fbpx

Вежбањето е ЗДРАВО, но не и кога е ПРЕКУМЕРНО!

tonus

Преку повеќе статии на нашиот блог ги нагласуваме и истакнуваме важноста и придобивките кои ги дава редовната физичка активност. Таа е клучна во одржувањето на нашата кондиција, телесна тежина, но се смета дека има и незаменлив допринос кон подобро целокупно здравје – физичко и ментално. Особено може да има позитивно дејство врз нашата самодоверба, расположение и ниво на енергија. Но, често ваквите позитивни придобивки ги тераат луѓето да вежбаат и прекумерно, односно со многу малку одмор. Рутината за вежбање преминува во еден вид на опсесија и потреба, па вежбањето добива примарна позиција во нашиот живот. Секако ова не е пожелно, бидејќи вежбањето треба да биде алатка за поквалитетен живот, а не еден вид на „зависност“.

Што се смета за прекумерно вежбање?

Одоговорт на ова прашање е сложен и доста е тешко да се каже колку и какво вежбање за некого е премногу. Професионалните спортисти вежбаат секојдневно по повеќе часови, па кај нив се смета дека границата за прекумерно вежбање е поместена. За останатите, препораките се околу 150 минути аеробни вежби неделно, но и во тие 150 минути може да дојде до прекумерен напор. Сепак, има бројни фактори кои имаат улога во ваквата препорака, а тоа се: возраста, здравјето и изборот на вежби. За да се воочат и препознаат ефектите од прекумерен напор и вежбање, треба да согледаме и процениме како се чувствуваме физички, но и емоционално по вежбањето. Пример за еден од ефектите од прекумерно вежбање со висок интензитет е силното воспаление на мускулите и отежнатото движење и функционирање наредниот ден.

Што покажуваат истражувањата?

Едно истражување ги согледувало здравствените ефекти што ги има трчањето – со поспоро и побавно темпо. Во истражувањето биле вклучени и луѓе кои воопшто не практикувале физичка активност. Било утврдено дека трчањето со умерено темпо има подобар ефект врз здравјето, отколку воопшто не вежбање или трчање со брзо темпо. Некои други истражувања покажуваат дека активности кои бараат силна издржливост, како ултра маратоните, го подложуваат телото и особено кардиоваскуларниот систем на зголемен стрес и оптеретување. Ова може да доведе до појава на срцеви заболувања, аритмија, зголемени и проширени артерии и сл.

"“Online”/

Науката вели дека иако вежбањето дава бројни здравствени бенефити, зголемувањето на интензитетот и зачестеноста не значи и подобро здравје. Целта е тоа да е умерено и урамнотежено со нашата возраст, кондиција и здравје.

Кои се ризиците и симптомите од прекумерно вежбање?

1 . Сигнали од мускулите

Како една од главните причини за болка во мускулите денот по тренингот, се смета дека е оштетувањето во мускулното ткиво кое треба да се обнови. Покрај ова, некои соединенија како лактат, органски киселини и аденозин трифосфат (АТП) се смета дека се дополнително заслужни за болката во мускулите. Овие соединенија се ослободуваат во мускулното ткиво при контракциите, предизвикувајќи болка и непријатност. Во едно истражување, научниците ги инјектирале ваквите соединенија во нервни клетки на глувци. Тие веднаш предизвикале одговор од нервните клетки кој зависел од количеството на внесени соединенија.

2 . Се зголемува ризикот од повреди

Колку повеќе се става напор и притисок врз одредена мускулна група, толку повеќе се зголемуваат шансите за повреда при вежбањето. По интензивна физичка активност, неопходно и потребно е да се одвои време за одмор со цел репарирање на ткивото. Покрај мускулите, може да дојде до повреди и оштетување на зглобовите, лигаментите и сл.

3 . Прекумерно оптоварување на срцето

Долгорочно прекумерно вежбање било докажано дека го менува начинот на кој нашето срце работи. Се смета дека ѕидовите на срцевиот мускул се задебелуваат и доаѓа до промена и кај крвните садови. Со тек на времето, вежбањето може да стане потешко. Доаѓа до пробнлеми со срцебиењето, односно по вежбањето на телото му е потребно подолг период за да го врати пулсот во нормала, а потребни се и подолги периоди на одмор.

4 . Умор и намален перформанс

Недоволниот одмор и секојдневното вежбање може да доведе до хроничен умор. Дополнително, овој недостиг на енергија може да се препише и на недоволниот внес на калории преку исхраната, односно на прекумерната потрошувачка на калории поради физичката активност.

Покрај тоа, еден од главните знаци за прекумерно вежбање е и намалениот перформанс. Иако би се очекувало перформансот да се подобрува со зачестените тренинзи, всушност се случува спротивното. Поради недоволниот одмор, намалената агилност и подвижност, како и намалената сила и издржливост во мускулите, доаѓа до влошување во перформансот. Со текот на времето, ова може да доведе и до намалена мотивација и желба за вежбање.

Покрај ова, некои останати знаци за прекумерност во вежбањето се:

  • Потребни подолги периоди на одмор по тренинг
  • Лошо расположение
  • Надразливост
  • Проблеми со спиењето
  • Константна болка во мускулите
  • Намалена мотивација за вежбање
  • Ослабен имун систем – зачестени настинки и инфекции
  • Губење на телесна тежина
  • Анксиозност

Како здраво и правилно да ја практикуваме физичката активност?

Никогаш не треба да ги игнорираме знаците и сигналите кои ни ги дава телото. Болката, уморот и потребата од одмор се сигнали кои треба да се почитуваат, а тоа е период кога треба на телото да му овозможиме време за одмор и обновување.

  • Секогаш внимавајте на внесот на калории при зачестено вежбање. Јадете доволно храна, која е здрава но и калорична. Вежбањето ја зголемува потребата за енергија од храната.
  • Пијте доволно вода пред, за време на и по тренингот. Правилната и доволна хидрација е клучна за нашето здравје.
  • Настојувајте да спиете 7-8 часа за време на ноќта. На тој начин му овозможувате на телото да одмори и да го репарира мускулното ткиво кое е оштетено од тренингот.
  • Избегнувајте тренинзи на екстремни температури.
  • Намалете ја зачестеноста на тренинзите или целосно прескокнете ги кога не се чувствувате добро.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор