Најразличните видови вкусни сладоледи со разладувачко ,,дејство” се синоним за летниот период, но тие најчесто се вбројуваат во особено нездрава храна. Зошто?
Сладоледите како по правило се високо-калорична храна со слаба хранлива вредност, односно масни (заситени маснотии) производи со значителни количества додадени шеќери (празни калории), а од друга страна сосема сиромашни со микронутриенти (витамини, минерали). Дополнително, не е само ладната храна онаа која може да нè освежи во летниот период. Нешто повеќе околу ова, прочитајте тука.
Се поставува прашањето: Дали постои соодветна замена/и за сладоледот, односно вкусни, освежителни продукти кои се истовремено и здрави? Одговорот е ДА, па во продолжение ќе ви претсавиме 4 вакви конкретни примери со максимум 15g шеќери.
Пред да преминеме на рецептите, многу е важно да се каже дека сепак најдобрата опција за здраво освежување во летниот жежок период е антиоксидативната свежа храна која е типична токму за овој период. Oсвен шеќерите и антиоксидантите, свежата храна за разлика од било која друга храна содржи многу повеќе витамини, минерали, поголеми количества растителни влакна и најразлични фитохемикалии.
Заради овие причини, секојдневно јадете што е можно повеќе свежи јаболки, портокали, праски, лубеници, дињи итн. Неколку пати во неделата пробајте и од рецептите кои ќе ви ги предложиме денес:
1. Бобест банана-сладолед
За овој рецепт ќе ви бидат потребни:
◦ ½ чаша растително млеко – најдобро од бадеми, но можете да користите и од соја
◦ смрзната банана со средна големина – смрзната и исецкана на поголеми парченца
◦ половина пакување смрзнати бобести овошки (околу 200g) – малини, капини, аронија итн.
Начин на подготовка:
• Наполнете го шаблонот за коцки мраз со половината чаша растително млеко и потоа ставете го во замрзнувач неколку часа. Истото направете го и со бананата (претходно исецкана на 4-6 покрупни парченца).
• Коцките замрнато млеко, замрнатата банана и мешавината од смрзнато бобесто овошје, ставете ја во блендер и убаво изблендирајте.
• Добиената добро хомогенизирана смеса, служете ја во сад за сладолед. Можете да наросите од смрзнатите овошки врз сладоледот.
Нутритивна вредност:
Калории: 90kcal; Протеини: 1g; Јаглехидрати: 21g од кои 13g шеќери и 3g растителни влакна.
2. ,,Розè” сладолед од јагоди
За овој рецепт ќе ви бидат потребни:
◦ Околу 450g смрнати јагоди
◦ 180ml розе вино
◦ 2 супени лажици мед
◦ прстофат морска сол
Начин на подготовка:
• Комбинирајте ги сите споменати намирници во блендер и блендирајте додека не добиете фина, мазна смеса.
• Добиената смеса истурете ја во пластично пакување за сладолед и оставете ја во замрзнувач најмалку 12 часа.
• По вадењето од замрзнувач, сервирајте во сад за сладолед во комбинација со додаток – свежи јагоди.
Нутритивна вредност:
Калории: 70kcal; Протеини: 1g; Јаглехидрати: 13g од кои 10g шеќери и 2g растителни влакна; Maсти: ~0g.
3. Летни праски со овес и цимет
За овој рецепт ќе ви бидат потребни:
▫ 3 праски со средна големина
▫ 2 лажички мед
▫ 50g интегрално брашно
▫ прстофат сол
▫ половина чашка ситен овес
▫ половина супена лажичка цимет
Начин на подготовка:
• Загрејте ја рерната на 180°C
• Исецкајте ги праските на потенки ,,кришки”.
• Во еден помал сад измешајте ги брашното, медот, солта, циметот и овесот.
• Полијте ги тенките кришки кои се поставени во сад за печење, со претходно подготвената смеса.
• Печете околу 30 минути.
Нутритивна вредност:
(едно сервирање)
Калории: 150kcal; Масти: 2g; Протеини: 2g; Јаглехидрати: 25g од кои 15g шеќери и 4g растителни влакна.
4. ,,Чизкејк” од малини
За овој рецепт ќе ви бидат потребни:
▫ околу 200g смрзнати малини (или свежи)
▫ 2 големи лажици мед
▫ 1 кафена лажичка цимет
▫ околу 100g кремсир
▫ половина чашка грчки јогурт (благ)
▫ 1 кафена лажичка лиме
▫ неколку фино сомелени бадеми и 2-3 интегрални крекери со темно чоколадо (може и било какви други)
Начин на подготовка:
• Ставете ги малините и шеќерот во помал сад за готвење и на умерена топла рингла гответе додека не се згусне смесата и не се формира нешто слично на сируп. Добиената смеса ставете ја во фрижидер.
• Изблендирајте ги сите останати намирници (освен бадемите) додека не се добие фина, мазна смеса.
• Изрендајте некои вид интегрални крекери и измешајте ги заедно со фино сомелените бадемите.
• Откако ги подготвивте сите 3 главни компоненти на ,,чизкејкот”, во една чаша од 250ml најдолу поставете ја сувата смеса од бадеми и крекери, врз неа смесата од блендерот и на крајот најпрво добиениот сируп. Оставете ја чашата најмалку 2 часа во фрижидер.
Нутритивна вредност:
(едно сервирање, околу 90g)
Калории: 210kcal; Масти: 6,5g; Протеини: 8g; Јаглехидрати: 30g од кои 15g шеќери и 3g растителни влакна.