fbpx

5 + причини зошто треба да јадеме свежо грозје

tonus

Нашата земја е позната по квалитетното грозје и виното кое се добива од него. За неколку недели почнува сезоната на високо-квалитетното грозје од Повардарскиот регион, па во продолжение да видиме зошто е важно да го искористиме овој период и да јадеме повеќе свежо грозје.

Покрај исклучително богатиот, сладок вкус и уникатната текстура, грозјето има неверојатно богата хранлива вредност. Листата на корисни дејства од ваквиот состав секојдневно расте со новите студии и истражувања на тема грозје.

Грозјето можете да го додадете и во различни овошни салати, да го замрзнете, да го додавате во различни сокови, да направите вино итн.

"“Online”/

Постојат повеќе типови на грозје – бело, црвено, црно, за добивање на вино, т.н. трпезно грозје итн. Денес ќе се задржиме на трпезното грозје кое е со поголем обем, со помалку, помали семки, потенка коричка и доста сладок вкус.

1. Богат нутритивен состав

Во 150g црно или зелено грозје има околу 100 калории, највеќе од јаглехидратите (околу 2g растителни влакна). Овие овошки содржат особено висок процент на витамин Ц, потоа на витамин А, К, повеќе витамини од Б групата, но и на минералите, како калиум, магнезиумман, бакар, манган, цинк итн.

Нешто повеќе околу значењето на витаминот Ц, прочитајте тука.

2. Особено моќна антиоксидативна вредност


Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Грозјето е особено богато со низа антиоксидативни компоненти. Студиите утврдуваат над 1600 корисни фитохемикалии во ова овошје. Најпознати и најпотентни се: ресвератролот, витамин Ц, бета каротен, кверцетин, лутеин, ликопен, елагична киселина, зеаксантин, лутеин итн.

Најголемиот дел од антиоксидативната содржина е пронајдена во обвивката и семето на гроздовите.
Во зависност од обоеноста, варираат и антиоксидативниот состав и концентрација. Така, најбогато со овие компоненти е црвеното грозје – поради антоцијанините.

Дури и по ферментацијата, грозјето задржува добар дел од антиоксидантите, па така тие завршуваат и во виното (особено црвеното).

Еден од најпознатите полифенолни антиоксиданти на грозјето е ресвератролот. Повеќе околу оваа уникатна компонента на виното, прочитајте тука.

3) Подобро кардиоваскуларно здравје

Ова дејство се должи на минералната и антиоксидативна содржина на грозјето.

Полифенолните компоненти со кои се богати овие овошки (како на пример ресвератролот), имаат антиоксидативен, антивоспалителен ефект и го подобруваат липидниот профил (триглицеридите и холестеролот). На овој начин тие значително го намалуваат ризикот од срцеви заболувања – го намалуваат крвниот притисок, превенираат артеросклероза и го намалуваат ризикот од неправилен срцев ритам.

Дополнително, одреден позитивен ефект за здравјето на срцето имаат и калиумот и растителните влакна – компоненти кои се застапени во солидни количини во гроздовите.

Истражувањата утврдуваат дека оптималниот внес на калиум води кон намален ризик од срцев и мозочен удар (го намалува високиот крвен притисок) и спречување на намалувањето на мускулната и коскена маса. Овие овошки содржат и одредено количество магнезиум, кој исто така е корисен за здравјето на срцето. Нешто повеќе за овој минерал, прочитајте тука.

4) Дијабет

Резултатите од една студија објавена во 2013 година во престижниот BMJ утврдуваат дека одредени овошки (но не и нивните сокови), можат да го намалат ризикот од дијабет тип 2 кај возрасните лица.

Во текот на оваа студија (22 години), од над 180 илјади испитаници околу 6% развиле дијабет. Утврдено било дека оние кои консумирале околу 3 пати неделно некакви бобести овошки, грозје, јаболки или друга слична свежа храна, имале за 7% помал ризик од дијабет тип 2, во споредба со оние кои немале таква навика.

Релативно високите количества на шеќери кои се присутни во грозјето, ги поттикнуваат дијабетичарите да прашуваат дали грозјето е безбедна храна за нив.

Релевантните институции за дијабет, како што е Американската асоцијација за болни од дијабет, ги охрабруваат луѓето да јадат грозје и останато овошје (богато со шеќери, но и редица други нутриенти), се додека внимаваат на мерката, односно додека јаглехидратната содржина која ја консумирале е во склад со нивниот претходно утврден дневен план.

Бројните витамини, минерали и растителните влакна го прават јадењето грозје здрав начин да се задоволи гладот.

 

5) Подобро здравје на очите


Грозјето има солидна содржина од потентните каротеноидни антиоксиданти – зеаксантин и лутеин.

Овие два антиоксиданти во истражувањата се поврзуваат со превенцијата од очни болести, како што е макуларната деградација. Ова заболување на очите се поврзува со процесот на стареење и е главна причина за целосно губење на видот во староста.

Зеаксантинот и лутеинот го заштитуваат очното ткиво преку превенирање од постојаните оксидативни оштетувања кои водат до функционални нарушувања на очите. Дополнително, тие ги заштитуваат очите и од глауком, катаракта и слични чести заболувања.

Други потенцијални корисни ефекти на грозјето

Помош при констипација (запек) – поради солидната количина на растителни влакна.

Подобро здравје на коските – превенција од остеопороза заради солидните количества на витаминот К, но и на минералите како магнезиум.

Подобро здравје на кожата и подобар имунитет – како резултат на големите количества витамин Ц, кој е значаен за правилната функција на имуниот одговор, но и за синтезата на колагенот – најзастапениот протеин во телото кој е клучен за здравјето на кожата, па и коските.

Помош при алергии – поради антивоспалителните својства на кверцетинот, одредени студии индицираат дека грозјето може да ги ублажи алергиските симптоми. Сепак, потребни се повеќе студии на темата.

Корисен ефект при Алцхајмер

Потенцијален антиканцероген ефект

Подобра функција на мозокот – поради флавоноидните антиоксиданти

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор