fbpx

Кои се најздравите ужинки при ДИЈАБЕТ?

tonus

Се проценува дека на глобално ниво секој единаесетти човек страда од дијабет, односно над 400 милиони луѓе се соочуваат со ова хронично заболување.

 

Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка постојано е во пораст. Секоја година бројот на пациенти со дијабет се зголемува и може да се каже дека дијабетот е една од посериозните болести на денешницата. Постојат бројни фактори заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои е и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот како фактор. Без разлика на тоа, постојат низа намирници што лицата со  дијабет можат да ги консумираат без да имаат никаква грижа. Со правилната исхрана може да се обезбеди константно и стабилно ниво на шеќерот, а сепак таа да е разновидна и здрава.

Во денешната статија ќе ги разгледаме поконкретно опциите за ужина за лицата со дијабет, какви карактеристики тие треба да имаат и ќе ви предложиме неколку здрави и вкусни идеи.

"“Online”/

 

Што треба да содржи една здрава ужинка наменета за луѓето со дијабет?

 

Ужинките се одличен начин во одржувањето на нивото на енергија и шеќер во текот на денот. Доколку се консумираат здрави и нутритивни намирници, ужинките можат значително да допринесат кон подобро здравје и внес на бројни микронутриенти (витамин и минерали). Со внес на ужинка што содржи и значително количество на растителни влакна и протеини, го спречуваме наглото покачување на нивото на шеќер во крвта, а ја задржуваме ситоста.

Доколку пак практикуваме консумирање ниско-калорични ужинки, богати со влакна, протеини и сложени јаглехидрати, може да го намалиме количеството храна што ни е потребно во главните оброци и со самото тоа полесно да го контролираме внесот на калории во текот на денот. Самото тоа значи и подобра регулација на телесната тежина.

Простите шеќери треба целосно да се избегнуваат

 

Кај лицата со дијабет можеби е подобра опција да се практикуваат почести ужини, кои не содржат воопшто прости шеќери, а во умерени количини содржат сложени јаглехидрати. Простите шеќери може нагло да го покачат нивото на шеќер во крвта, што е секако непосакувано кај луѓето со дијабет. Исто така, ваквите шеќери, односно намирници во кои тие се содржат, не даваат долго чувство на ситост, па потребата од ужинка може набрзо повторно да се јави.

Како добар извор на јаглехидрати може да се сметаат житарките (како цели зрна), млечните продукти со ниска масленост и секако овошјето и зеленчукот.

Треба да напоменеме дека сите ужини наменети за лицата со дијабет треба да имаат понизок гликемиски индекс. Тоа значи дека тие нема нагло да го покачат нивото на шеќер во крвта.

 

[Поврзано: Прости наспроти сложени јаглехидрати. Која е КЛУЧНАТА разлика?]

 

Неколку идеи за здрави ужинки

 

1 . Бадеми или останати јаткасти плодови

 

Бадемите се навистина нутритивни и практични како намирница за ужинка. Во само 28g бадеми се содржат дури 15 витамини и минерали, 6g протеини и 4g влакна. Некои истражувања покажуваат дека долгорочно консумирање на бадеми довело до благ пад во нивоата на шеќер кај дијабетичарите. Ваквата способност на бадемите најверојатно се должи на нивниот состав. Имаат интересна комбинација од влакна, протеини и здрави масти, кои се покажале како ефективни и корисни кај луѓето со дијабет. Но, секако внесот на бадеми треба да биде умерен, бидејќи тие се вбројуваат во високо калориска храна, односно 100g бадеми содржат околу 600 калории.

 

Покрај бадемите може да се консумираат и индиски ореви, фстаци, лешници или ореви, бидејќи сите се добар извор на протеини, влакна и здрави масти и се одлична, нутритивна ужинка.

 

2 . Печена леблебија / хумус

 

Леблебиите се супер здрава намирница за брза ужинка, бидејќи содржат одлично количество на протеини и влакна. Истражувања покажале дека консумирањето на печена леблебија може да го спречи прогресирањето на дијабетот, бидејќи тие имаат навистина добар потенцијал за регулирање на шеќерот во крвта. Може да се консумираат како печени или подготвени како хумус. Хумусот е исто така здрав намаз кој може да биде одлична опција за ужинка, но и за оброк.

 

3 . Пуканки

 

Пуканките се доста популарна и нутритивна полнозрнеста опција за ужина. Тие се сметаат за една од подобрите ужинки за дијабетичарите, делумно поради нивната мала калориска вредност. Тоа може да доведе до подобра регулација на телесната тежина, фактор кој е директно поврзан со дијабетот. Пуканките се исто така и одличен извор на влакна. Најдобро е да се избегнуваат купечките или пуканките за во микробранова, бидејќи содржат додадени масти и огромно количество на сол. Подгответе ги пуканките дома и избегнувајте додавање на солта.

 

4 . Чиа пудинг

 

Пудингот од чиа семињата се подготвува во вода, растително или обично млеко. Самите семиња бабрат и се добива вкусна и кремаста структура која потсетува на пудинг. За дијабетичарите ова претставува здрава ужина, бидејќи чиа семето е богато со протеини, влакна и омега – 3 масни киселини. Ваквите семиња исто така може да допринесат и кон намалување на нивоата на триглицериди во крвта, а тоа е важно бидејќи дијабетичарите имаат веќе зголемен ризик за појава на кардиоваскуларни заболувања.

 

5 . Овошјa со низок гликемиски индекс

 

Иако овошјата се природно богати со шеќери, постојат низа овошки кои може да бидат здрава и освежителна ужинка за луѓето со дијабет. Јаболки, круши, цреши, јагоди, боровинки, цитрон се дел од овошјата кои имаат прилично низок гликемиски индекс. Обидете се и внесувајте што е можно поразновидно овошје, бидејќи тоа е незаменлив дел од една здрава исхрана. Овошјата со низок гликемиски индекс може да се консумираат како ужинка или пак во комбинација со јаткастите плодови и некои нискомаслени млечни продукти – како појадок или вечера. Сепак, бидете умерени со внесот на овошја, бидејќи сепак во прекумерни количини тие може да го покачат шеќерот во крвта.

Покрај здравите намирници, секако постојат и одредени кои треба целосно да се избегнуваат или пак нивниот внес да е строго контролиран и во сосем мали количини.

Храна која треба да се избегнува : пржени јадења, храна богата со заситени или транс масти, многу солена храна, пекарски продукти, сладолед, слатки, алкохолни и  безалкохолни пијалоци.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор