fbpx

Зошто е здраво да се јаде сувото грозје во умерени количини?

tonus

Сите сме свесни колку е важно и неопходно да внесуваме што повеќе типови на овошје во нашата секојдневна исхрана. Овошјето претставува извонреден извор на разни витамини, минерали, антиоксиданти, фитохемикалии и сл. Но, поради неговата голема количина на вода, истото често брзо се расипува. Затоа човекот веќе неколку илјадници години пронашол решение како да го забави и спречи тој процес, а тоа го постигнал преку сушењето.

Денес речиси секое овошје може да се сретне во сушена форма, а како такво, има поголема практичност, преносливост и рок на траење. Кај нас, можеби најкористеното и најчесто среќавано сушено овошје е сувото грозје. Тоа има употреба во бројни рецепти, но и како додаток во одредени „грицки“ и оброци (особено во појадокот). Токму затоа, денес му посветуваме внимание на ова сушено овошје и ги разгледуваме неговите карактеристики и нутритивност.

 

Нутритивен профил

 

Сушеното грозје може да се добие преку сушење на свежи зрна грозје на сонце или во индустриски услови во специјално дизајнирани машини за отстранување на водата. Ваквиот процес на сушење ја отстранува т.н „слободна“ вода во плодот и на тој начин го заштитува од микробиолошка контаминација и го продолжува неговиот рок и стабилност. Покрај тоа, поради загубената маса на плодот (во форма на водена пареа) доаѓа до концентрирање на нутриентите. Тоа значи дека во 100g суво грозје се содржат повеќе зрна и со тоа повеќе нутриенти, отколку во 100g свежо грозје. Бидејќи при процесот на сушење доаѓа до отстранување само на водата, тоа значи дека 100g суво грозје има значително повеќе калории, односно шеќер во неговиот состав.

"“Online”/

Ваквото сушено овошје се смета за нутритивно густа храна, која е минимално процесирана и не содржи дополнително додадени состојки или конзерванси.

Во 100g суво грозје се содржат:

 

  • 300 калории
  • 0,5g масти
  • 3,1g протеини
  • 79g јаглехидрати, од кои – 59g шеќери и 3,7g растителни влакна

 

Тие исто така содржат одредени количества на витаминот Б6, како и на минералите калиум, магнезиум, железо и натриум.

Лесно воочливо е дека сувото грозје е извор на големо количество шеќери, па затоа неговата употреба треба да е секогаш умерена. Од друга страна, тие се прилично добар извор на растителни влакна, а тоа може да допринесе кон подобрена и олеснета дигестија.

 

Можни здравствени придобивки од умерената консумација на суво грозје

 

1 . Поздраво срце

 

Одредени истражувања покажуваат дека растителните влакна кои се присутни во сувото грозје допринесуваат кон намалување на нивоата на „лошиот“ LDL холестерол. Исто така, сувото грозје може да допринесе кон подобрена регулација на крвниот притисок и контрола на шеќерот во крвта. Сувото грозје е и добар извор на минералот калиум, што често е во недостаток кај луѓето. Калиумот и натриумот се минералите кои се заслужни за регулацијата на крвниот притисок. Бидејќи најчесто натриумот (преку солта) е внесуван во вишок, тоа ги зголемува и потребите од калиум, кој пак често е недоволно внесуван. Ова може да доведе до покачен крвен притисок, а тоа ги зголемува шансите за ризик од инфаркт, мозочен удар и сл.

[Поврзано: Без КАЛИУМ нема здраво срце. Како да го внесеме доволно секој ден?]

 

2 . Намален ризик од хронични заболувања

 

Во однос на други сушени овошја, се смета дека сувото грозје има навистина големи количества на антиоксиданти. Исто така, процесот на сушење не ги оштетува и дури напротив ги зачувува ваквите соединенија, па така тие пројавуваат и дури подобрена активност, наспроти кога се внесени преку свежото грозје. Антиоксидантите присутни во сувото грозје ги заштитуваат клетките од оштетување, воглавно преку спречување на штетното дејство на слободните радикали. Фитохемикалиите присутни во сувото грозје може да го намалат ризикот од појава на разни хронични заболувања како: дијабет, остеопороза, карциноми и сл. Тие исто така имаат и антивоспалително дејство.

 

3 . Подобрена дигестија и гастроинтестинално здравје

 

Сувото грозје претставува добар извор на растителни влакна кои ја помагаат дигестијата. Тоа содржи винска киселина – органска киселина која се смета дека има анти-воспалителен ефект, ја подобрува функцијата на цревата и може позитивно да влијае врз здравјето на цревната микрофлора. Се смета дека сувото грозје може да помогне и при евентуално прекумерно излачување на желудочна киселина.

 

Како да го користиме почесто?

 

Покрај набројаните здравствени придобивки, сувото грозје може да помогне и при зајакнување на имунитетот, одржување на здрав вид и кожа, како и може да биде корисно во исхраната кај луѓето кои сакаат и имаат потреба од зголемување на телесната тежина.

Сувото грозје може да се користи директно, а може да се употреби и во низа на рецепти и јадења. Одличен прилог е на разни десерти, рецепти за појадок како и во комбинација со јаткасти плодови. Може да се употреби при подготовка на домашен милиброд, домашни мафини, да се додаде кон сосови од салати, кон домашни житни плочки и кон речиси секој тип на десерт.

Секако, консумирајте го сувото грозје во умерени количини, бидејќи како што споменавме, истото е доста калорично.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор