fbpx

Дали СТРЕСОТ може да го покачи нивото на ХОЛЕСТЕРОЛ?

tonus

Стресот е нажалост неизбежен дел од нашето секојдневие. Тој е составен дел од секојдневните обврски, контактот со луѓето околу нас, нашите врски со најблиските и сл. Но, секој од нас мора да развие одредени вештини за да може да живее и го контролира стресот. Инаку, стресот навистина може да го загрози нашето здравје, да влијае на нашето ментално здравје и расположение и да го наруши секојдневното функционирање. Покрај многуте штетни ефекти на стресот, тој може да влијае и на нивото на холестерол, нешто на што ќе се задржиме во продолжение.

Што претставува стресот и која форма е особено опасна и штетна?

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста. Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок. Стресот го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

"“Online”/

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото.

Хроничниот стрес може сериозно да го наруши здравјето и да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Симптомите и ефектите од хроничниот стрес може да се поделат во повеќе категории:

  • Емоционални – надразливост, фрустрираност, потешкотии при враќање во релаксирана состојба, избегнување на контакт со други луѓе
  • Физички – ниско ниво на енергија, главоболки, несоница, болки во мускулите, чести настинки, сува уста, испотени дланки и сл.
  • Когнитивни – константна загриженост, постојано мислење и фокусирање на проблемот, проблеми со меморијата, намалена концентрација, песимизам и сл.
  • Промени во апетитот, спиењето, навиките, мотивираноста и др.

Може ли стресот да го покачи холестеролот?

Една студија која опфатила над 90,000 испитаници, ја проучувала поврзаноста меѓу стресот и холестеролот, односно биле испитувани лица кои имаат работно место кое го сметаат за стресно. Оваа студија покажала дека сепак постои потврдена и значителна поврзаност меѓу стресот и покачените нивоа на холестерол.

Друга студија објавена од 2017, исто така покажала дека зачестената изложеност кон стрес, доведува до покачени нивоа на т.н „лош“ или LDL холестерол, но и на триглицериди. Испитаниците во оваа студија имале и намалени вредности за „добриот“ HDL холестерол.

Научниците го објаснуваат ваквиот ефект на стресот преку неколку механизми. Прво, стресот е главната причина за лачење на хормонот кортизол, кој пак исто така се нарекува и „стрес хормон“. Доколку кортизолот е во високи концентрации во крвта, тој може да: ги зголеми масните наслаги (особено во пределот на стомакот), да влијае на создавањето на масно ткиво низ телото, да го зголеми апетитот и сл. Исто така, за време на стресни ситуации луѓето најчесто прават полош избор во поглед на намирниците и храната. Тие наоѓаат „утеха“ во калорична, процесирана и нездрава храна, па затоа често се случува кога сме под стрес да јадеме: чипс, помфрит, пржена храна, слатки, сладолед итн. Ова влијае негативно на целокупното здравје, а допринесува и за покачени нивоа на холестерол.

Стресот исто така ја зголемува и инфламацијата во организмот, па долгорочната изложеност кон стрес може да значи и хронична инфламација. Ова е особено штетно и се поврзува со покачување на холестеролот, покрај низа на други здравствени проблеми.

Исто така, нашето тело реагира поинаку кога сме под стрес, па често излачува слободни масни киселини и глукоза, со цел да добиеме брз и лесно достапен извор на енергија. Генетски, стресот е реакција на телото кон некаква опасност и тоа смета дека имаме потреба од голема количина на енергија со цел да можеме да се справиме со опасноста. Но, денешните стресни ситуации се често безопасни и ние немаме потреба од таа енергија, па ослободените шеќери и масти ќе останат неискористени, а тоа може долгорочно да доведе до покачување и на холестеролот и масните наслаги.

Стресот може да е особено штетен за лицата со веќе нарушено кардиоваскуларно здравје

Добро знаеме дека не секој реагира еднакво кон стресни ситуации. Но, науката открила дека кај некои лица особено срцето може различно да реагира на стрес. На пример, под стресни ситуации, крвниот притисок кај некои луѓе значително повеќе расте, за разлика од некои каде тој не бележи значително зголемување. Ваквата „реактивност“ на кардиоваскуларниот систем кон стрес, ги става одредени лица во категорија каде ризикот за здравствени проблеми е поголем. Лицата кои имаат покачен холестерол, веќе се сметаат за ризична група, па затоа стресот навистина треба да го менаџираат или избегнуваат. За оние чии кардиоваскуларен систем е особено „реактивен“ на стрес, ризикот за инфаркт или мозочен удар е повисок. 

Поради тоа, постојат некои едноставни, но ефективни препораки за менаџирање на стресот и намалување на ризикот од компликации. Дел од нив се:

  • Следење на здрава, балансирана исхрана заснована на растителни намирници, житарки, риба и сл.
  • Редовна физичка активност
  • Практикување на релаксирачки активности
  • Одржување на здрав баланс помеѓу работата и приватниот живот
  • Социјализирање со најблиските
  • Здрави навики за спиење и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор