fbpx

РЕЦЕПТИ СО ТИКВИЧКА – здрави, ниско калорични и карактеристични за топлите денови!

tonus

Покрај топлото и убаво време, пролетта може да ја препознаеме и по големиот избор на свежи и здрави зеленчуци со кои изобилуваат маркетите и пазарите. Сега е можеби еден од најдобрите периоди од годината кога треба да се искористи сето она што го нуди природата. Во тој контекст, денес ќе издвоиме една добро позната, нутритивна, ниско калорична и здрава намирница со која можете да подготвите безброј вкусни рецепти.

Популарната тиквичка – ниско калорична, здрава и вкусна

Тиквичката припаѓа на видот Cucurbita pepo од семејството на билките Cucurbitaceae, во кое спаѓаат и сите тикви, краставиците итн. Се одгледуваат со векови, некои сорти потекнуваат од Јужна Америка, а некои од Индија и далечниот исток.

Иако ги употребуваме како зеленчук, во салати или безброј други рецепти, сепак од ботанички аспект станува збор за овошки. Постојат повеќе видови на тиквички во однос на бојата, големината и обликот, а кај нас најзастапени се зелените.

"“Online”/

Достапни се низ целата година, но со најдобар квалитет се токму од мај месец, па се до крајот на летото. Важно да се напомене е дека станува збор за густо-нутритивна храна, која сепак има достапна цена.

Кога ги купувате тиквичките на пазар или во маркет, внимавајте кората да е сјајна, неоштетена и свежа. Тврдата кора покажува дека таа е зрела или презреана. По купувањето чувајте ги во најлонска ќеса во фрижидер. Можете и да ги замрзнете, но по одмрзнувањето ќе бидат многу меки и со влошен квалитет.

Во продолжение накратко ќе позборуваме за нутритивниот состав на тиквичката.

Нутритивен профил 

Тиквичките се вбројуваат помеѓу најгустонутритивните продукти кои можат да се најдат на пазарот. Тоа се должи на фактот дека од една страна имаaт особено ниска калориска вредност, а од друга, екстремно богат и уникатен микронутритивен состав.

Во околу 200g подготвени тиквички се содржат само 17 калории (1g протеини, помалку од 1g маснотии, 3g јаглехидрати и 1g растителни влакна), а од друга страна, микронутритивниот состав е импресивен:

  • витамин А – 40% од дневно препорачаните количини
  • манган – 16% од ДПК
  • витамин Ц – 14% од ДПК
  • калиум – 13% од ДПК
  • витамин К – 10% од ДПК
  • магнезиум – 10% од ДПК
  • во помал обем и: витамин Б9, бакар, фосфор, витамин Б6, витамин Б1 , железо, калциум, цинк и други витамини од Б групата.

Ова значи дека тиквичката може да се консумира без значајни ограничувања, што ја прави идеална за лицата кои сакаат да ја намалат тежината, бидјеќи го лимитира внесот на калории, а допринесува за чувството на ситост по оброкот. Токму поради ова, во продолжение издвојуваме два исклучително лесни и здрави рецепти со тиквичка.

Сос од динстани тиквички со домати

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 30 минути, а истиот е доволен за 4 лица.

Потребни намирници:

  • 1 лажица маслиново масло
  • Околу половина килограм тиквички (околу 3 средни тиквички), исецкани на четвртини, а потоа на помали парчиња
  • 3 чешниња лук, ситно исецкани
  • 2-3 свежи домати, ситно исецкани
  • Сол, бибер, рузмарин и суво оригано
  • Малку свеж босилок или магдонос

Подготовка:

  • Во тавче, загрејте го маслиновото масло. Додајте ги тиквичките и динстајте ги неколку минути, односно додека благо не заруменат. 
  • Додајте го лукот, доматите и продолжете со готвење. 
  • Додајте ги и зачините и динстајте ја смесата додека дел од водата од зеленчуците не испари.
  • Ваквиот вкусен сос можете да го комбинирате со печени или варени компири, со зготвен наут, интегрални тестенини и сл. 

Лесни и вкусни „стапчиња“ од тиквички

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 30 минути, а истиот е доволен за 4-6 лица.

Потребни намирници:

  • 4 средно големи тиквички
  • 1-2 пиперки, исецкани на кругчиња
  • 1-2 свежи домати, исецкани
  • Неколку маслинки, исецкани ситно
  • 3 големи чешниња лук, ситно исецкани
  • Малку сол, бибер и суво оригано
  • Околу 150-200g фета сирење
  • Малку свеж магдонос
  • Маслиново масло

Подготовка:

  • Вклучете ја рерната и оставете ја да се загрее на 180 степени. 
  • Тиквичките исечете ги по должина, на половинки и извадете ја нивната внатрешност. Неа ставете ја настрана, а тиквичките ставете ги во тавче обложено со хартија за печење.
  • Во длабок сад, ставете ги исецканите пиперки, домати, маслинки, лук, оригани и останатите зачини. Кон оваа смеса додајте ја и срцевината на тиквичката. Со неа, наполнете ги издлабените тиквички.
  • Вака наполнетите тиквички печете ги околу 15-20 минути. 
  • На крајот, додека се уште врели, прекријте ги со малку фета сирење и оставете ги да се печат уште 3-5 минути. 
  • Стапчињата од тиквички послужете ги веднаш, по можност со свежа салата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор