fbpx

Краток опис на ДОБРИТЕ вируси (ги има и такви) – сојузници против бактериите!

tonus

Според проценките на повеќето научници, во просек човековото тело е населено со дури 10 пати повеќе ,,туѓи” клетки отколку свои, односно човекови. Овие туѓе клетки можат да бидат бактерии, габи, протозои, археи и вируси. Тие го формираат човековиот микробиом. Под човеков микробиом се подразбираат сите микроорганизми кои живеат на, или во човечките ткива или биофлуиди.

Мистериозна, односно многу малку истражена е улогата на вирусите од микробиомот во здравјето на човекот. Кога ќе се споменат вирусите, веднаш тоа се поврзува со заболувањата кои ги предизвикуваат познатите вируси како хив, хепатит А, В, вирусот на малите сипаници, а моментално пак, најактуелен е новиот корона вирус.

Нормално дека најголемиот дел од времето медицината и фармакологијата го користат на истражување на овие вируси.
Значи, постојат вируси кои се патогени, но постојат и корисни вируси кои се дел од микробиомот.

"“Online”/

Иако улогата на т.н. ,,добри” вируси во здравјето на човекот е сè уште во голема мера мистериозна, полека почнуваат да пристигнуваат интересни информации на темата.
Во продолжение, основните податоци за помалку заборавениот, но не и незначаен дел од вкупниот човеков микробиом – вириомот или вирусната заедница.

Вириомот – нов предизвик

Улогата на бактериите и вкупниот наш микробиом во здравјето и заболувањата во последно време е сè повеќе поле на интерес на медицината. Сè уште сме далеку од одговори на повеќето прашања кои произлегуваат од научните истражувања на тематиката човеков микробиом, но едно е сигурно знаеме: без нашите ,,микро пријателчиња” не би можеле да преживеемe.

Иако сме многу далеку од повеќето значајни одговори за комплексните интеракции помеѓу делувањето на бактериите и човековото здравје, науката не би била наука доколку не си постави нова цел: улогата на вирусите или вириомот како дел од човековиот микробиом.

Што е вириом?

Кога ќе се спомене микрофлора или микробиом веднаш помислуваме на нашата бактериска заедница. Но, како што веќе кажавме, микробиомот ги подразбира сите присутни микроорганими кои коегзистираат со човекот во симбиоза, односно не му прават штета. Вириомот ја претставува вирусната заедница во рамките на микробиомот.

Повеќе вируси за своја еколошка средина ја имаат на пример мукозната површина во носот и устата, но и желудникот и дигестивниот тракт.

Бактериофаги

Научниците сметаат дека зад вириомот се крие најголемиот, најразличниот, но и најдинамичниот дел од микробиомот! Поголемиот дел од вириомот го претставуваат бактериофагите. Онаму каде што има бактерии, тука се и бактериофагите.

Истражувачите на оваа тематика се согласни: Фагите се најраспространетата форма на живот на планетата Земја. На пример, во обична свежа, изворска вода може да се содржат и до 10 милијарди единици фаги на милилитаr!

Бактериофагите ги напаѓаат и инфицираат бактериските клетките на сличен начин како и при човековите инфекции со вирус. Според посебен механизам навлегуваат во бактериската клатка и ја искористуваат нејзината клеточната машинерија за репродуцирање на својот генетски материјал.

Јасна е улогата на цревните бактерии врз целокупното човеково здравје. Така, не е за изненадување дека и вирусите кои ги напаѓаат овие бактерии ќе имаат значително индиректно, а можеби и директно влијание врз нашето здравје.

Терапија со фаги

Од 20’ до 50’ години на минатиот век, научниците особено биле заинтересирани за тоа дали бактериофагите можат да се користат за третман на бактериските инфекции.

Истражувачите утврдиле дека ваквата терапија била ефикасна во уништувањето на патогените, но што е поважно, немала ниту штетни странични ефекти, како на пример инфекции со вирусот.

Откривањето и омасовувањето на производството на антибиотиците, ги оставило настрана фагите како третман за бактериски заболувања.

Дали лекувањето со бактериофагите може да се врати на голема врата?

Во последно време истражувањата во однос на бактериофагите стануваат повторно актуелни. Зошто?
Постои сè поголем страв од супер-бактериски инфекции, односно создавање на отпорни бактерии на било кои создадени антибиотици, поради несоодветната и честа употреба на антибиотиците Ваквиот страв според повеќе научници не е нереален.

Главната предност на бактериофагите може да биде нивната висока специфичност. Знаеме дека антибиотиците освен што делуваат на патогените, уништуваат и дел од нашиот природен и корисен микробиом.

Бактериофагите пак, делуваат САМО на многу тесен спектар од бактерии и тоа од истиот вид. Дополнително, бактериофагите се реплицираат само ако нивната таргет бактерија е во блиската средина. Сè на сè, ова значи дека бактериофагите го напаѓаат само посакуваниот бактериски патоген и можат да се реплицираат само додека е жива бактеријата.

Симбиоза помеѓу бактериите и вирусите во микробиомот

Бактериофагите освен што можат да ги убиваат бактериите, тие можат и да бидат во симбиоза со нив, односно да живеат во заедница со обострана корист.

Во цревната флора, бактериофагите генерално егзистираат како профаги. Тоа значи дека нивниот генетски код е инкорпориран во бактерискиот геном, спремен за продукција на бактериофаги кога е активиран. Во овој период од животот бактериофагите не се штетни за бактериите.

Бидејќи бактериите можат да го менуваат меѓу себе генетскиот материјал на различни начини, можат да го пренесат и геномот на бактериофагите. Ваквата размена на генетскиот матријал може да предизвика корист за бактериите, во смисла антибиотска резистентност, подобра вирулентност и подобрување на метаболизмот. На тој начин бактериите поуспешно можат да се ,,изборат” за простор и храна во средината во која се наоѓаат.

Значи, бактериите и профагите живеат во симбиоза. Од друга страна, бактериите и човекот исто така живеат во симбиоза. Тоа би значело и дека профагите се значајни за здравјето на човекот.

Дисбиоза

Но, во дадени услови (под услови на стрес или доколку бактеријата-домаќин е во опасност), профагите се активираат во така наречени литички фаги кои можат да и направат голема штета на корисната бактериската микрофлора. Правејќи и штета на корисната, се остава простор за раст и развој т.н. ,,лоши” или патогени, инфективни бактерии. На овој начин, бактериофагите можат да предизвикаат состојба на нарушена бактериска микрофлора или дисбиоза.

Од дисбиоза до дијагноза

Научните истражувања ја поврзуваат дисбиозата со повеќе состојби и заболувања како што се разни цревни воспаленија, синдром на хроничен замор, дебелина, инфекции со клостридиум, колитис итн. Сепак, истражувачите не се сосема сигурни за точната улога на бактериофагите во предизивкуањето на дисбиозата.

Заради поголемата присутност на бактериофагите од бактериите во микробиомот и нивната зависност од бактериите во однос на репликацијата, бактериофагите сигурно имаат некакво влијание во било каква промена на цревната микрофлора, особено поголема промена како што е дисбиозата.

Краток заклучок

Испитувањата на вирусите се особено тешки од технички аспект. Вирусите се повеќе пати помали и од бактериите, а постојат и повеќе други проблеми.

Утврдувањето на вирусите според генетскиот материјал исто така е голем предизвик, поради тоа што вирусите не содржат еквивалентни гени помеѓу различните нивни видови. Ова до скоро, правеше нивното испитување да биде практично невозможно, но последните генерации на секвенционирање полека ги симнуваат бариерите.

Загриженоста во однос на антибиотската резистентност или отпорност е сè поголема.
Напредокот во истражувањата на вирусите може да биде многу корисен во однос на делувањето на бактериофагите во лекувањето на бактериските инфекции.

Така, во наредниот период можеме да очекуваме напредок, не само во борбата со самите инфекции кои се предизвикани од вирусите, туку и во развивањето на механизми за да ги искористиме вирусите во лекувањето на бакетриските инфекции.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор