fbpx

СТРЕСОТ – природна реакција на телото или потенцијален уништувач на здравјето?

tonus

Стресот е дел од секојдневниот живот. Безброј ситуации се надвор од нашата контрола и како такви може да бидат извор на стрес. Многу од луѓето се навикнати и се справуваат со стрес секојдневно. Понекогаш не сме ни целосно свесни дека сме напнати, нервозни и константно загрижени околу нешто. Но, покрај нервозата и напнатоста како најдобро познати симптоми на стресот, истиот може да има низа на позадински ефекти врз телото и здравјето. Ваквите ефекти се многубројни и различни, па токму поради тоа тие ќе бидат тема на нашата денешна статија.

 

Што претставува стресот и кои се неговите најчести симптоми?

 

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста. Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок.

Таа го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

"“Online”/

 

Стресот и денешницата

 

Нашите предци честопати имале загрозувачки, опасни ситуации каде ваквата природна реакција ги заштитувала и им помагала да преживеат. Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото.

 

Кои промени се случуваат во телото како одговор на стресна ситуација?

 

1 . Централниот нервен систем и ендокриниот систем

 

Претходно споменатиот „fight or flight“ одговор на телото е директно поврзан со централниот нервен систем. Хипоталамусот ја започнува реакцијата така што на надбубрежните жлезди им дава сигнал да испуштаат стрес хормони – првенствено адреналин и кортизол. Овие хормони го зголемуваат пулсот и протокот на крв до најклучните делови од телото – мускулите, срцето и органите.

По завршување на стресната ситуација, хипоталамусот го прекинува сигнализирањето и телото се враќа во нормална, смирена состојба.

 

2 . Респираторниот и кардиоваскуларниот систем

 

Стрес хормоните – адреналин и кортизол директно делуваат и на респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Одговорот на телото кон стресната ситуација доведува до забрзано дишење, со цел подобра и побрза распределба на кислород низ телото. Кај луѓето со астма ова може да предизвика сериозни потешкотии со дишењето.

Покрај дишењето и срцебиењето се забрзува, со цел поголем проток на крв низ организмот. Како последица на создадените стрес хормони, крвните садови се стегаат и насочуваат повеќе кислород и крв кон мускулите. Ваквата состојба го покачува крвниот притисок. Тоа може да предизвика проблеми кај луѓето со претходни срцеви заболувања или хипертензија. Честиот или хроничен стрес може да ја оптовари работата на срцето и да го зголеми ризикот за инфаркт.

 

3 . Дигестивниот систем

 

Во стресни ситуации, црниот дроб создава и лачи поголемо количество на глукоза како извор на енергија. Доколку сме под константен, хроничен стрес, телото може да има проблеми со искористувањето на глукозата, а тоа може да го зголеми ризикот од појава на тип 2 дијабет.

Покрај тоа, стрес хормоните, забрзаното дишење и забрзаниот пулс може да делуваат негативно и врз дигестивниот систем. Можно е да се јават потешкотии со дигестијата, како и болки во желудникот поради создавањето на поголеми количества желудочна киселина. Стресот дополнително може да влијае и на здравјето на цревата и да ја наруши нивната функција. Тоа може да предизвика појава на констипација или дијареа.

 

4 . Имуниот систем

 

На кратки интервали, стресот го стимулира имуниот систем и му помага на телото да се справи со инфекции или повреди. Но, подолгорочно лачење на стрес хормоните може да има спротивен, односно негативен ефект на имуниот систем. Луѓето со хронична изложеност на стрес, поверојатно е да имаат некаков тип на инфекција (бактериска, вирусна итн.). Повеќе за ефектот кој го има стресот врз имуниот систем, може да прочитате тука.

 

Елиминирајте го хроничниот стрес

 

Ваквите набројани реакции кои ги изнудува стресот од телото се најчесто безопасни доколку се ретки. Но, хроничниот стрес може сериозно да го наруши здравјето и да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Симптомите и ефектите од хроничниот стрес може да се поделат во повеќе категории:

 

  • Емоционални – надразливост, фрустрираност, потешкотии при враќање во релаксирана состојба, избегнување на контакт со други луѓе
  • Физички – ниско ниво на енергија, главоболки, несоница, болки во мускулите, чести настинки, сува уста, испотени дланки и сл.
  • Когнитивни – константна загриженост, постојано мислење и фокусирање на проблемот, проблеми со меморијата, намалена концентрација, песимизам и сл.
  • Промени во апетитот, спиењето, навиките, мотивираноста и др.

 

Иако стресот е природна и нормална реакција на телото кон надворешни ситуации, хроничниот стрес е опасен по здравјето. Промени и здрави навики кои може да ви помогнат да го намалите или целосно елиминирате стресот се:

 

  • Избегнувајте ги целосно или обидете се да ги намалите изворите на стрес
  • Здрава и балансирана исхрана
  • Честа физичка активност
  • Поддршка и разговор со најблиските
  • Уживање и искористување на слободното време за релаксација и
  • Помош и разговор со стручно лице
  • Добра хигиена на спиење

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор