fbpx

Неквалитетниот и недоволен сон го ЗГОЛЕМУВА РИЗИКОТ за кардиоваскуларни заболувања!

tonus

На спиењето често не му се посветува доволно внимание, а се смета дека тоа има доста сложен и сериозен ефект врз нашето здравје. Недоволниот сон е чест проблем на денешницата, но многумина го потценуваат и занемаруваат. Сонот често се жртвува за извршување на други обврски. Меѓутоа, постојат голем број истражувања кои долгорочниот или т.н хроничен недостаток од сон го поврзуваат со зголемен ризик за голем број заболувања. Денес, ќе издвоиме едно поново истражување кое ја согледало поврзаноста меѓу недостатокот од сон и зголемениот ризик за кардиоваскуларни проблеми кај средновечната популација.

Зошто е неопходно да имаме редовен и квалитетен сон?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Што се смета за недостаток од сон?

Како недостаток или дефицит од сон се смета спиењето кое е во времетраење пократко од препорачаните 7-9 часа (за возрасните лица). Теоретски, недостатокот од сон се гледа исклучиво преку времетраењето на спиењето. Но, во реалноста, се зема во предвид и квалитетот на спиењето и степенот на одмореност кој се чувствува по будењето. Одредени лица може да спијат и 8 часа во текот на ноќта, но сепак да се разбудат уморни. Тоа може да се должи на чести будења во текот на ноќта, зачестена потреба од мокрење, состојби како спиечка апнеа и сл. Затоа, важно е да се согледа како се чувствуваме во текот на денот, бидејќи често неквалитетниот сон го поништува ефектот на долгиот сон.

Се смета дека постојат три главни типови на недостаток од сон:

Акутен недостаток од сон – подразбира недоволен сон во краток временски период, најчесто неколку денови.

–  Хроничен недостаток од сон – подразбира недостаток од сон кој трае подолго од три месеци и кој е доста поопасен и штетен по здравјето од акутниот недостаток на сон

–   Хроничен дефицит од сон – термин кој опишува долгорочен дефицит од сон, односно комбинација од недоволен сон (помалку од препорачаните 7-9 часа) и лош квалитет на сон (често будење, потешко заспивање и сл.)

Неквалитетниот и недоволен сон може да го зголеми ризикот за кардиоваскуларни проблеми

Постојат повеќе различни студии кои веќе го проучиле ефектот на квалитетот на спиењето врз кардиоваскуларното здравје. Кон оваа литература се приклучила и една неодамнешна студија која го согледала ефектот на квалитетот на спиење врз ризикот за кардиоваскуларни проблеми кај средновечната популација. Во истражувањето биле вклучени околу 6.800 испитаници, со просечна возраст од 53 години. Тие преку прашалници сами го пријавувале нивниот квалитет и квантитет на сон. Од вкупниот број, 663 испитаници носеле и посебни уреди за време на спиењето, кои го мереле нивното време и квалитет на сон.

Што покажале резултатите?

Оние испитаници кои пријавиле дека имаат одредени проблеми со спиењето, имале за 54% поголем ризик за појава на кардиоваскуларни заболувања. Кај оние испитаници кои носеле посебен уред за мерење на сонот, ваквиот ризик се зголемил за дури 141%. Важно е да напоменеме дека вавкиот ризик се зголемува кога се присутни повеќе различни проблеми со спиењето или пак кога постои долгорочен, хроничен недостаток од сон.

Некои проблеми со спиењето кои може да го зголемат ваквиот ризик се:

  • Недоволен сон и т.н „спиечки долг“
  • Потешкотии при самото заспивање
  • Често будење во текот на ноќта, како и отежнато повторно заспивање
  • Будење рано наутро и потешкотии при повторно заспивање
  • Чувство на замор и недоволна одмореност во текот на денот
  • Потреба од три или повеќе дремки во текот на неделата

Покрај проблеми со кардиоваскуларното здравје, ваквите проблеми со спиењето може да доведат и до намалена продуктивност и фокусираност, намалена енергичност, ослабнат имунитет, зголемен ризик и за други заболувања во иднина итн.

[Поврзано: Како недостатокот од сон се поврзува со ризикот за појава на деменција?]

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор