Иако често слушаме за воспаленијата или наречени и инфламација, сепак недоволно се придава важност и внимание на истите. Инфламацијата, особено доколку е хронична, е сериозна состојба која може навистина разорно и штетно да делува на целокупното здравје. Денес, ќе се задржиме на овој тип на инфламација и ќе погледнеме како влијае на здравјето на крвните садови, а со самото тоа и на ризикот за појава на хипертензија.
Што претставува инфламацијата?
Инфламацијата или воспалението е природен процес и е дел од одбранбениот механизам на организмот и истото има клучна улога при процесот на заздравување. При појава на „натрапник“ во телото, се јавува одговор со цел негово отстранување. „Натрапникот“ може да биде бактерија, вирус или пак обичен неоргански предмет – трн, прашина или некаков иритант.
Постојат два типа на инфламација – акутна и хронична.
Акутната инфламација е предизвикана од некаков тип на повреда или заболување и како што кажува името, таа е акутна односно краткотрајна. Таа е проследена со симптоми од типот на: болки, црвенило на повредената област, оток, чувство на топлина и сл.
Меѓутоа, ваквите симптоми не секогаш се присутни, па воспалението може да биде и присутно без никакви симптоми. Најчесто акутната инфламација трае неколку денови. Субакутната инфламација може да трае 2-6 недели.
Другиот тип на инфламација, хроничната, може да трае со месеци па дури и години. Таа е најчесто поврзана со други заболувања како: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, артритис, ревматоиден артритис, псоријаза и сл.
Овој тип на воспаление е далеку поштетен и опасен, бидејќи може да трае навистина долго и да предизвика низа на проблеми како покачување на телесната тежина и низа на заболувања – дијабет, срцеви заболувања, канцер и сл.
Најчест начин за мерење на степенот на воспаление е преку мерење на т.н биомаркери или инфламациони маркери.
Како хроничната инфламација влијае на здравјето на крвните садови? Дали таа го зголемува ризикот за појава на хипертензија?
Како што споменавме, хроничното воспаление има значително влијание врз целокупното здравје, а кардиоваскуларното е можеби и најзасегнато. Тука секако мислиме и на здравјето на крвните садови и ризикот од развој на хипертензија. Кога воспалението продолжува со текот на времето, односно кога тоа е хронично, истото доведува до континуирано ослободување на проинфламаторни цитокини и други соедниненија. Овие молекули предизвикуваат оксидативен стрес, кој создава и ги нагласува ефектите на слободните радикали кои ги оштетуваат ендотелните клетки. Овие клетки го сочинуваат тенкиот слој на клетки што ги обложуваат крвните садови. Ваквото оштетување ја компромитира способноста на ендотелот да произведува азотен оксид, критична молекула за проширување на крвните садови и одржување на васкуларниот тон. Без доволно азотен оксид, крвните садови стануваат помалку флексибилни и склони кон стегање, состојба позната како ендотелијална дисфункција.
Покрај тоа, хроничното воспаление промовира и акумулација на наслаги во артериите (артериосклероза), која ги стеснува и стврднува садовите, зголемувајќи го васкуларниот отпор. Овие промени го принудуваат срцето да работи понапорно за да пумпа крв низ стеснетите садови, што доведува до покачен крвен притисок или хипертензија. Ваквото стеснување е исклучително ризично и штетно и е исто така една од причините за појава на срцев или мозочен удар.
Дополнително, воспалителните процеси можат да го активираат системот ренин-ангиотензин-алдостерон (RAAS), хормонален систем кој го регулира крвниот притисок и балансот на течности. Активирањето на овој систем дополнително придонесува за хипертензија со тоа што предизвикува стеснување на крвните садови и задржување на натриум и вода во бубрезите, а со тоа зголемување на волуменот и притисокот на крвта.
Сите овие штетни влијанија укажуваат на важноста од менаџирање и намалување на воспалението, особено кај лицата со веќе загрозено кардиоваскуларно здравје.
За да прочитате повеќе околу секојдневните навики преку кои може да го намалите хроничното воспаление, кликнете ТУКА.