fbpx

Сексуално преносливи болести како предизвик за јавното здравје – Како до ефективна заштита?

tonus

Сексуалноста е една од основните карактеристики на човекот. Но за жал, честопати исходот од сексуалниот чин знае да фати несакан правец – сексуално преносливи заболувања (СПЗ).

 

Во денешно време, венеричните болести, односно вирусите кои ги предизвикуваат, се шират со брзина на шумски пожари. Така, овој тип заболувања станува сериозен проблем за јавното здравје или здравјето на нашата заедница.

 

[Поврано: Дали сексот се брои за физичка активност и колку е ризичен за срцето?]

"“Online”/

 

Сериозноста на проблемот со СПЗ јасно може да се забележи кога ќе се погледнат статистиките на Светската здравствена организација.

Во овој контекст, ќе наведеме само неколку факти:

 

  • Во светски рамки, секојдневно се дијагностицираат околу 1 милион нови случаи на сексуално преносливи болести.
  • На годишно ниво, се проценува дека има над 376 милиони нови инфекции со некоја од следните СПЗ: кламидија, гонореја, сифилис и трихомонас.
  • Се проценува дека над 500 милиони луѓе имаат генитална инфекција со херпес симплекс вирус (ХСВ).
  • Повеќе од 290 милиони жени имаат ХПВ.
  • Во одредени случаи, СПЗ можат да предизвикаат одредени сериозни репродуктивни проблеми, но и проблеми со општата здравствена состојба.
  • Во последно време истражувањата покажуваат дека одредени соеви на микроорганизми стануваат сè поотпорни на препишаната терапија.
  • Одредени најчести СПЗ, се вбројуваат во првите ризик фактори за неплодност кај жените.

 

[Можеби ќе ве интересира: Ендометриоза – совети за начин на живот]

 

Добар дел од најчестите сексуално преносливите болести не можат целосно да се излекуваат

 

Повеќе од 30 различни патогени бактерии, вируси и паразити можат да бидат пренесени преку сексуалниот однос. 8 од нив се најчести, а 4 во овој момент можеме многу успешно да ги лекуваме: сифилис, гонореја, кламидија и трихомонас. Останатите се вирусни инфекции што се неизлечиви: хепатитис Б, херпес симплекс вирус, познатиот ХИВ вирус, како и ХПВ. Симптомите или заболувањата предизвикани од овие неизлечиви вирални инфекции, можат да бидат намалени или модификувани со одредени третмани.

 

Заради овие причини, кај овие заболувања како посебно важна се јавува ПРЕВЕНЦИЈАТА.

 

 

Помладите се најранливата категорија

 

Иако сексуално преносливите болести се случуваат помеѓу целото население без разлика на годините, младите се најранливи. Имено, според статистиките на CDC, дури 50% од сите нови СПЗ се случуваат кај лицата на возраст од 15 до 24 години.

 

Имајќи го предвид овој факт, јасно е дека треба да се работи повеќе на свесноста и информираноста на младите луѓе околу СПЗ и за тоа што значи да се има здрав сексуален живот.

 

 

Симптомите честопати изостануваат

 

СПЗ предоминантно се пренесуваат преку сексуален контакт, вклучително вагинален, анален и орален секс. Но, одредени заболувања од овој тип можат да се пренесат и преку крвта или нејзините продукти, па дури и преку кожата и плунката. Повеќе СПЗ исто така можат да се пренесуваат од мајката на детето, во периодот на бременоста и доењето.

 

За жал, една личност може да биде носител на одредено сексуално преносливо заболување без воопшто да знае за тоа, односно без да има било какви симптоми. Кога симптомите се појавуваат, тие најчесто се:

  • вагинален исцедок (исцедок од пенисот)
  • болки или непријатности при сексуалниот чин или мокрењето
  • болки, чешање или исфрлена кожа околу вагината (пенисот), тестисите, анусот, бутовите или устата

 

 

Неколку од најчестите сексуално преносливи болести, со соодветните симптоми

 

  • Кламидија – најчесто без симптоми, но кога се развиваат, вклучуваат: болки за време на сексот, зелен или жолт исцедок од половите органи, болки во пределот на стомакот. Ако не се третира, може да води кон посериозни инфекции на мочните канали, простатата, тестисите и да водат кон сериозни проблеми со фертилноста. Се третира со антибиотска терапија.

 

[Поврзано: ПРОСТАТА – што треба да знаете за ПСА тестот?]

 

  • ХПВ – најчестите симптоми се брадавици на гениталиите, устата и грлото. Одредени соеви од овој вирус можат да водат кон навистина сериозни, малигни промени. Сепак, најчесто, ХПВ вирусите самите се повлекуваат, но за среќа постои и вакцина што може да ги превенира инфекциите и несаканите последици.
  • Сифилис – чешање, покачена телесна температура, треска, главоболки, болки во зглобовите, нагло губење телесна тежина, губење на косата. Ако не се третира, може да води кон губење на видот, слухот, меморијата, различни ментални заболувања, инфекции на мозокот, па дури и кон смртен исход. За среќа, ако третманот почне навремено, сифилисот релативно лесно се решава со антибиотска терапија.
  • Гонореја – бел, жолт или кафенкаст исцедок од половите органи, болен сексуален однос и мокрење, чешање и болки околу половите органи. Создава слични проблеми како кламидијата и се третира исто така со антибиотска терапија.
  • Трихомонијаза – исцедок од половите органи, чувство на горење и чешање околу пенисот или вагината, болки при секс или уринирање, зачестено мокрење. Создава слични проблеми како хламидијата и се третира исто така со антибиотска терапија.

 

[Поврзано: БОЈАТА на урината кажува многу за вашето здравје!]

 

  • Генитален херпес – чешање и непријатност во пределот на гениталиите, зголемена телесна температура, болки во мускулите, непријатност за време на мокрењето, отоци на жлездите во пределот на препоните и слично.

 

Превенцијата пред сè!

 

Сите полово активни лица мораат да знаат што значи да се има сигурен секс. Секој полов однос без заштита е потенцијална сериозна опасност од зараза.

 

Половите болести не се застапени само кај лицата што менуваат премногу партнери или кај оние ,,неубавите, гнасните и лошите”. Буквално секој сексуално активен човек може да е потенцијален носител на одреден патоген организам што предизвикува СПЗ.

Како што веќе кажавме, голем проблем може да биде и фактот што веројатно повеќе од половината носители на вакви заболувања не се ниту свесни за тоа.

 

Опасностите од половите болести не се само во однос на општата здравствена состојба, туку можат значително да ги оштетат половите органи, водејќи кон неплодност.

 

 

Мерки за превенирање на СПЗ

 

Избегнувањето на сексуалните односи секако не е решение на проблемот со СПЗ. Го споменавме поимот сигурен секс. Што тој подразбира?

 

Во кратки црти, безбедниот или сигурен секс подразбира сексуален однос кој не вклучува размена на полова течност или крв помеѓу партнерите. Редовните прегледи и редовната употреба на контрацепција (пред сè кондомите), драматично го намлаува ризикот од најголемиот дел на најчестите СПЗ.

 

Други кратки совети за побезбеден секс:

 

  • Научете да ги користите кондомите на правилниот начин.
  • Што е можно повеќе едуцирајте се на тема сексуално преносливи заболувања и заштита од нив.
  • Имањето секс само со еден партнер, при што никој од вас нема СПЗ, е најсигурниот начин да имате секс.
  • Редовни скрининзи за потенцијални СПЗ.
  • Комуникација со партнерот во однос на сексот и работите во кои ужива/не ги сака.
  • Носете ги одлуките за секс кога не сте под некакво дејство на алкохол или други опијати.
  • Користете други дополнителни контрацептивни средства, покрај кондомот.

 

Ако веќе сметате дека сте имале небезбеден секс, добро е што е можно поскоро да направите превентивен преглед кај лекарот што ве следи.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор