fbpx

Коронарни срцеви заболувања – што претставуваат и како исхраната помага?

tonus

Кардиоваскуларните заболувања претставуваат број 1 здравствен проблем кај општата популација и се заслужни за најголемиот број на смртни случаи секоја година. Проценките се дека, во 2019 година, 17,9 милиони луѓе умреле како последица од некое срцево заболување. Оваа бројка е екстремно алармантна и всушност претставува 32% од вкупниот број на смртни случаи таа година. Од оваа бројка, над 7 милиони смртни случаи се препишуваат на коронарните срцеви заболувања.

Исто така, од овие речиси 18 милиони, 85% биле случаи на инфаркт и мозочен удар, а се смета дека дури 75% од смртните случаи се случуваат во земји каде доминираат ниски и средно-ниски примања. Бројката од речиси 18 милиони е значителна и загрижувачка, а многу ретко се зборува и се апелира за ваквиот проблем. Исто така, воочлив е и големиот удел на смртни случаи кој се резултат на коронарните срцеви заболувања, па токму поради тоа, односно поради сериозноста на овој тип здравствена состојба, денешната статија ја посветуваме токму на оваа состојба.

 

"“Online”/

Што претставуваат коронарните срцеви заболувања?

 

Како што веќе споменавме, овој тип на срцеви заболувања се смета за еден од најчестите и за здравствен проблем кој нажалост одзема повеќе милиони човечки животи годишно. Со поимот коронарни срцеви заболувања се опишува здравствена состојба каде доаѓа до нарушен или блокиран доток на крв до срцевиот мускул, поради појава на внатрешни масни наслаги во коронарните артерии. Со тек на време, доаѓа до акумулација и затнување на крвните садови, а на тој начин сериозно се отежнува протокот на крв. Ваквиот недостиг од крв може да го намали количеството на кислород и нутриенти кои се носат до срцевиот мускул и на тој начин да предизвика негово неправилно функционирање.

Ваквата состојба е силно зависна од начинот на живот и нашите навики. Ризикот се зголемува со навики како пушење и прекумерно консумирање алкохол, но и со одредени други здравствени состојби – покачен холестерол, хипертензија или дијабет.

 

Најчестите симптоми за појава на коронарни срцеви заболувања се:

  • Болки во градите
  • Недостаток на воздух (плитко дишење)
  • Болки низ други делови од телото
  • Блага вртоглавица
  • Лошење

 

Но, симптомите не се исти за секого, па некои лица може да немаат воопшто никаков симптом, а сепак да ја имаат ваквата состојба.

 

Најчести животни фактори поради кои доаѓа до оваа состојба се: нездрав начин на живот, лоша исхрана, недоволна физичка активност, пушење, нетретирање на покачените нивоа на холестерол и шеќер, прекумерно консумирање на алкохол и сл.

 

Како исхраната може да помогне при ваквата состојба и што треба таа да вклучува?

 

Бидејќи ваквата состојба може да се влошува и наслагите во внатрешноста на крвните садови да се акумулираат, промените во начинот на живеење може да имаат огромна улога. Секако, некогаш е неопходна употреба и на одредени лекарства, но паралелно со нив може и треба да се внимава и на исхраната.

Во овој поглед, треба да се настојува да се консумира:

 

1 . Свежо овошје и зеленчук

 

Свежите намирници се одличен извор на голем број витамини и минерали, како и на разни фитохемикалии – првенствено антиоксиданти. Дополнително, свежите овошја и зеленчуци се најчесто и исклучително ниско калорични и на тој начин се одличен избор доколку е потребно да се регулира и намали телесната тежина. Тие се исто така одличен извор на растителни влакна со што може да помогнат при намалување на покачениот холестерол – еден од главните ризик фактори за појава на коронарни срцеви заболувања. Се препорачува секојдневно да се консумираат што е можно повеќе различни зеленчуци и барем неколку свежи овошја, најдобро сезонски.

 

2 . Полнозрнести житарки

 

Полнозрнестите, односно интегрални или нерафинирани житарки и нивните брашна претставуваат одличен извор на растителни влакна, минерали, витамини и комплексни јаглехидрати. Во зависност од житарката, тие може да бидат и значителен извор на протеини. Пекарските производи добиени од интегрални брашна се далеку поздрави и понутритивни од производите добиени од бели, рафинирани брашна. Тие се извор на повеќе нутриенти, а делуваат и подобро и поумерено врз покачувањето на шеќерот во крвта, па на тој начин се подобар избор за луѓето со дијабет. Инаку, споменавме дека дијабетот претставува дополнителен ризик фактор за појава на проблеми со коронарните крвни садови. Доколку сакате да прочитате повеќе околу бројните здравствени бенефити кои ги нудат полнозрнестите житарки, кликнете тука.

 

3 . Храна која содржи здрави масти

 

Консумирањето на храна која содржи здрави масти (незаситени, полинезаситени, масти кои содржат омега-3 масни киселини) може да има исклучително корисен ефект за здравјето на срцето. Исто така, треба да се внимава на внесот на заситени масти и особено да се внимава, па дури и елиминира внесот на транс мастите. Овој тип на масти може да доведе до покачено ниво на холестерол, а со тоа и зголемен ризик за кардиоваскуларни проблеми и коронарни срцеви заболувања. Пржената и високо процесирана храна заменете ја со храна која претставува извор на здрави и корисни масти – риба, јаткасти плодови, растителни или масла од јатки, семиња, авокадо и сл.

Извори на масти кои треба да се лимитираат или избегнуваат се: путер, сланина и сувомеснати производи, пржени намирници, маргарин, масни парчиња месо, полномасни млечни продукти и сл.

 

4 . Храна која е добар извор на протеини, а не содржи големо количество масти

 

Парчиња месо кои не се премногу масни, пилешкото и мисиркиното месо како и рибата се едни од најдобрите опции за внес на протеини без преголем внес на масти. Настојувајте да ги отсраните масните делови од месото, а доколку консумирате млеко и млечни продукти, тие нека се со помала масленост.

Рибата претставува една од најдобрите опции, бидејќи содржи одлична комбинација на протеини, здрави масти и витамини. Омега-3 масните киселини присутни во рибата може да имаат позитивно влијание врз нивото на триглицериди во крвта, како и да имаат антивоспалителен ефект. Покрај рибиното месо, добар извор на омега-3 масни киселини се и оревите, лененото семе и сојата.

Покрај месото и млечните продукти, мешунките претставуваат одличен извор на протеини, растителни влакна и јаглехидрати, а имаат прилично мала содржина на масти. Пожелно е голем дел од протеините да се внесуваат и од растително потекло. На овој начин се намалува внесот на масти, а се зголемува внесот на растителни влакна.

Избегнувајте ги парчињата месо со голем процент масти, полномасните млечни продукти, преработената и процесирана храна, пржени намирници и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор