fbpx

СМОКВИ – ретко кое овошје има вакви карактеристики!

tonus

Јужноевропските, медитерански земји покрај останатата свежа храна се познати и по сочните смокви. Во последно време, овие вкусни овошки стануваат сè позастапени и кај нас во Македонија, особено во јужните делови. Научното име им е Ficus carica, можат да се најдат со зелена и виолетова боја на кора, а за успешно да вегетираат бараат навистина минимални услови.

Смоквите во било каква форма (сушена или свежа), па дури и нивните листови, се полни со најразлични хранливи материи кои нудат низа здравствени бенефити за нашето тело. Слатка храна која е добра за дигестија, слабеење, кардиоваскуларно, здравје на кожата итн.

Иако сувите смокви се достапни во текот на целата година и имаат одличен вкус, тешко може да се каже дека постои повкусна и посочна овошка од свежата смоква.

"“Online”/

За да биде ваквиот вкус можен допринесуваат уникатниот баланс помеѓу шеќерите и шеќерните киселини, но и самата структура – сочна срцевина, мека коричка и крцкави семчиња.


Богат нутритивен состав


Смоквите се нутритивно сконцентрирана храна богата со хранливи материи, односно храна пребогата со микронутриенти (витамини, минерали и разни други фитохемикалии), а сиромашна со калории (свежите смокви). Во продолжение, нутритивниот состав на свежите и суви смокви.

*во 100gСвежи смоквиСуви смокви
Калории70250
Јаглехидрати19g64g
Протеини0,7g3,5g
Масти0,3g0,9g
Растителни влакна3g10g
Калиум7% од дневните потреби20% од дневните потреби
Манган6% од ДП26% од ДП
Витамин К6% од ДП16% од ДП
Витамин Б66% од ДП6% од ДП
Магнезиум4% од ДП17% од ДП
Калциум4% од ДП16% од ДП
Витамин Б14% од ДП6% од ДП
Витамин А3% од ДП 
Витамин Ц3% од ДП 
Цинкпомали количества4% од ДП
Фосфорпомали количества7% од ДП
Железопомали количества11% од ДП

 

Моќен антиоксидативен состав


Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Смоквите се богат извор на повеќе антиоксидативни компоненти, главно полифенолни. Тие се лоцирани речиси во сите делови од плодот, а дури и сушените смокви ако се соодветно процесирани, можат да бидат уште подобар извор, на пример на фенолична киселина.

Заради овие причини сувите смокви биле користени низ историјата – лесно се складирале, тешко се расипувале, па биле соодветна и нутритивна храна при долги патувања и екстремно топла клима (што води до полесно распиување на храната и потешка достапност до свежа храна).


Одлична храна за дигестијата, но и за слабеење

Во минатото смоквите често биле користени како домашен лек за најразлични дигестивни проблеми, како што е констипацијата (запек), на пример.

Студиите покажуваат дека нашите претци биле во право – високата содржина на растителни влакна ја омекнува столицата, служи како храна за корисната цревна микрофлора, но помага и при процесот на слабеење. Со 3g, односно 10g на 100g, смоквите се особено богат извор на фибер.

Свежата храна, како што се впрочем и смоквите, поттикнува подобра заситеност, а со тоа и слабеење. Ова е случај заради тоа што растителните влакна го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Потенцијално антиканцерогено дејство


Низа на лабораториски истражувања покажуваат одреден позитивен ефект на смоквите во однос на малигните заболувања. Сепак, ова дејство се должи на составот на листовите на растението, а не на плодовите, односно смоквите. Дополнително, потребни се кличнички студии спроведени на пациенти.

За листовите на смоквата се утврдени антиканцерогени ефекти во однос на ракот на дебело црево, на црн дроб, градите итн.

Подобро здравје на кожата

Смоквите имаат потенцијално корисно дејство за здравјето на кожата, особено кај луѓето со алергиски дерматитис – сува кожа, екстремно чешање итн.

Една студија спроведена на 45 деца со алергиски дерматитис утврдува дека кремата направена од суви смокви може значително да ги намали непријатните симптоми.

Дополнително, во едно истражување комбинацијата од повеќе овошни екстракти, вклучително и од смокви, покажало силно антиоксидативно дејство на кожните клетки, го намалуваат разградувањето на колаген и го спречуваат формирањето на брчки.

Подобро здравје на срцето


Повеќе спроведени анимални студии покажуваат податоци според кои смоквите можат да бидат корисни за кардиоваскуларното здравје – го нормаланизираат високиот притисок, го намалуваат вкупниот холестерол, но и триглицеридите (мастите) во крвта. Сепак, потребни се повеќе клинички испитувања на луѓе.

Сепак, факт е дека големото количество на калиум и солидното на магнезиум, ги прави овие овошки одлични за срцето. Зошто е ова случај, прочитајте во една од нашите претходни статии: Без КАЛИУМ нема здраво срце. Како да го внесеме доволно секој ден?

Дополнителни потенцијални корисни дејства:

◦ Aнтидијабетичен ефект (на листовите)
◦ Позитивен ефект при еректилна дисфункција
◦ Позитивен ефект за здравјето на косата

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор