fbpx

Пролетна свежа туна салата

tonus

Во месецот мај нашите пазари изобилуваат со свежи зеленчуци во сите бои, а како најзастепени се зелените, особено марулата, краставицата и младиот кромид. Тие заедно одат совршено и се главни состојки на многу салати, но ние денес би ви предложиле да ги искомбинирате во една многу вкусна, свежа и здрава туна салата. За неа ќе ви биде потребно сосем мало време за подготовка, сите намирници се користат свежи и таа е исклучително нутритивна и вкусна.

Познато е дека зеленчуците се богат извор на витамини и минерали. Доматот е одличен извор на витамините К, Ц и В9 и минералите калиум, манган и бакар.

Младиот кромид е типичен придружник на сите пролетни салати. Тој има сладеникав и благо лут вкус и е одличен во комбинација со марулата, доматот и краставицата. Тој исто така е богат со витамините Ц и В9

"“Online”/

Марулата пак е одлична намирница за салати бидејќи во својот состав содржи дури 95% вода, што ја прави исклучително ниско калорична. Таа им дава волумен и големина на салатите, нас нè заситува, а го лимитира внесот на калории. Богата со витамините А и К, марулата е одличен избор за намирница во нашата денешна туна салата.

Здравствените препораки велат дека рибата треба да се консумира два пати во неделата. Со ваквата салата може многу лесно да допринесете кон внес на рибиното месо. Имено, туната е добар извор на витаминот В12, витаминот А и минералите магнезиум, железо и цинк. Туната содржи и значително количество на протеини и исто така таа содржи масти во чиј состав влегуваат есенцијалните масни киселини омега-3.

 

За подготовка на 2 порции од оваа салата ќе ви бидат потребни:

 

  • Конзерва туна од цели парчиња (околу 185g)
  • Една краставица, исецкана
  • Еден поголем домат, исецкан
  • 2 китки млад кромид, ситно исецкани на кругчиња
  • 3-4 ротквици, исецкани
  • 1 средно голема марула, исецкана
  • 1 пиперка, исецкана

 

За преливот:

 

  • 50ml павлака
  • Половина мала лажичка сенф
  • Сок од еден лимон
  • 1 лажица балсамико оцет
  • Ситно исецкан магдонос
  • 1 лажица маслиново масло
  • Малку сол и суво оригано или босилок

 

Начин на подготовка:

  1. Во еден голем сад за салата, ставете ги исецканите: домат, краставица, марула, млад кромид, ротквици и пиперка
  2. Конзервата туна отворете ја, исцедете ја од маслото и раздробете ја и ставете ја во садот со зеленчуци.
  3. Во мала здела измешајте ги павлаката, сокот од лимон, сенфот,  балсамико оцетот, магдоносот, маслиновото масло и ориганото или босилокот. Додајте сол по желба и промешајте.
  4. Додајте го преливот врз туната и зеленчуците и фино промешајте.
  5. Може да сервирате со парчиња потпечен и крцкав интегрален леб

 

Нутритивна вредност по порција:

 

Калории: 310 Јаглехидрати: 14,5g од кои растителни влакна: 12g  Протеини: 27g; Масти: 13g од кои заситени масти: 3,5g; Витамин K: 380µg; Витамин Б3: 12mg; Витамин Б12: 2,4µg; Витамин Ц: 135mg; Витамин A: 30000IU; Витамин Д: 120IU; Фосфор: 325mg; Селен: 65µg; Железо: 5,5mg; Цинк: 2,1mg

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор