fbpx

Редовно се чувствувате УМОРНО? – Причината може да биде ДИЈАБЕТОТ!

tonus

Секојдневните обврски, проблеми и предизвици се сосем нормална и очекувана причина за чувство на замор и исцрпеност. Голем дел од населението често го чувствува ваквиот замор и поради недоволниот и неквалитетниот сон. Но, за постојаниот, хроничен замор може да постојат и други причини, дел од нив поврзани и со одредени здравствени проблеми. Поради тоа, денес ќе зборуваме поконкретно за заморот кој може да се јави кај лицата со дијабет и како најлесно може истиот да се обидеме да го елиминираме.

Што претставува дијабетот?

Дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

"“Online”/

Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.

Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. За намирниците и ужинките кои се пожелни и безбедни за дијабетичарите веќе имаме пишувано во претходни статии и за нив може да прочитате тука, додека намирниците кои треба да се избегнуваат може да ги најдете тука.

Што претставува дијабетот тип 2?

Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.

Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.

За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.

Зошто дијабетот предизвикува замор?

Дијабетот и заморот многу често одат рака, но сепак постои подлабока и покомплексна поврзаност меѓу нив. Па, зошто впрочем се јавува заморот кај лицата со дијабет?

Нешто што веднаш може да го помислиме како главна причина преку која може да се објасни заморот е константното варирање на нивото на шеќер во крвта кај дијабетичарите. Несоодветната искористеност и распределба на шеќерот, значи дека лицата имаат премногу шеќер во крвта, но недоволно во клетките, со што всушност се јавува недостаток на енергија. Дополнително, употребата на лекарства кај дијабетичарите може да предизвика и прекумерно, нагло опаѓање на нивото на шеќер , па тоа може да биде дополнителна причина за да се чувствуваме уморно. Но, авторите на една неодамнешна студија тврдат дека заморот може да биде резултат на низа други состојби кои најчесто се пропратени кај лицата со дијабет. Имено, останати фактори како:

  • Хронично воспаление
  • Депресија
  • Прекумерна телесна тежина
  • Несоница или нередовност во спиењето
  • Проблеми со бубрезите
  • Употреба на лекарства
  • Несоодветна исхрана
  • Прескокнување на оброци или на цели групи намирници

може да влијаат неповолно за нивото на енергија кај лицата со дијабет. Важно е да напоменеме дека тука станува збор за замор кој е хроничен, односно постојано присутен и истиот не исчезнува по одмор и спиење. Се смета дека дури 61% од лицата со дијабет чувствуваат замор до одреден степен.

Како успешно да се справиме со заморот кој може да се јави поради дијабет?

Како и со многу други состојби, промените во начинот на живеење може да имаат особено позитивен ефект. Во тој поглед, одредени промени како:

  • Регулирање на телесната тежина
  • Редовна физичка активност (не мора да е премногу интензивна, понекогаш и кратка прошетка може да делува позитивно)
  • Здрава, разновидна исхрана
  • Добра хигиена на спиење
  • Лимитирање и справување со стресот

може да се покажат како особено корисни. Исто така, лимитирањето на внесот на рафинирани јаглехидрати, редовното мерење на шеќерот во крвта, земање на точно препишана терапија – може да помогне подобро да се справиме со дијабетот и заморот.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор