fbpx

ЗГОЛЕМЕНА СЛЕЗИНА – Функција на органот, причини за зголемување и живот по отстранета слезина

tonus

Дали сте знаеле дека е можно да имате зголемена слезина без да знаете? Всушност, поголемиот дел од луѓето со овој проблем немаат никакви видливи симптоми.

Уште едно изненадување – според одредени истражувања околу 3% од здравите студенти од прва година имаат зголемена слезина.

Во ретки случаи овој проблем е генетски и не се одразува негативно на целокупното здравје, но најчесто ваквата состојба укажува на ,,затскриени” проблеми, како инфекции или болести што се развиваат во позадина.

Па, што точно претставува слезината и зголемената слезина? Како да ја препознаеме и третираме? Во продолжение повеќе на оваа тема.

"“Online”/

Што е слезина?

Станува збор за кафен, овален орган лоциран во горниот лев дел од абдобенот, веднаш под ребрата.  

Како еден од круцијалните делови на лимфниот систем, слезината е орган што може да се нарече ,,чувар” на организмот или орган кој го чува телото од различни типови инфекции. Ако го замислиме нашето тело како еден голем град, тогаш составните делови на лимфниот систем се полицајците, пожарникарите, но и задолжените за отпадот.

Веројатно најважната улога на слезината е продуцирање на антитела кои се борат против патогените микроби (фагоцити и лимфоцити). Дополнително, овој орган помага во чистењето на крвта (од старите црвени крвни клетки), транспортирањето и балансирањето на нивото на флуидите, одржувањето на нивото на тромбоцитите и ,,прочистувањето” на мускулното и ткивото на зглобовите.

[Поврзано: Згрутчување на крвта. Што се тоа D-димери?]

Спленомегалија

Најголемиот дел од проблемите што се поврзуваат со слезината, се проблемите со спленомегалијата или состојбата позната како зголемената слезина.

Зголемената слезина е јасно предупредување дека имуниот систем силно се соочува со одредени проблеми како инфекциите, но не успева да одговори на предизвикот.

Во нормални услови, слезината има големина на стисната дланка и многу тешко може да се допре при физичкиот преглед. Во ситуација кога лимфниот систем е поттикнат од различни причинители, овој орган може да се прошири и тоа до драматични размери. Така, во некои случаи зголемената слезина може да биде силно забележителна, па дури и болна, но најчесто симптомите отсуствуваат.

Иако ваквата состојба не секогаш е причина за голема загриженост, сепак најчесто упатува на некаков медицински проблем, па затоа не треба да се игнорира. Впрочем, кога е зголемена, слезината не може да си ги извршува своите елементарни функционалности што претходно ги наведовме.

Можни симптоми

Иако најчесто се јавува без симптоми, кога тие се појавуваат можат да ги имаат следните облици:

  • Болка или чувство на исполнетост во левиот дел на стомакот, чувство што може да се шири кон левото рамо. Болката особено се истакнува при вдишувањето.

  • Чувство на ситост без да се јаде или по мал оброк, бидејќи слезината притиска на желудникот.

  • Анемија

  • Чести проблеми со инфекции

  • Необјасниво губење на телесната тежина

  • Хроничен замор

  • Лесно крварење

Можни причини

Слезината може да биде зголемена заради најразлични причини, некои од нив доста загрижувачки.

На пример, причинител може да биде вирусна инфекција, висок внес на алкохол, цироза на црниот дроб, паразитска инфекција итн.

Други можни причинители: анемија, леукемија, метаболни нарушувања, поретки проблеми со црниот дроб, автоимуни заболувања итн.

[Поврзано: Замастен црн дроб]

Ризик-фактори

Спленомегалијата може да биде развиена од секого и на било која возраст, но одредени групи во популацијата имаат поголем ризик, вклучително:

 

  • Деца и младинци со инфекции, како мононуклеозата
  • Луѓе со одредени наследни метаболни нарушувања

  • Луѓе кои патуваат на места каде што има маларија

Кога да се обратите на доктор, дијагностицирање и третман?

Ако имате некој од наведените симптоми, важно е веднаш да бидете прегледани од стручно лице.

Дијанозата за спленомегалијата се воспоставува на база на анамнеза, физички преглед, лабораториски испитувања на крвта и испитувања како ултразвук, CT или МРИ. 

Третирањето најпрво е во насока на утврдување на причинителот. Ако причинителот е инфекција, најчесто се препишуваат антибиотици (не и ако инфекцијата е вирусна!).

Во одредени случаи зголемената слезина се третира со радиотерапија, а некогаш е потребно и хируршко отстранување на органот.

Додека се соочувате со проблемот, важно е да не се претерува со физичката активност, особено не со т.н. контактни спортови каде што ударите во пределот на стомакот се возможни, па така зголемен е и ризикот од пукање на слезината. 

Превенирањето од проблеми со слезината подразбира и носење на заштитен појас додека се возиме во автомобил.

Лајфстајл и зголемена слезина

Досега не постојат релевантни податоци дека исхраната може да има поврзаност со зголемената слезина. Сепак, познато е дека други медицински состојби поврзани со зголемена слезина, можат да бидат поттикнати од лошата исхрана. Таков пример е замастениот црн дроб и алкохолно замастениот црн дроб.

[Поврзано: Замастен црн дроб – Зошто не смее да се игнорира!?]

Ризик факторите за замастување на црниот дроб се гојазноста, дијабет тип 2, високо ниво на маснотии во крвта, метаболен синдром – нешта кои главно се детерминирани од нашиот животен стил.

Спленомегалијата исто така може да биде поврзана и со срцеви проблеми и ревматоиден артирит. И овие две состојби можат да бидат директно поврзани со начинот на исхрана, односно живеење.

Лајфстајл по извадена слезина (спленектомија)

Во одредени случаи (пукната, зголемена слезина, нарушувања на крвта, малигни промени и слично) слезината мора да биде хируршки отстранета. Процедурата се нарекува спленектомија. Понекогаш се прави и парцијална или делумна спленектомија, во зависност од промените на органот, посебно кај помлади лица и деца, со цел да се задржи нејзината функција во заштитата од инфекциите.

По вадењето на слезината, другите органи ги преземаат повеќето од нејзините функционалности. Сепак, за жал ризикот од инфекции и нивни потешки облици е зголемен. Исто така зголемено е времето на опоравување од болест или повреда. Заради овие причини, лекарите препорачуваат вакцинирање за заштита од најризичните патогени, како грип, инфлуенца тип Б, менингококи итн.

[Поврзано: Како ИМУНИТЕТОТ е поврзан со животниот стил?]

Во однос на исхраната, оброците ќе треба да бидат намалени во обем и почести, особено на почетокот. На почетокот треба да почнете со лесна храна, како ориз, нискомаслена храна, јогурти и слично. Потребно ќе биде поголемо внесување на вода и течности, а се препорачува и суплементирање со железо. На долг рок се препорачува Медитеранската исхрана, како универзален здрав тип на исхрана.

По операцијата се очекува и проблеми со варењето и запек, па затоа се препорачуваат фибер суплементи, како ФИБРОГЕЛОТ.

Физичката активност треба да биде ограничена и спиењето оптимално. Обидете се да започнете со најлесната активност – пешачењето. Избегнувајте потешки активности, кревање тешко и слично додека докторот што Ве следи не препорача.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор