fbpx

Дали ВИТАМИНОТ Д навистина може да помогне кај лицата со дијабет?

tonus

На глобално ниво, се проценува дека секој единаесетти човек страда од дијабет, односно над 400 милиони луѓе. Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка е во постепен, благ раст. Секоја година бројот на дијабетичари се зголемува и може да се каже дека дијабетот е една од посериозните болести на денешницата. Постојат бројни фактори кои се заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои е и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот како фактор.

Една интересна корелација која науката ја пронашла и дополнително ја истражува е влијанието кое го има витаминот Д врз дијабетната состојба. Што претставува витаминот Д и како може позитивно да делува кај луѓето со дијабет, се дел од прашања кои ќе ги продискутираме во продолжение.

Што претставува витаминот Д и кои се неговите главни функции во телото?

Малкумина знаат дека иако се смета за витамин, ова соединение е всушност  прохормон или прекурсор на хормон. Дефиницијата за витамини гласи: соединенија кои телото не може само да ги синтетизира, а се неопходни во мали количини за извршување на низа важни процеси во телото.

"“Online”/

Витаминот Д може самостојно да се синтетизира и има многу покомплексно дејство од останатите витамини во организмот, но сепак неговото синтетизирање е зависно и иницирано од дејството на сончевите зраци, па затоа се вбројува и во групата на витамини.

Витаминот Д во организмот се создава преку кожата во вид на провитамин, а под дејство на сончевата светлина (нејзините УВ зраци) се трансформира во активен витамин Д. Нашата кожа кога е изложена на директни сончеви зраци создава доволно количество на витамин Д и токму изложеноста на сонце е најсигурен начин за истиот да се синтетизира.

Дел од најважните улоги на овој витамин во телото се:

  • Здрави коски – има улога во искористувањето на калциумот и фосфорот – минерали кои се клучни за здравјето на коските.
  • Здрав имун систем
  • Здрава кожа
  • Раст и создавање на нови клетки
  • Регулација на хормони
  • Позитивен ефект кај појавата на артритис

и во интерес на денешната статија, позитивното дејство на овој витамин кај луѓето со дијабет.

Која е поврзаноста меѓу витаминот Д и дијабетот?

Дефицитот на витаминот Д е честа појава кај популацијата, особено во периодите од годината кога има помалку сончеви денови. Одредени истражувања пронашле јасна поврзаност меѓу ниските нивоа на овој витамин кај луѓето со инсулинска резистентност и зголемениот ризик од појава на тип 2 дијабет. Ваквите истражувања покажуваат дека користењето на витаминот Д како суплемент, непосредно пред дијагностицирањето на дијабет или веднаш по истото, помага  телото подобро да реагира кон создадениот инсулин, односно ја зголемува сензитивноста кон овој хормон. Покрај директниот ефект врз инсулинот, се смета дека овој витамин делува позитивно и на ꞵ-клетките на панкреасот и ги одржува здрави и функционални. Нивната нарушена функција се смета за една од главните причини за појавата на дијабет и истата е застапена кај дури 60% од дијагностицираните случаи. Останатите 40% случаи се смета дека може да ја подобрат состојбата преку значителни промени во исхраната, режимот на вежбање и телесната тежина.

Како витаминот Д помага при создавањето на инсулинот?

Позитивниот ефект кој го има витаминот Д врз создавањето и лачењето на инсулин во телото, се смета дека се должи на повеќе фактори. Првенствено, витаминот Д се смета дека навлага во бета клетките во панкреасот и врши интеракција со повеќе рецептори. Ова директно може да допринесе кон зголемена и подобрена секреција на инсулинот.

Дополнително, се смета дека витаминот Д помага бета клетките да останат неоштетени кај луѓето со дијабет, иако нивните тела постепено ги напаѓаат и уништуваат овие клетки.

Витаминот Д исто така има голема улога и во регулирање на нивото на калциум во телото. Овој минерал се смета дека има мала, но клучна улога во лачењето на инсулинот. Дефицитот на овој витамин може да го наруши нивото на калциум во телото, а со тоа индиректно и создавањето на хормонот инсулин.

Што покажуваат истражувањата?

Едно неодамнешно истражување го испитувало ефектот кој може витаминот Д3(земен како суплемент во доза од 5000IU) да го има врз дијабетната состојба. Студијата вклучувала 96 испитаници, при што некои добивале витамин Д3 како суплемент, а други добивале плацебо. Студијата траела 6 месеци и покажала дека суплементацијата со овој витамин значително ја подобрила инсулинската сензитивност кај пациентите со пред-дијабетна состојба или со ново дијагностициран дијабет тип 2. Наспроти овие позитивни влијанија, некои претходни студии утврдиле само мали или воопшто никакви подобрувања при внесување на витаминот Д како суплемент во исхраната.

Секако, суплементацијата со овој витамин не може да ги замени докажаните позитивни ефекти кои ги има здравата исхрана, редовната физичка активност и регулирањето на телесната тежина. Исто така, за утврдување на потреба од суплементација потребни се испитувања за утврдување на нивото на витамин Д. При евентуален дефицит, вашиот лекар може да ви препорача земање на некој вид суплемент.

Намирници кои го особено го содржат витаминот Д

За едни од најдобрите намирници кои го содржат витаминот Д се сметаат:

  • Лосос
  • Сардина
  • Туна
  • Харинга
  • Скуша
  • Жолчка од јајце
  • Печурки
  • Кравјо млеко, но и растителни млека кои се збогатени со витамин Д

Сепак, храната може да не биде доволен извор на овој витамин. Изложеноста на сонце и суплементирањето (во консултација со лекар) се поефикасни начини за доволно внесување на витаминот Д.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор