fbpx

Што треба да направите доколку ви се СПИЕ додека ВОЗИТЕ?

tonus

Сезоната на годишните одмори е веќе одамна започната, па така патувањето е доста зачестено за многумина. Поради високите температури, сите сме свесни за препораките за редовно и доволно консумирање на течности, јадење на лесна храна и избегнување на директна изложеност на сонце во најтоплите периоди. Но, какви се препораките во поглед на спиењето за време на ваквите патувања, особено за возачите? Денес, ќе зборуваме накратко на оваа тема, односно ќе погледнеме кои се најдобрите препораки за да се избегне многу опасното заспивање за време на возењето.

Зошто е важна т.н „хигиена на спиење“?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Недостатокот од сон е исклучително ризичен при патување

Покрај основните, фундаментални придобивки од редовниот и квалитетен сон, тој е од особено значење за лицата кои возат при подолги патувања. Во САД, се проценува дека во 2017 година, околу 91.000 несреќи се случиле како резултат на возачи кои заспале позади воланот. Ова претставува исклучително ризична ситуација, која секој возач треба да ја разбере максимално сериозно.

Ваквата поспаност при возењето е нажалост доста честа и на некој начин „нормална“ и очекувана реакција кај лицата кои имаат недостаток од сон. Ваквата состојба за време на возењето некои експерти ја споредуваат со возење под дејство на алкохол, бидејќи ефектите може да бидат доста слични. Тука може да се вбројат – намалена внимателност, координација, забавено време на реакција, лоша проценка на ситуации и сл. Лицата кои работат во смени, кои често патуваат, лица кои имаат долги и напорни смени, лица со нарушувања на спиењето, како и лица кои користат одредени лекарства – се особено подложни на ризиците од поспаност при возење.

Кои се најчестите симптоми на поспаност за време на возењето?

Телото секогаш дава одредени сигнали кои укажуваат на одредена поспаност и замор. Тие не треба да се игнорираат и доколку ги забележите кај лицето кое вози, треба веднаш да реагирате, да го запрете возилото и да направите пауза.

Најчестите предупредувачки сигнали се:

  • Често зевање или трепкање со очите
  • Чувство на „исклучување“ или губење на вниманието
  • Потешкотии при одржување на главата во исправена положба
  • Игнорирање на знаците и останатите возила околу вас
  • Потешкотии во одржувањето на правецот на возилото

Што да направите доколку се јави, но и како да ја избегнете ваквата поспаност?

Како што рековме, доколку се чувствувате поспано или забележите некој од горенаведените знаци, треба веднаш да запрете со возењето и да најдете соодветно место каде ќе одморите. Дури и 15-20 минутна дремка може значително да ви помогне да се чувствувате освежено. Се препорачува да се напиете вода, да излезете од возилото и да се раздвижите. Доколку сте во можност, најдобро е да преноќите и целосно да се одморите.

Кафето и останатите енергетски пијалоци се добри како краткотрајно решение, но не треба во никој случај да ги сметате за нешто што ќе направи заморот и поспаноста да исчезнат.

Со цел воопшто да не дојде до ваков замор за време на патувањето, се препорачува:

  • Наспијте се долго и квалитетно пред самото патување – 7-9 часовен сон е неопходен за нормално, оптимално функционирање. Спиењето помалку од ваквата препорака, ве става во поголем ризик за можна поспаност и замор за време на патувањето. За младите, помалку искусни возачи, ваквата препорака е дополнително нагласена и важна. Доколку се чувствувате уморно и имате сериозна потреба од сон уште на самиот почеток, можеби е најдобро да одморите пред започување со патувањето.
  • Возете во период кога телото е „будно“ и кога има најмалку потреба од сон – возењето навечер секогаш се смета за поризично, бидејќи тогаш потребата за сон е најголема. Се смета дека периодот измеѓу полноќ и шест часот наутро е кога најголемиот број од несреќите поради заспивање се случуваат.
  • Целосно одбегнете го алкохолот, без разлика ако е консумацијата повеќе часа пред патувањето.
  • Подобрете ја хигиената на спиење – легнувајте во приближно исти периоди, спијте во соба која е темна, тивка и не премногу топла, избегнувајте електронски уреди непосредно пред спиењето, избегнувајте го кафето неколку часа пред спиење, избегнувајте го алкохолот и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор