100g сиров сирак има:

  • Калории – 339
  • Масти – 3,3g (од кои 0,5g заситени масти)
  • Jaглехидрати – 75g (од кои 6g растителни влакна)
  • Протеини – 11g

 

Покрај макронутриентите, оваа житарка ги содржи и микронутриентите : железо, калиум, фосфор, манган, магнезиум и витамините B1, B3, B6.

 

Сиракот е богат со антиоксиданти како флавоноиди, фенолни киселини и танини. Исто така како што може да се забележи, содржи и значително количество на протеини. Всушност количеството е исто како и она во киноата, житарка која е позната по високата содржина на протеини.

 

Употреба во безглутенски рецепти

 

Една од главните карактеристики на оваа житарка е тоа што не го содржи глутенот. Како таква, може да се користи како замена во разни јадења и рецепти кои го содржат обичното пченично брашно.

Глутенот припаѓа на група на протеини кои може да се најдат во одредени зрна, а кои се заслужни за карактеристичната еластичност и структура на бројни пекарски производи.

Побарувачката на брашна и производи без глутен постојано се зголемува.

Токму поради тоа, за оние што бараат житарки без глутен, сиракот е одлична, здрава опција. На овој начин може да се добијат пекарски производи (леб, колачи, десери и сл.) кои се безглутенски, а сепак се добиени од полнозрнеста и здрава житарка.

 

Може да се користи во разни форми и да биде алтернатива на други житарки

 

Сиракот претставува разноврсна житарка и лесно може да се додаде во низа рецепти и јадења.

 

  • Може да ги замени оризот и киноата, бидејќи начинот на варење односно подготовка на овие житарки е многу сличен со оној на сиракот.
  • Има неутрален вкус и слична, светла боја на обичното пченично брашно, па лесно може да го замени во разни рецепти. На овој начин, како што веќе споменавме, може да подготвиме безглутенски јадења.
  • Зрната може да се употребат и како замена за пуканки. Во тавче тие „пукаат“ на сличен начин како пуканките и на овој начин добиваме здрава и вкусна ужина.
  • Бидејќи содржи шеќери, често се употребува и како сируп, односно како природен засладувач.

 

Кои се дел од здравствените придобивки од сиракот

 

Сиракот е житарка која има интересен состав и е богата со антиоксидативни соединенија, како и со протеини и растителни влакна. Дел од бенефитите кои тој ги пружа се:

 

  • Антивоспалителен ефект

Ова се должи на значителното количество фенолни соединенија (антиоксиданти) кои ги содржи сиракот. Ваквите соединенија имаат докажано позитивно влијание врз одредени воспалителни процеси во телото. Покрај ова, антиоксидантите (особено 3-деоксиантоцианидините) присутни во ова жито имаат и потенцијални анти канцерогени својства.

 

  • Регулација на телесната тежина и шеќерот во крвта

Скробот присутен во сиракот е потешко дигестибилен, во споредба со скробот присутен во други житарки. Ова го прави сиракот одлична намирница за било кој оброк, бидејќи дава чувство на ситост, а со самото тоа и ја намалува потребата од внес на храна, што може да резултира со намален внес на калории. Поради бавната дигестија на скробот, доаѓа до минимално и постепено зголемување на шеќерот во крвта, одлична особина на сиракот за луѓето со дијабет.

 

  • Добар извор на влакна

Како и останатите полнозрнести житарки, сиракот содржи одлична количина на растителни влакна. Тие имаат позитивен ефект врз дигестијата, врз намалувањето на нивоата на „лошиот“ LDL холестерол и врз одржувањето на телесната тежина. Дополнително, преку намалување на нивоата на холестерол во крвта, ваквите влакна допринесуваат за подобро кардиоваскуларно здравје. Тие го подобруваат протокот на крвта и го намалуваат ризикот за појава на артериосклероза и формирање на масни наслаги во крвните садови.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор