fbpx

Уринарна инконтиненција

tonus

Во денешната статија ќе зборуваме за состојба која често е застапена кај повозрасната популација, а за која не се збори доволно. На светско ниво, се проценува дека уринарната инконитиненција е застапена кај околу 25-30% од повозрасната популација, а особено кај жените. Шансите за појава на ваквата состојба исто така се зголемуваат со возраста. Што претставува, зошто доаѓа до појава на ваквата состојба и кои фактори во начинот на живеење влијаат врз истата, се темите за кои ќе дискутираме во продолжение.

 

Што претставува уринарната инконтиненција?

 

Ваквата состојба претставува губење на контролата врз мочниот меур, односно врз мокрењето. Често околу неа постои доза на срам и табу, но таа е сосем нормална и честа појава, која најчесто се јавува со возраста. Состојбата може да се карактеризира со повремено, неконтролирано мокрење или со потреба од мокрење која е доста ненадејна и силна.

 

Иако, како што рековме, ваквата појава е најчесто поврзана со стареењето, таа не е неизбежен дел од истото. Постојат бројни промени кои може да се направат во исхраната или во начинот на живеење и да влијаат позитивно и поволно на појавата на уринарна инконтиненција. Доколку инконтиненцијата се јавува често и влијае врз квалитетот на вашето живеење, неопходно е да побарате помош или совет од вашиот лекар.

"“Online”/

 

Какви типови на уринарна инконтиненција постојат?

 

Постојат повеќе типови на ваквата состојба:

 

  • Инконтиненција поради стрес/притисок – доаѓа до мокрење поради вршење некаков тип на притисок врз мочниот меур. Ова најчесто се случува при кивање, закашлување, смеење, вежбање или подигнување некој потежок предмет.

 

  • Нагонска инконтиненција – се карактеризира со ненадејно, силно чувство и потреба од мокрење. Доаѓа до честа потреба од мокрење, дури и во текот на ноќта. Ваквата состојба може да се јави и поради некаков тип на инфекција, но и поради посериозни состојби како дијабет или некакво невролошко нарушување.

 

  • Инконтиненција со прелевање – зачестено или константно мокрење во мали количини, поради нецелосно празнење на мочниот меур.

 

  • Функционална инконтиненција – физичко или ментално оштетување или состојба кое ги спречува луѓето навремено да извршат мокрење.

 

  • Мешана инконтиненција – ова е состојба кога луѓето може да искусуваат повеќе од еден тип на инконтиненција. Најчесто под ова се мисли мешавина од инконтиненција поради притисок и нагонска инконтиненција.

 

Покрај набројаните видови, може да се напомене дека всушност ваквата состојбата може да се категоризира и како привремена и повторувачка.

 

Привремената инконтиненција може да се јави поради некаков вид на инфекција на уринарниот тракт или поради констипација.

 

Повторувачката инконтиненција може да се јави поради повеќе причини, а дел од нив може да бидат:

 

  • Бременост – промена во хормоните како и тежината од плодот може да ја предизвикаат оваа состојба.
  • Стареење – способноста на мускулите на мочниот меур да ја задржуваат урината, се намалува со возраста.
  • Менопауза – по менопаузата, кај жените доаѓа до намалено создавање на хормонот естроген. Овој хормон се смета дека има улога во одржувањето на здрава обвивка на мочниот меур.
  • Зголемена простата – кај повозрасните мажи, инконтиненцијата често се јавува поради зголемување на простатната жлезда.

 

Ризик фактори за појава на уринарна инконтиненција

 

  • Возраст – со стареењето, мускулите на мочниот меур слабеат и се намалува неговата способност да ја задржува урината.
  • Пол – жените се воглавно посклони на појавата на оваа состојба. Како што веќе споменавме, бременоста, породувањето, менопаузата се дел од факторите кои ја прават инконтиненцијата позачестена кај жените. Но, мажите кои имаат проблеми со простата исто така имаат поголем ризик од појава на уринарна инконтиненција.
  • Прекумерна тежина – го зголемува притисокот врз мочниот меур и околните мускули, ослабувајќи ги и дозволувајќи да помине урината неконтролирано.
  • Пушење – тутунот може да го зголеми ризикот за појава на уринарна инконтиненција
  • Генетика – доколку постојат членови од семејството кои ја имаат оваа состојба, шансите се зголемуваат истата да се јави и кај вас.
  • Одредени други заболувања – пример одредени невролошки состојби или дијабет

 

Промени во начинот на живот и исхраната кои може да помогнат

 

  • Внес на течности – можеби најчеста промена во начинот на живот со која се започнува при третирање на ваквата состојба, е лимитирањето на внесот на течности. Пожелно е да не се пие повеќе течности од потребното, бидејќи на тој начин се формира поголемо количество урина која може да предизвика проблеми кај мочниот меур. Се препорачува исклучување на пијалоците со кофеин, како и на алкохолните пијалоци. Исто така, пожелно е да се избегнуваат или да се лимитира внесот на цитрусни овошја, како и на сокови од истите. Препорачливо е и да се избегнуваат целосно газираните пијалоци, бидејќи тие можат да го надразнат мочниот меур.

 

  • Настојувајте често да одите во тоалет со цел празнење на мочниот меур и обидете се да јадете храна богата со растителни влакна за да избегнете констипација.

 

  • Здрава телесна тежина – бројни студии покажуваат дека губење на дел од вишокот килограми може значително да ја подобри оваа состојба. Прекумерната тежина го зголемува притисокот врз мочниот меур, а тоа може да биде една од главните причини за инконтиненцијата.

 

  • Вежби за карлицата – ваквите вежби се покажале како доста ефективни во поглед на инконтиненцијата, но за истите да делуваат е потребно подолг период (околу 2-3 месеци).

 

  • Избнегнувајте кревање на тешки предмети – ова може да предизвика стрес на мускулите и да предизвика неконтролирано мокрење.

 

  • Избегнувајте лута и кисела храна бидејќи истата може да го надразни мочниот меур.

 

  • Откажете ги цигарите – како што веќе споменавме, пушењето на цигари го зголемува ризикот за појава на инконтиненција.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор