fbpx

Може ли пиењето на доволно ВОДА да помогне при СЛАБЕЕЊЕТО?

tonus

Оваа недела веќе зборувавме за важноста од пиењето на доволни количини на течности и вода за превенција од формирање на бубрежни камчиња. Денес, ќе зборуваме за улогата која ја има водата при процесот на слабеење и зошто е истата од клучно значење. 

 

Водата може да го „активира“ метаболизмот?

Покрај физичката активност и балансираната исхрана, доволен внес на вода исто така се смета како корисна алатка при процесот на слабеење. Ваквиот ефект на водата се смета дека се должи на повеќе различни причини.

Пиењето вода може да го „активира“ метаболизмот и да помогне да се согоруваат повеќе калории во текот на денот. Некои истражувања покажуваат дека после 10-ина минути од пиење на чаша вода, телото ги зголемува потребите за енергија за 24-30% во наредниот час. Една студија која го проучувала ефектот на пиењето на ладна вода кај деца со прекумерна тежина, покажала дека потребите за енергија се зголемиле за 25%. Други студии покажале дека пиењето дополнителен 1 литар вода дневно, довело до намалување на околу 2 килограми годишно, кај жени со прекумерна тежина.

"“Online”/

 

Водата може да го намали апетитот пред оброкот

За многумина, пиењето вода пред оброкот го намалува апетитот. Но, истражувањата покажале дека ова најчесто важи само за повозрасната популација. Една конкретна студија покажала дека пиењето вода пред секој оброк, довело до намалување за 2 килограми кај постари лица, во период од 3 месеци. Друга студија пак, покажува дека повозрасни лица со прекумерна тежина, кои пиеле вода пред секој оброк, изгубиле за 44% повеќе тежина, споредбено со групата која не пиела вода. Друга студија покажала дека пиењето вода пред појадокот,  во просек го намалува внесот на калории при овој оброк за 13%. Важно е да напоменеме дека овие резултати главно се однесуваат на повозрасната популација, додека студиите покажуваат дека кај помладите, водата не влијае значително при намалување на апетитот.

Дополнително, пиењето на доволни количества вода е особено важно за исфрлањето на непотребните материи од нашиот организам. Ова би значело дека работата на бубрезите, како и на цревата е целосно зависна од внесот на вода. Доколку овие непотребни материи редовно и правилно се исфрлаат, ние ќе се чувствуваме полесно, подобро и поздраво. Кај луѓето кои не пијат доволно вода може да се јави констипација, надуеност, замор – фактори што може да го отежнат процесот на слабеење.

 

Водата е особено важна при физичка активност

Еден од најлесните начини за успешно слабеење е преку зголемување на степенот на физичка активност. Водата е неопходна при вежбањето, а голем дел од неа се губи и преку потењето. При потењето исто така губиме и големи количества на минерали, кои се од клучно значење за работата на мускулите, срцето и за низа на други процеси. Пиењето вода ја обновува концентрацијата на овие минерали и помага нашиот организам да функционира правилно и вежбањето да тече без потешкотии. Исто така, водата е медиум во кој ваквите минерали се раствораат и преку крвта циркулираат низ организмот. Дополнително, недостатокот од вода доведува и до побрзо „трошење“ на мускулните клетки, со што тие побрзо ги разградуваат протеините, нешто што е непосакувано. Дехидрираноста е сериозен ризик, особено во летниот период кај лицата кои имаат висок степен на интензивна физичка активност. Затоа, се препорачува што е можно поголем внес на течност при обилно потење и напор. Правилната хидрираност помага и ги подобрува резултатите од физичката активност, а со тоа директно го олеснува и процесот на слабеење.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор