fbpx

Зошто пиењето доволно ВОДА е важно кога внесуваме РАСТИТЕЛНИ ВЛАКНА?

tonus

Растителните влакна не се сметаат за „класичен“ нутриент, односно поради неможноста на телото да ги дигестира, тие не се извор на калории. Но, тие сепак имаат исклучително важна и корисна улога во нашето дигестивно, но и целокупно здравје – тема за која имаме многупати зборувано на нашиот блог

Денес, ќе зборуваме за важноста од правилна и доволна хидрираност за искористување на максималниот ефект и придобивки кај лицата кои внесуваат поголеми количини на влакна преку исхраната.

 

Што претставуваат растителните влакна?

Растителните влакна или фибер припаѓаат на групата на соединенија наречени јаглехидрати. Познато ни е дека јаглехидратите се есенцијални или неопходни макронутриенти. Сепак, иако припаѓаат во оваа група, растителните влакна се недигестибилни или несварливи за нашиот дигестивен систем, поради отсуството на соодветни ензими. Тие сепак се сметаат за нутриенти кои имаат низа на позитивни влијанија во организмот.

"“Online”/

Како што укажува и самото име, растителните влакна се наоѓаат во растителните намирници, односно во делот од нив кој е недигестибилен. Меѓутоа, различни намирници содржат различни форми на растителни влакна. Имено, се работи за големи и сложени молекули, кои навистина може да имаат безброј различни форми и структури. Тие главно се делат на две групи – растворливи и нерастворливи растителни влакна. Двата типа на влакна се наоѓаат во намирници како: зеленчук, овошје, полнозрнести житарки, мешунки и сл. Инаку, самото име ја објаснува разликата – растворливите влакна се раствораат во вода и формираат еден вид на желатинска/гел структура во цревата. Во ваква форма тие може да подлежат на делумна дигестија од цревната микрофлора, па поради тоа овој тип влакна може да биде извор на сосема мало количество калории. Нерастворливите влакна, од друга страна, не формираат ваква структура и тие поминуваат низ цревата без значителни промени. Поради фактот дека се целосно недигестибилни и нерастворливи, овој тип влакна воопшто не е извор на калории

 

Зошто пиењето доволно вода е важно за лицата кои внесуваат повеќе растителни влакна преку исхраната?

Пиењето доволно вода е исклучително важно за луѓето кои имаат исхрана богата со растителни влакна, особено со растворливиот тип, бидејќи тие ја апсорбираат водата додека се движат низ дигестивниот тракт. Ваквата апсорпција на вода ја зголемува масата, волуменот и мекоста на столицата, овозможувајќи редовно  и лесно движење на столицата низ дебелото црево и спречувајќи опстипација.

Иако влакната се познати по тоа што овозможуваат редовна столица, без доволно вода може да се случи и спротивното – тие може да доведат до тврда, сува столица и да го влошат запекот. Дополнително, водата помага во процесот на ферментација на растворливите влакна од цревните бактерии, процес при кои се создаваат низа на корисни соединенија, важни за целокупното здравје. Науката сè повеќе ја проучува оваа област, односно го поврзува здравиот микробиом со разни аспекти од здравјето. 

Правилната хидратација, исто така, го олеснува непреченото минување на влакната и столицата низ цревата, минимизирајќи го ризикот од дигестивни непријатности и надуеност. Секако, пиењето доволно вода е важно за секого, но доколку сакаме да ги искористиме сите придобивки од растителните влакна, особено е важно да внесуваме доволно вода и течности.

 

Поврзано: 4 начини како водата ни помага да СЛАБЕЕМЕ!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор