fbpx

Кои се најдобрите УЖИНКИ кога ви се јаде доцна навечер?

tonus

На сите нам ни се случило да почувствуваме глад и потреба од некаква ужинка доцна во ноќта. Можеби сме го пропуштиле последниот оброк или пак истиот бил помал и не го задоволил нашиот апетит.

Без разлика на причините, ваквиот глад во текот на ноќта е сосем нормална и честа појава. Многумина пробуваат да ги избегнуваат ваквите доцни ужинки, но тоа не треба секогаш да го правиме. Чувството за глад значи дека нашето тело има потреба од храна и енергија и доколку истото е подолго, може да ги зголеми нивоата на стрес хормонот кортизол.

Затоа, во продолжение ќе издвоиме дел од најдобрите, најздрави намирници кои може да ви послужат како вкусна и нутритивна ужинка во ноќните часови.

"“Online”/

Зошто доаѓа до потреба од „грицкање“ доцна во ноќта?

Потребата од храна во вечерните часови може понекогаш воопшто да не е поврзана со гладта, односно со претходниот внес на храна. Едноставно имаме потреба од некаква ужинка. Едно истражување од 2013 година, покажува дека ваквата потреба може да е поврзана со нашиот внатрешен биолошки часовник. Се смета дека во ноќните часови доаѓа до зголемена потреба од храна, особено онаа богата со скроб, која може да биде слатка или солена. Ваквата појава била честа за нашите предци, бидејќи на овој начин можеле да направат подобри резерви за кога храната ќе биде помалку достапна. Но, во денешницата, храната за нас е постојано достапна и е многу по калорична отколку во минатото, па ваквите ноќни ужинки можат значително да допринесат кон зголемување на телесната тежина.

Истражувањата од студијата исто така покажуваат дека циркадијалниот ритам (ритамот кој го контролира спиењето) има голема улога во денешниот пораст на прекумерната тежина кај луѓето.

Секако, потребата од храна може да биде навистина оправдана и да биде поради вистински глад, односно потреба од енергија. Најчесто поради прескокнување на ручекот или ручање во помали количини, луѓето подоцна во ноќта чувствуваат глад и потреба од некаква ужинка.

Зошто јадењето погрешна храна доцна во ноќта може да биде нездраво?

Периодот од денот кога внесуваме храна има огромна улога во тоа како таа храна ќе биде искористена од нашето тело. Некои истражувања покажуваат дека енергијата од храна која е консумирана доцна навечер, е поверојатно телото да ја складира како масно ткиво, а со тоа и да дојде до покачување на тежината.

Една студија која вклучила 420 луѓе со прекумерна тежина, покажала дека јадење порано во денот, доведува до подобра регулација на телесната тежина. Испитаниците чии оброци биле покасно во денот, иако јаделе помалку, намалувале помалку килограми од својата тежина. Ова укажува дека телото поинаку ја процесира и искористува храната во различен период од денот. Доколку таа е консумирана порано во денот, телото ја користи повеќе како извор на енергија, додека подоцна во денот тоа ја користи со цел да направи резерви.

Здрави ужинки за доцна во ноќта

Без разлика на периодот од ноќта, некогаш навистина имаме потреба од храна, па затоа во продолжение ќе ги издвоиме најздравите намирници доколку мора да јадете доцна во вечерта.

Банана

Една студија покажала дека бананата може да го зголеми нивото на мелатонин во крвта. Мелатонинот е хормон кој се лачи во телото и е заслужен за чувството на поспаност кое го имаме доцна во ноќта. Бананата исто така содржи и калиум, минерал кој допринесува за релаксираност и опуштеност на мускулите. Таа е исто така добар извор на влакна, витамини и минерали и прилично е ниско калорична, а може да го поттисне чувството на глад кое го имаме.

Јогурт

Јогуртот е одличен извор на калциум, минерал кој е клучен за здравјето на коските. Покрај тоа, некои студии го поврзуваат калциумот и со подобар сон. Јогуртот е исто така и добар извор на аминокиселината триптофан, која исто така може да предизвика поспаност и подобар сон.

Протеините кои ги содржи јогуртот може да ни дадат чувство на ситост и да го неутрализираат чувството на глад.

Цреши

Едно истражување покажало дека сокот од цреши го подобрува спиењето кај испитаниците кои имаат над 50 години и страдаат од несоница. Црешите содржат процианидини, мелатонин и триптофан – соединенија кои имаат позитивен ефект на спиењето. Тие се ниско калорични (97 калории/100g), содржат низа на витамини и минерали и се одличен извор на антиоксиданти. Покрај тоа, црешите имаат умерен гликемиски индекс, што значи дека нема нагло да го покачат шеќерот во крвта.

Киви

Две излупени киви содржат само 90 калории, а дури 5 грами влакна и 190% од дневните потреби за витамин Ц. Едно истражување го потврдило позитивниот ефект на кивито врз квалитетот на спиење на испитаниците. Тие јаделе две киви, еден час пред спиење. По еден месец резултатите покажале дека времето потребно да заспијат се намалило за 35% и тие спиеле околу 13% подолго. Гликемискиот индекс на кивито е исто така низок (50) и тоа е дополнителна причина зошто кивито е добра ужинка за доцна во ноќта.

Интегрални крекери и некакво сирење или хумус

Ваквата ужинка дава добар микс од јаглехидрати и протеини, а тоа може да помогне при одржувањето на шеќерот во крвта. Сирењето исто така содржи триптофан, што може да допринесе за подобар сон. Хумусот е одличен извор на протеини, влакна и дава долго чувство на ситост. Тој оди одлично со крекери и може да биде вкусна и здрава ужинка. Ваквата мешавина од интегрални крекери и сирење или хумус е калорична затоа внимавајте на количината, но сепак истата брзо ќе ве засити.

Микс од семки, суво овошје и јатки

Ваквите миксови се продаваат како готови, а може да ги направите и самите со намирниците кои ги имате дома. Сувото овошје, семињата и јатките се здрави и вкусни намирници,а миксот од нив може да биде одличен извор на јаглехидрати, протеини и здрави масти. Тие се исто така солиден извор на минерали, како и на растителни влакна. Бидејќи сувото овошје може да содржи повеќе јаглехидрати, а јатките и семињата масти, внимавајте на калориите од ваквиот микс. Примери за комбинирање: семки од тиква, сува кајсија и бадеми ; ореви, суво грозје и сончогледово семе; лешници, сува брусница и сусам.

Пуканки

Пуканките се вкусна, здрава ужинка која брзо се подготвува. Истите ќе ве заситат, но нема да ви дадат чувство на подуеност и тешкотија. Тие се ниско калорични, а  се одличен извор на влакна и минерали. Пуканките содржат сложени јаглехидрати и со тоа лесно заситуваат и ја елиминираат гладта. Настојувајте да ги подготвувате самите, на сосем малку масло и без додавање на многу сол.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор