fbpx

РЕДОВЕН СОН – неопходен за одржување на функцијата и ЗДРАВЈЕТО НА МОЗОКОТ!

tonus

Со денешното брзо темпо, често се наоѓаме во ситуација да го жртвуваме сонот за завршување на некаква задача или обврска. Наредниот ден се чувствуваме заморено, нерасположено и надразливо. Се обидуваме да го компензираме ваквиот недостаток од сон и со наредното квалитетно спиење речиси целиот замор исчезнува. Но, чувствата на измореност и безенергичност не се единствената последица од недостаток од сон. Спиењето има навистина комплексна и важна улога во одржување на нашето целокупно здравје, особено на нашиот мозок. Поради тоа, денес ќе зборуваме за една нова студија која дополнително ја истакнува неопходнста од квалитетен и доволен сон.

Зошто е важна т.н „хигиена на спиење“?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Што се смета за недостаток од сон?

Како недостаток или дефицит од сон се смета спиењето кое е во времетраење пократко од препорачаните 7-9 часа (за возрасните лица). Теоретски, недостатокот од сон се гледа исклучиво преку времетраењето на спиењето. Но, во реалноста, се зема во предвид и квалитетот на спиењето и степенот на одмореност кој го чувствуваме по будењето. Одредени лица може да спијат и 8 часа во текот на ноќта, но сепак да се разбудат уморни. Тоа може да се должи на чести будења во текот на ноќта, зачестена потреба од мокрење, состојби како спиечка апнеа и сл. Затоа, важно е да се согледа како се чувствуваме во текот на денот, бидејќи често неквалитетниот сон го поништува ефектот на долгиот сон.

Се смета дека постојат три главни типови на недостаток од сон:

Акутен недостаток од сон – подразбира недоволен сон во краток временски период, најчесто неколку денови.

  Хроничен недостаток од сон – подразбира недостаток од сон кој трае подолго од три месеци и кој е доста поопасен и штетен по здравјето од акутниот недостаток на сон

  Хроничен дефицит од сон – термин кој опишува долгорочен дефицит од сон, односно комбинација од недоволен сон (помалку од препорачаните 7-9 часа) и лош квалитет на сон (често будење, потешко заспивање и сл.)

Како спиењето го одржува здравјето на мозокот?

Едно ново истражување од Финска, се надоврзува на претходните сознанија дека спиењето е период кога мозокот е доста активен и се ослободува од „штетните“ материи. Во оваа конкретна студија биле вклучени 25 испитаници, а научниците сметаат дека резултатите можат да помогнат при разбирање на поврзаноста меѓу сонот и деменцијата, како и Алцхајмеровата болест.

Во студијата биле анализирани т.н „пулсирања“ кои се јавуваат во течноста која го опкружува мозокот. Според научниците, ваквите „пулсирања“ се случуваат постојано, односно со стеснувањето и проширувањето на околните крвни садови, со срцебиењето, со дишењето. Ваквото движење на течноста помага да се замени старата течност која континуирано се насобира околу мозокот, со нова, свежа течност. Кога спиеме, ваквото движење ги отстранува непосакуваните и понекогаш штетни материи од мозокот. Доколку дојде до нивно акумулирање тие може дури да бидат токсични и штетни и да предизвикаат оштетување и попречено комуницирање помеѓу околните неврони. На пример, се смета дека акумулирањето на молекули наречени бета-амилоиди може да доведе до спречување на нормалната комуникација меѓу невроните. Ова може да биде ризик фактор за појава на Алцхајмерова болест.

Што покажале резултатите од истражувањето?

Во студијата била анализирана активноста на мозокот на испитаниците кога биле будни и кога спиеле. Активноста била посилна и постабилна кога испитаниците спиеле, отколку кога биле будни. За време на спиењето, одредени „пулсирања“ биле засилени во задниот дел од мозокот и научниците утврдиле дека тие се слични со т.н „делта бранови“активност која се јавува во мозокот при подлабоките фази од сонот. Ваквите делта бранови исто така се асоцираат со отстранување на штетните супстанци околу мозокот. Овие резултати соодвестуваат со претходни истражувања дека течноста околу мозокот се движи повеќе за време на спиењето.

Дополнително, овие откритија одат во прилог на веќе постоечките препораки – редовен, квалитетен сон во времетраење од 7-9 часа (за возрасни лица) помага за одржување на здравјето на мозокот. Претходни студии покажале дека само една ноќ со недоволно спиење, доведува до акумулација на веќе споменатите бета-амилоиди кои се штетни за мозокот. Долгорочниот недостаток од сон се поврзува со нарушено здравје на мозокот, ослабната меморија, зголемен ризик за деменција и Алцхајмерова болест и сл. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор