fbpx

Нарушена функција на ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА – како влијае врз квалитетот на СПИЕЊЕ?

tonus

Често зборуваме како луѓето го потценуваат и занемаруваат спиењето. Тоа секако се одразува негативно на нивното физичко, но и ментално здравје. Но, понекогаш нарушениот и недоволен сон не е во целост наша вина, а постојат низа на здравствени состојби кои можат прилично неприметно да го намалат и влошат неговиот квалитет. Поради тоа, денес ќе зборуваме за една таква поврзаност, односно ќе погледнеме како нарушената функција на тироидната жлезда може да влијае на квалитетот на нашето спиење.

Зошто е важна т.н „хигиена на спиење“?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон, додека за постарите лица понекогаш доволни се и 7-8 часа.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Која е функцијата на тироидната жлезда?

Тироидната или штитна жлезда е  мала жлезда во облик на пеперутка, сместена во централниот, преден дел на вратот. Иако многу мала, таа игра екстремно значајни метаболитички улоги преку излачените тироидни хормони кои низ крвотокот се пренесуваат до секоја клетка.

Тироидната жлезда ги лачи хормоните T3 и T4. Овие хормони во крвта се јавуваат во слободен облик, како fT3 и fT4 и се врзани за транспортните протеини, тироксин – врзувачки глобулин, преалбумин и албумин.

Околу 0,3% од вкупниот Т3 циркулира kako fT3 и околу 0,04% како fT4. Овие форми се биолошки активни.

Излачувањето на хормоните од штитната жлезда е под влијание на TSH (тиреостилуматорен хормон) кој го лачи хипофизата.

Всушност, овие хормони го регулираат катаболизмот, односно делот од метаболитичките патишта на создавање енергија од внесената храна. Исто така, овие хормони го помагаат контролирањето на растот на клетките, нивното обновнување и метаболизмот. На тој начин, оваа жлезда е доста значајна во регулирањето на работата на срцето, мозокот и регулирањето на телесната температура.

Значи, ако нивото на тироидните хормони опадне (хипотироидизам), телото на некој начин успорува, односно не е во можност да создаде доволно енергија од која има потреба. Но, чест случај е и претераната продукција на тироидни хормони или хипертироидизам.

Според статистиката, ваквите нарушувања почесто се случуваат кај жените, а во светот некакво нарушување на тироидната жлезда имаат над 200 милиони луѓе.

Како влијае нарушената функција на тироидната жлезда врз квалитетот на спиење?

Една студија спроведена во 2019 година, ја проучувала поврзаноста меѓу нарушената функција на тироидната жлезда (со фокус на хипотироидизмот) и квалитетот на спиењето. Бил анализиран квалитетот на спиење на над 2,200 испитаници, а резултатите биле споредени со лица кои имаат здрава и нормална функција на тироидната жлезда. Воглавно, резултатите покажале дека испитаниците со хипотироидизам:

  • Спиеле пократко
  • Им бил потребен подолг период за да заспијат
  • Биле помалку задоволни од нивниот квалитет на спиење

Истражувањето исто така покажало дека овие резултати се позастапени кај жените, кај помладата популација и кај лицата со помала тежина.

Се смета дека ваквиот ефект врз сонот се должи на повеќе причини. Имено, хипертироидизмот може да предизвика нервоза, надразливост, како и слабост во мускулите и константно чувство на замор. Исто така, луѓето со премногу активна тироидна жлезда често имаат ноќни потења и зачестена потреба од мокрење, што доведува до неконстантен сон со значително намален квалитет.

Од друга страна, луѓето со хипотироидизам често чувствуваат студ за време на ноќта, имаат болки во мускулите и зглобовите и сл. Ова доведува до намален квалитет на спиење, подолго време потребно за заспивање и пократок сон.
Интересно е што ваквиот однос е двонасочен, па така некои истражувања покажуваат дека здравите лица кои редовно спијат помалку од 7 часа за време на ноќта, имаат зголемен ризик за проблеми со функцијата на оваа жлезда.

Исто така, науката покажала дека и самите лекарства за тироидната жлезда може да предизвикаат проблеми со спиењето, како: отежнато заспивање, надразливост, чувство на топлина, нервоза, анксиозност и сл. Доколку проблемите со спиењето се присутни подолг временски период, тогаш се препорачува консултацијата со медицинско лице, за можни начини или суплементи кои би можеле да помогнат.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор