fbpx

Дали хроничниот ДЕФИЦИТ НА СОН може да го зголеми ризикот за ХИПЕРТЕНЗИЈА?

tonus

Како и голем број други здравствени состојби, нажалост, хипертензијата е сè повеќе застапена и претставува сериозен проблем и ризик по здравјето на луѓето. Проценките се дека речиси половина од возрасната популација во САД (околу 108 милиони луѓе) има до одреден степен покачен крвен притисок. Само еден од четири луѓе (или околу 25%) го држи под контрола својот крвен притисок. Ваквата алармантна бројка не е само во САД, туку важи и за многу други држави. Дополнително алармантно е што хипертензијата може да нема изразени симптоми, па често луѓето живеат со години без да се свесни дека имаат одреден проблем. Инаку, хипертензијата е тесно поврзана со начинот на живот, а токму денес ќе се задржиме и ќе дискутираме за една неочекувана поврзаност, а тоа е спиењето и неговото влијание врз крвниот притисок.

Што претставува хипертензијата и зошто доаѓа до истата?

Крвниот притисок е мерка за силата (притисокот) со кој крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. Тој се мери преку две вредности:

–       Систолички или т.н горна вредност за крвниот притисок, ја покажува вредноста за притисокот во артериите во текот на една контракција на срцевиот мускул

"“Online”/

–      Диастолички или долната вредност при мерењето, го покажува притисокот во артериите измеѓу две срцеви контракции.

Висок крвен притисок или хипертензија, е состојба кога ваквото притискање врз крвните садови е прекумерно, за време на подолг временски период. Притисокот подложи на промени во текот на денот, во зависност од нашите активности. Но, доколку преку целиот ден имаме покачени вредности за крвен притисок, тоа значи дека е можно да имаме состојба на хипертензија. Најчесто вредносите при кои се смета дека има покачен притисок се 140/90 mmHg.

Постојат две форми на хипертензија:

 

  • Примарна – се појавува со стареењето и за неа нема очигледна причина.
  • Секундарна – се јавува побрзо и нагло и може да биде поизразена и опасна од примарната. Како главни ризик фактори за нејзина појава се:

 

  • Бубрежни заболувања
  • Опструктивна спиечка апнеа
  • Вродени срцеви заболувања
  • Проблеми со тироидната жлезда
  • Честа употреба на алкохол
  • Проблеми со надбубрежните жлезди

Може ли недостатокот од сон да предизвика покачување на крвниот притисок?

Едноставниот и краток одговор на ова прашање е – најверојатно да. Спиењето помалку од препораките на експертите (помалку од 7 часа) докажано влијае штетно на целокупното здравје, особено доколку е застапено подолго време. Недостатокот од сон се поврзува и со зголемен стрес, а со тоа и зголемен ризик за кардиоваскуларни проблеми. Дополнително, работата во смени исто така се поврзува со покачување на притисокот, а на оваа тема имаме пишувано во претходна статија.

Се смета дека хроничниот, сериозен недостаток од сон значително го зголемува ризикот за покачување на крвниот притисок. Ова главно се должи на нарушената контрола врз нивоата на хормони кои воглавно се регулираат кога спиеме. Постепено, недостатокот од сон може да направи хормонален дисбаланс и со тоа да предизвика покачување на притисокот.

Една студија спроведена во Кина во 2019 година, опфатила над 33.000 испитаници. Преку повеќе различни методи бил оценуван нивниот квалитет на спиење, а бил мерен и нивниот крвен притисок.  Од вкупниот број испитаници, 53% биле жени, а просечната возраст била 48 години.

Резултатите од студијата покажале дека покачувањето на крвниот притисок било особено забележително кај лицата со послаб квалитет и времетраење на сонот. Кај оние со хроничен недостаток од сон, хипертензијата била присутна со над 58%.

Во друга студија биле вклучени над 9.000 испитаници, од кои 57% биле жени. Од вкупниот број, околу 3000 испитаници или над 30%, пројавиле хипертензија за време на студијата. Истражувањето покажало дека неквалитетниот и недоволен сон бил сериозен ризик фактор за појавата на покачен крвен притисок. Во поглед на возраста, студијата покажала дека недостатокот и неквалитетниот сон бил поголем ризик фактор за хипертензија кај помладата и средновечната популација.

Препораки за подобар квалитет на спиењето

За да го подобриме нашето целокупно здравје, можеби наједноставно и најефективно е да започнеме со менување на нашите секојдневни навики. Во поглед на спиењето, постојат одредени препораки кои може да го подобрат неговиот квалитет, а со нивно редовно практикување може и значително да се подобри т.н „хигиена на спиење“.

Некои општи совети за подобар сон се:

  • Лимитирање и целосно избегнување на кофеинот пред спиење.
  • Намалена изложеност кон светлина пред заспивање
  • Практикување на дремки, но не премногу долги и доцна во денот
  • Обидете се да постигнете некаков ритам во спиењето
  • Во консултација со лекар, користете мелатонински суплементи
  • Избегнувајте го алкохолот
  • Собата во која спиете нека е темна, проветрена, тивка
  • Не јадете непосредно пред спиење, особено храна богата со  шеќери
  • Пред заспивање, практикувајте релаксирачко туширање

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор