fbpx

Квалитетен и редовен СОН – особено важнo за КАРДИОВАСКУЛАРНОТО ЗДРАВЈЕ!

tonus

Спиењето е од исклучителна важност за нашето здравје, а за жал често е занемарено и потценувано. Веќе имаме зборувано за ваквата важност на нашиот блог, а денес ќе се задржиме на поврзаноста меѓу квалитетниот и редовен сон и кардиоваскуларното здравје

Зошто е важна т.н „хигиена на спиење“?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Што се смета за недостаток од сон?

Како недостаток или дефицит од сон се смета спиењето кое е во времетраење пократко од препорачаните 7-9 часа (за возрасните лица). Теоретски, недостатокот од сон се гледа исклучиво преку времетраењето на спиењето. Но, во реалноста, се зема во предвид и квалитетот на спиењето и степенот на одмореност кој го чувствуваме по будењето. Одредени лица може да спијат и 8 часа во текот на ноќта, но сепак да се разбудат уморни. Тоа може да се должи на чести будења во текот на ноќта, зачестена потреба од мокрење, состојби како спиечка апнеа и сл. Затоа, важно е да се согледа како се чувствуваме во текот на денот, бидејќи често неквалитетниот сон го поништува ефектот на долгиот сон.

Се смета дека постојат три главни типови на недостаток од сон:

Акутен недостаток од сон – подразбира недоволен сон во краток временски период, најчесто неколку денови.

  Хроничен недостаток од сон – подразбира недостаток од сон кој трае подолго од три месеци и кој е доста поопасен и штетен по здравјето од акутниот недостаток на сон

  Хроничен дефицит од сон – термин кој опишува долгорочен дефицит од сон, односно комбинација од недоволен сон (помалку од препорачаните 7-9 часа) и лош квалитет на сон (често будење, потешко заспивање и сл.)

Како влијае сонот врз срцевото здравје?

Постојат повеќе научни студии кои покажуваат дека проблеми со спиењето, како што се недостаток од сон и неконтинуиран сон може да влијаат негативно врз кардиоваскуларното здравје. Без доволен сон, телото не поминува доволно време низ сите стадиуми од сонот и на тој начин не настанува потребната обнова и одмор на организмот. Срцето не е исклучок, па така спиењето е неопходно и за неговата фунцкија и здравје. Затоа, бројни студии покажуваат дека неквалитетниот и недоволен сон се поврзува со: хипертензија, покачен холестерол, зголемен ризик за срцев удар, дијабет, прекумерна тежина, мозочен удар итн.

Во поглед на крвниот притисок, неквалитетниот сон може навистина да има силен импакт. За време на нормално спиење, притисокот се смета дека опаѓа во просек за 10-20%. Ваквиот пад науката го поврзува со исклучителна важност за одржување на срцевото здравје. Доколку не дојде до вакво опаѓање на притисокот за време на спиењето, ризикот за хипертензија се зголемува. Исто така, ваквото опаѓање на притисокот за време на спиењето се поврзува и со намален ризик за срцев или мозочен удар, проблеми со бубрезите и др.

Постојат и бројни студии кои го поврзуваат недостатокот од сон со артериосклероза. Оваа состојба значи дека доаѓа до таложење на т.н „плак“ во крвните садови, намалувајќи го нивниот пречник и сериозно загрозувајќи го здравјето. Тој може да се јави како низа на разни причини, а инфламацијата е една од нив. Слабиот квалитет на сон, меѓу другото, е поврзан и со зголемена инфламација, што може да го зголеми ваквиот ризик. 

Ова би значело дека лицата со веќе постоечки кардиоваскуларни проблеми, треба особено да внимаваат на квалитетот и кванитетот на спиењето. Покрај притисокот и ризикот за артериосклероза, лошата „хигиена на спиење“ може да влијае негативно и на работата на срцето, ризикот за инфаркт и мозочен удар, пулсот и сл. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор