fbpx

СУВИ ОВОШКИ – Зошто се добри во умерени количества?

tonus

Сушеното овошје е намирница која човекот ја користи илјадници години. Сушењето претставува одличен начин да се продолжи рокот на овошјето, а сепак да се зачува дел од неговата арома, вкус и нутритивност. Преку процесот на сушење (отстранување на водата), овошјето има подолг рок на траење, помалку е веројатно микробиолошки да се контаминира и е погодно за долго складирање и консумирање во периоди од годината кога истото овошје не се одгледува. Но, што се случува со нутритивноста на овошјата кога тие се сушат? Кој дел од нутриентите е загубен, а кој сепак останува во овошјето? За кои овошја може да се каже дека се најздрави кога се исушени? Одговорите на овие прашања следат во продолжение.

Како всушност се сушат овошјата и зошто?

Процесот на сушење кај овошјата може да се каже дека има една главна цел – отстранување на слободната вода во овошјето. Доколку истата не е отстранета, таа може да го поттикне расипувањето, а со тоа и сериозно го намалува рокот на употреба. При сушењето волуменот на плодот се намалува, односно тој се „собира“ и неговата структура, конзистентност и текстура се менуваат. Сушењето може да се одвива природно (најчесто на сонце или со продолжена изложеност на топол воздух), а може и да се одвива во индустриски услови (најчесто повторно со топол воздух).

Но, покрај намалената содржина на вода, овошјата сепак ги задржуваат повеќето од своите нутриенти. Можно е да дојде до промена и уништување кај дел од витамините, но бројни други соединенија не трпат сериозни промени.

"“Online”/

Во светски рамки се смета дека сувото грозје е најкористеното сушено овошје, а потоа следуваат урмите, сливите, смоквите и кајсиите.

Кои се бенефитите од консумирањето на суви овошја?

Првиот и можеби најважен адут на сувото овошје е тоа што истото е доста практично, лесно за транспорт и не се расипува. Овие карактеристики го прават сушеното овошје идеална ужинка, но и намирница за употреба во бројни оброци и рецепти. Бидејќи е отстранета водата, на некој начин нутриентите се концентрирани во него. Тоа значи дека тежината која ја дава водата се отстранува, па нутритивноста и калориската вредност на 100g сушено овошје значително се разликува од 100g на неговата свежа варијанта. Кај некои овошја (на иста тежина) сувата варијанта содржи и до 3,5 пати повеќе влакна, витамини и минерали, споредено со свежата опција.

Како што рековме, дел од витамините – првенствено витаминот Ц, може да се изгуби при процесот на сушење. Но, содржината на други витамини – пример витаминот Б9 не се менува со сушењето.  Сушеното овошје се смета за одличен извор на растителни влакна, витамини, минерали и антиоксиданти (особено полифенолите).

Какви придобивки даваат најчесто користените сушени овошја?

1 . Суво грозје

Сувото грозје се смета за најпроизведуваното сушено овошје. Често го сретнуваме и во нашите маркети и пазари и истото има најдено голема примена во нашата кујна. Тоа е богато со растителни влакна, калиум и други разни фитохемикалии, а  има и низок до среден гликемиски индекс. На 100g тоа содржи околу 300 калории, па неговата употреба треба да биде умерена и лимитирана. Бројни студии покажуваат дека сувото грозје може да помогне при: намалување на крвниот притисок, подобрување на регулацијата на нивото на шеќер во крвта, намалување на воспалителните процеси, намалување на холестеролот во крвта. Исто така, сувото грозје може да послужи како здрава, брза ужинка и истото дава чувство на заситеност.

2 . Суви сливи

Сушените сливи се високо нутритивни и се богати со калиум, растителни влакна, витамин А и витаминот К. Тие се познати за нивниот лаксативен ефект, а тоа се должи на високата содржина на влакна и на присуството на соединението – сорбитол. Честата консумација на суви сливи е одличен начин за справување со констипацијата. Тие се одличен извор и на низа антиоксиданти. Некои студии покажуваат дека сувите сливи може да ја инхибираат оксидацијата на т.н лош – LDL холестерол и со тоа да го намалат ризикот од срцеви заболувања. Тие се богати и со минералот бор, кој може да помогне при остеопороза. Сувите сливи се одличен избор за брза и здрава ужинка и тие како и сувото грозје имаат умерен гликемиски индекс и не предизвикуваат нагло покачување на нивото на шеќер во крвта.

3 . Суви урми

Можеби нема подобро овошје од урмите за моментите кога имаме потреба од нешто благо. Тие се навистина вкусни, а се и одличен извор на влакна, железо и бројни други минерали. Од сите сите суви овошја, урмите се сметаат за еден од најдобрите извори на антиоксиданти. Тие имаат низок гликемиски индекс, па се погодни за луѓето кои имаат проблеми со нивото на шеќер во крвта. Сепак, тие содржат висок процент на шеќер, па нивната консумација треба да биде умерена. Но, од друга страна, тие се одлична ужинка при било каква физичка активност.

Како и со сите други намирници, внесот на сувото овошје треба да е умерен

Неоспорно е дека сувото овошје е нутритивна и практична опција за ужинка или за додаток во рецептите за појадок или вечера. Но, бидејќи истото е доста калорично, неговата консумација треба да е умерена. Како што веќе споменавме, поради отстранувањето на водата, нутритивноста и калориската вредност на сушеното овошје се концентрираат во помала тежина.

Покрај набројаните сушени овошја, во маркетите се сретнуваат и одредени сушени овошја (најчесто тропски) кои содржат додаден шеќер. Ваквите овошја треба да се избегнуваат бидејќи се навистина високо калорични и може сериозно да допринесат кон покачена телесна тежина.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор