fbpx

Лесно, вкусно и здраво – рецепти за подготовка на салата од тиквички

tonus

Се наближува есента, па така претстојниот период е одличен за да се искористат сите летни зеленчуци кои сè уште ги имаме на нашите пазари. Секако, еден од најпопуларните и најчесто користените летни зеленчуци е тиквичката, зеленчук кој е исклучително вкусен, здрав и ниско калоричен. Во претходни статии сме ви предложиле разни рецепти за подготовка на тиквичката, а денес издвојуваме два многу едноставни и брзи рецепти за подготовка на салати од печени тиквички.

 

Што ја прави тиквичката еден од најпопуларните и најздрави летни зеленчуци?

 

Тиквичката припаѓа на видот Cucurbita pepo од семејството на билките Cucurbitaceae, во кое спаѓаат и сите тикви, краставиците итн. Се одгледуваат со векови, некои сорти потекнуваат од Јужна Америка, а некои од Индија и далечниот исток.

Иако ги употребуваме како зеленчук, во салати или со протеинска храна, сепак од ботанички аспект станува збор за овошки. Постојат повеќе видови на тиквички во однос на бојата, големината и обликот, а кај нас најзастапени се зелените.

"“Online”/

Достапни се низ целата година, но со најдобар квалитет се токму од мај месец, па се до крајот на летото. Важно да се напомене е дека станува збор за густо-нутритивна храна, која има достапна цена.

Кога ги купувате тиквичките на пазар внимавајте кората да е сјајна, неоштетена и свежа.

 

Во 200g подготвени тиквички се содржат:

  • Само 17 калории
  • 1g протеини
  • <1g масти
  • 3g јаглехидрати (од кои 1g растителни влакна)

 

Дополнително, тиквичката ги содржи витамините А, Ц и К, како и минералите манган, калиум, магнезиум, калциум, цинк и др. Таа исто така е и одличен извор на антиоксиданти и различни фитохемикалии.

 

 

Салата од печени тиквички

 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни само околу 15 минути и истиот е доволен за околу 4 лица.

 

Потребни намирници:

  • 4 средно големи тиквички (околу 1 килограм), исецкани на кругчиња
  • Маслиново масло
  • 1 лажичка кумин
  • Сок од еден лимон
  • 1-2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Сол и бибер
  • Свеж магдонос, ситно исецкан
  • Фета сирење или урда
  • Павлака со ниска масленост

 

Начин на подготовка:

  1. Кругчињата тиквички испечете ги во тавче или во рерна со малку маслиново масло. Доколку ги печете во тавче, печете ги околу 4 минути, додека не омекнат.
  2. Испечените кругчиња тиквичка измешајте ги со сокот од лимон, лукот, солта и биберот. Додадете ги и преостанатите зачини и промешајте.
  3. Кон нив додадете ги фета сирењето (или урдата) и павлаката.
  4. Послужете како салата, прилог или со парче интегрален леб.

 

 

Медитеранска салата со киноа и тиквички

 

За подготовка на оваа салата ви се потребни околу 35 минути и истата е доволна за околу 4 лица.

 

Потребни намирници:

  • Третина чаша неподготвена киноа (или 1 чаша зготвена киноа)
  • 1 модар патлиџан, исецкан на покрупни парчиња
  • 1 тиквичка, исечкана
  • Маслиново масло
  • Сол и црн бибер
  • Сок од лимон
  • 1-2 чешниња лук, исецкани ситно
  • 1 домат, исецкан
  • Малку свеж или сушен босилок и нане
  • Урда или фета сирење, по желба

 

Начин на подготовка:

  1. Во тавче за печење кое е обложено со хартија, ставете ги тиквичката и модриот патлиџан. Пропрскајте ги со маслиново масло и ставете ги да се печат во рерна на околу 200 степени, 20-30 минути.
  2. За подготовка на киноата – измешајте ја неподготвената киноа со околу 150-200ml вода во мало тенџере. Доведете ја смесата до вриење и потоа покријте ја со капак и оставете ја да се вари. По околу 15 минути, водата би требало да е впиена од страна на киноата. Тогаш извадете го капакот и оставете ја да се вари киноата без капак уште дополнителни 5 минути. Потоа тргнете го тенџерето од оган.
  3. Во сад за сервирање, ставете ги сокот од лимон, лукот, маслиново масло, доматите, киноата, босилокот, нането и печените зеленчуци. Фино промешајте. Зачинете со сол и бибер по желба. Доколку е потребно, додадете уште малку сок од лимон. На крајот, издробете малку фета сирење или урда и пропрскајте врз салатата.
  4. Ваквата салата може веднаш да се консумира, а може и да се складира во фрижидер до околу 3 дена.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор