fbpx

Недоволен и неквалитетен СОН кај ДЕЦАТА – проблем што НЕ СМЕЕ да се ИГНОРИРА!

tonus

На сите им е добро познато дека спиењето има голем допринос за нашето здравје и благосостојба. Добриот сон е клучен за нашето целокупно здравјефизичко и ментално. Дополнително, тој го одржува и зајакнува нашиот имунитет, допринесува за подобро расположение, енергичност, но е и неопходен период кога сите ткива во нашето тело се репарираат. Токму поради тоа, сите стручни лици препорачуваат барем 7-9 часа сон, секоја ноќ. Но, ваквите препораки се однесуваат за возрасната популација, а на децата им е потребно значително повеќе сон. Во тој поглед, проблемите со спиењето кај децата не треба воопшто да се потценуваат и токму едно поново истражување покажува дека истите може да продолжат и да се пресликаат и во понатамошниот живот.

Зошто е важен сонот за нашето здравје?

Проценките се дека приближно една третина од нашиот живот ќе го поминеме спиејќи. Тоа значи дека сонот е голем, незаменлив дел од нашиот живот, а тоа е така со причина. Во нашето тело постои внатрешен биолошки часовник или т.н циркадичен ритам. Ваквиот ритам претставува збир на физички и ментални промени, како и промени во однесувањето, кои го следат 24 – часовниот циклус на денот. Овие природни промени во телото главно се придвижувани од светлината, односно од денот и ноќта. При крајот на денот и почетокот на ноќта, телото започнува со лачење на хормонот мелатонин кој нè прави да се чувствуваме поспано и помага при одржување на ваквата поспаност низ целата ноќ. Спиењето е инаку период во кој се одвиваат огромен број на различни регенеративни процеси во организмот. Ткивата заздравуваат, мозокот ги обработува и складира новите информации, а се исфрлаат и сите штетнни, непосакувани продукти. Невроните комуницираат и се реорганизираат, со што се одржува здрава и оптимална функција на мозокот. За време на спиењето се репарираат и нашите мускулни ткива, се создаваат хормони и се обновува нивото на енергија.

Квалитетниот сон во текот на ноќта ни овозможува нормално функционирање наредниот ден, контрола на нашиот метаболизам и телесна тежина, добро расположение, го намалува ризикот за појава на разни заболувања и сл.

"“Online”/

Кои се општите препораки за времетраењето на сонот?

Општо усвоените препораки за број на часови кои треба да ги отспиеме секоја ноќ, во зависност од возраста се:

Новороденчиња (0-3 месеци): 14-17 часа дневно

Доенчиња (4-12 месеци): 12-16 часа дневно (заедно со дремки)

Мали деца (1-2 години): 11-14 часа дневно (заедно со дремки)

Деца од предучилишна возраст (3-5 години): 10-13 часа дневно (заедно со дремки)

Деца кои одат во училиште (6-12 години): 9-12 часа дневно 

Тинејџери (13-18 години): 8-10 часа дневно

Возрасни (18-65 години): 7-9 часа дневно

Лица над 65 години: 7-8 часа дневно

Овие препораки се општи и секако постојат лица кои се исклучок од нив и имаат потреба за повеќе или помалку од овие препишани часови. Меѓутоа, иако постојат исклучоци за овие препораки, голем дел од општата популација се смета дека има дефицит од спиење. Според некои проценки, се смета дека 50-70 милиони жители во САД имаат недостаток од сон поради некаква причина. Дури 35,2% од возрасните лица во САД, пријавуваат дека спијат помалку од препорачаниот минимум од 7 часа во текот на денот.

Ваквите бројки покажуваат всушност колку често се потценува и занемарува спиењето. Затоа, не треба да дозволиме обврските и секојдневните проблеми да ни го попречат и одземат времето кое ни е потребно за одмор.

Несоницата кај децата може да продолжи и во подоцнежниот дел од животот

Едно поново истражување покажува дека децата кои имаат чести и долгорочни проблеми и потешкоти со спиењето имаат зголемен ризик за несоница и кога ќе пораснат. Некои проценки велат дека секое четврто дете има потешкотии со заспивањето или со спиењето во континуитет. Инаку, студијата траела околу 20 години и во неа биле вклучени околу 700 деца кои на почетокот биле на возраст меѓу 5 и 12 години. Резултатите покажале дека само 11% од децата кои имале симптоми на несоница, ги изгубиле и имале здрава хигиена на спиење како возрасни. Дури 43% или речиси половина од децата кои имале симптоми на несоница, продолжиле да ги имаат и понатака во животот. 

Еден конкретен параметар значително го зголемува ризикот за појава на ваквите проблеми. Имено, децата кои на возраст од 6-12 години спиеле помалку од 9 часа во текот на ноќта биле класифицирани како т.н „кратки спијачи“. Токму тие имале дополнително поголем ризик за појава на проблеми со спиењето како повозрасни. Ризикот за несоница како возрасни се зголемил за дури двојно кај овие деца. Кај тинејџерите, „кратки спијачи“ се сметаат оние на возраст од 13-17 години кои спијат помалку од 8 часа. Тие имале за дури 5 пати поголем ризик од несоница во годините кои претстоеле.

Што значат ваквите резултати?

Научниците од студијата потенцираат дека резултатите треба да бидат сигнал и поука за родителите дека проблемите со спиењето може да не се само моментални, туку истите може да се пресликаат и во годините кои претстојат. Важно е истите навремено да се препознаат и да се побара можно решение. Работата со стручно медицинско лице може да даде одговор за дел од причините кои може да ги предизвикуваат ваквите проблеми со спиењето. Спиењето е навика и потреба врз која можеме да влијаеме, па затоа истото не треба да се занемарува и игнорира. Редовноста е исто така важна, како и методите кои ќе го опуштат детето пред спиење: читање книга, топла бања, избегнување на електронските апарати непосредно пред спиењето, слушање на смирувачка музика и сл. Сето ова може да помогне и да го олесни заспивањето кај децата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор