На нашиот блог, веќе имаме зборувано за важноста од квалитетниот сон и здравите навики на спиење во поглед на функцијата и здравјето на имуниот систем. Денес, ќе зборуваме поконкретно за неопходноста од одморот и спиењето за полесно и побрзо справување со настинки или разни инфекции.
Спиејќи се „поправаме”
Правилното спиење му помага на телото во ,,рестартирањето”, односно поправањето на штетата која е причинета во текот на денот највеќе од слободните радикали, изложеноста на стрес и други надворешни влијанија, но и природната обнова на клетките. Во текот на спиењето поголемо е создавањето на протеините во клетките, градбените единици на клетките и молекули кои можат да имаат бројни функции во телото.
Исто така добриот сон го намалува стресот, ги подобрува когнитивните способности, помага при слабеењето, го намалува ризикот од депресија.
Сонот и имунитетот
Бројни студии укажуваат дека квалитетниот сон го помага правилното функционирање на имуниот систем.
Една германска студија на оваа тема дава интересни податоци. Имено, тимот истражувачи открил нов механизам според кој спиењето го помага правилното функционирање на имуниот систем, поточно имуните Т-клетки. Овие клетки се клучни во борбата против интрацелуларните патогени или оние патогени кои се наоѓаат и дејствуваат внатре во клетката. Такви се вирусите, хив, херпес, различни типови на инфлуенца, па и денес актуелните корона вируси.
Истражувачите покажале дека стресните хормони адреналин и норадреналин и про-воспалителните молекули наречени простагландини, ја попречуваат работата на класата протеини наречени интегрини. Заради ниското ниво на сите овие молекули во текот на спиењето, работата на интегрините е полесно овозможена. Функционирањето на интегрините е многу важно за правилното дејство на т.н. Т-имуни клетки. Овие имуни клетки се битни, бидејќи ги убиваат клетките кои се инфицирани со вируси или се малигни, а за таа цел мораат да бидат во директен контакт со таквите клетки. Ова е промовирано од интегрините.
Важноста при борбата со инфекции
Спиењето и одморот се исклучително важни и влијателни врз способноста на телото да закрепне од вирусни инфекции, вклучувајќи ја и обичната настинка. За време на спиењето, телото поминува низ низа ресторативни процеси кои се од витално значење за функцијата на имунолошкиот систем. Еден од најзначајните процеси е зголеменото производство на цитокини, протеини кои ги регулираат имунолошките реакции и воспалението. Одредени цитокини, кои му помагаат на телото да се бори против инфекциите, се произведуваат и се ослободуваат токму за време на спиењето. Дополнително, спиењето ја подобрува активноста на Т-клетките, тип на бели крвни зрнца клучни за идентификување и уништување на клетките инфицирани со вирус.
Недостатокот од адекватен и квалитетен сон може да доведе до намалување на производството на овие имунолошки клетки, слабеејќи ја способноста на телото ефикасно да реагира и да се справува со разните патогени. Дополнително, одморањето и избегнувањето на физичко напрегање го намалува целокупниот физички и ментален стрес, подобрувајќи ја имунолошката фунцкија преку контрола на нивото на кортизол. Познато е дека зголеменото ниво на кортизол, хормонот на стрес, ја попречува активноста на имуните клетки. Затоа, квалитетниот сон и одморањето не само што го олеснуваат побрзото закрепнување од вирусните инфекции, туку помагаат телото подобро и посилно да се избори против истите, а и ја зголемуваат отпорноста кон идни потенцијални заболувања.