fbpx

СТРЕСОТ и неговиот ефект врз биолошкото „стареење“!

tonus

Стресот е добро познат, составен дел на денешницата и нажалост речиси секој од нас се соочува со него секојдневно. Без разлика кој и да е изворот (работа, училиште, факултет, обврски, здравје) стресот е крајно штетен и деструктивен – како врз нашето физичко здравје, така и врз менталното. Бидејќи е тема на голем број истражувања, секојдневно се појавуваат нови или се надополнуваат старите, познати ефекти на стресот. Еден таков штетен ефект на стресот е и „биолошкото стареење“, односно дејството на стресот врз нашите клетки.

Што претставува стресот и која форма е особено опасна и штетна?

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста. Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок. Стресот го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

"“Online”/

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото.

Хроничниот стрес може сериозно да го наруши здравјето и да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Симптомите и ефектите од хроничниот стрес може да се поделат во повеќе категории:

–       Емоционални – надразливост, фрустрираност, потешкотии при враќање во релаксирана состојба, избегнување на контакт со други луѓе

–       Физички – ниско ниво на енергија, главоболки, несоница, болки во мускулите, чести настинки, сува уста, испотени дланки и сл.

–       Когнитивни – константна загриженост, постојано мислење и фокусирање на проблемот, проблеми со меморијата, намалена концентрација, песимизам и сл.

–       Промени во апетитот, спиењето, навиките, мотивираноста и др.

Како стресот ги „остарува“ нашите клетки?

Иако ова можеби не звучи како нова информација, науката досега немала начин како го измери ваквиот ефект на стресот врз нашето тело. Но, веќе подолго време, научниците имаат начин како може да ја откријат староста на било кој организам – особено преку промените кои настануваат во ДНК-та. Еден индикатор се истакнува во овој процес, а тоа е метилизирањето на одредени места на ДНК-та. Накратко објаснето, метилизирање или прикачувањето на метилни групи на молекулата на ДНК е појава која често се асоцира со репарацијата на молекулата и е нешто што може да послужи за да се измери биолошкото „стареење“ на еден организам. Ваквото мерење е т.н и епигенетско.

Во периодот од 2008-2012, над 400 здрави испитаници на возраст од 18-50 години биле вклучени во студија која имала за цел да го утврди ефектот на стресот врз ваквото т.н „биолошко стареење“. Биле мерени нивните општи физички параметри, како и нивото на глукоза, инсулин, кортизол и сл. Преку прашалници и интервјуа била проценета нивната изложеност кон стрес, кумулиран стрес, како и нивната психолошка отпорност, само-контрола и емоционално справување.

Што покажале истражувањата?

Резултатите покажале дека зголемениот кумулативен стрес може директно да се поврзе со забрзано биолошко стареење, како и зголемена инсулинска резистентност. Од друга страна, истражувањето покажува дека доброто емоционално справување ги намалува ефектите на стресот, но  и добрата само-контрола има исто така позитивен ефект – особено во поглед на инсулинската резистентност. Нажалост, несаканото дејство на стресот е речиси неизбежно, но сепак резултатите покажуваат дека со соодветни методи и поинаков пристап кон проблемите, може да ги ублажиме ваквите штетни ефекти кои истиот ги носи. Затоа е важно да се усвои соодветен и здрав начин за справување и живеење со стресот, бидејќи тој е дел од секојдневието, а доколку се потценува – може да има сериозни и штетни ефекти врз нашето здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор