Дијабетот, според одредени статистики и проценки е застапен кај речиси 10% од нашето население. Тоа е навистина загрижувачка и сериозна бројка, а нажалост недоволно се зборува и се едуцира населението во поглед на менаџирање и третирање на оваа состојба. Во оваа статија ќе се задржиме на т.н „скриен шеќер“ или состојба која е почетна фаза на покачување на шеќерот.
Што претставува дијабетот тип 2?
Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.
Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.
За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.
Што е т.н „скриен шеќер“?
Скриениот шеќер е состојба научно позната како нарушена глукозна толеранција (IGT) и со други зборува опишува вид на предијабетна состојба која се карактеризира со нивоа на шеќер над нормалата, кои сепак не се доволно високи за да се класифицираат како дијабет. Оваа состојба се јавува кога клетките имаат помал „одговор“ на инсулинот, хормонот кој го регулира шеќерот во крвта, односно помага при внесот на глукозата од крвта во клетките.
Животниот стил игра клучна улога во развојот и управувањето со скриениот шеќер. Исхраната богата со рафинирани шеќери и јаглехидрати може да доведе до скокови на нивото на шеќер во крвта, што придонесува за еден вид на инсулинска резистенција. Седечкиот начин на живот и физичката неактивност исто така ја влошуваат состојбата и ја намалуваат способноста на телото ефикасно да ја користи вишокот на глукоза. Спротивно на тоа, редовната физичка активност ја подобрува чувствителноста на инсулин и апсорпцијата на глукоза од мускулите, а со тоа го намалува нивото на шеќер во крвта. Здравата телесна тежина е исто така особено важен аспект, бидејќи вишокот телесни масти, особено околу стомакот, е поврзан со инсулинска резистенција. Хроничниот стрес и неквалитетниот сон, исто така се сметаат за важни фактори кои можат да ја нарушат хормоналната рамнотежа и негативно да влијаат на метаболизмот на глукозата. Важно е да се напомене дека предијабетот нема видливи и воочливи симптоми, па затоа се нарекува и „скриен“ шеќер.
Добрата вест е што оваа состојба не е трајна. Со соодветни промени во начинот на живот, предијабетот може да се „третира“, односно нивото на шеќер повторно да се врати во нормала. За да прочитате повеќе на оваа тема, кликнете ТУКА.