fbpx

Како загадениот воздух влијае врз нашите когнитивни функции?

tonus

Загадениот воздух е нешто што е ново за човештвото и е резултат на се поголемото и забрзано производство, што одговара на огромната побарувачка и раст на населението. Иако е прилично нов проблем, присутен само во изминатите стотина години, се проценува дека над 4,2 милиони смртни случаи секоја година се директно поврзани со загадувањето на воздухот. Најчесто, тоа предизвикува здравствени проблеми од типот на мозочни удари, кардиоваскуларни заболувања, рак, белодробни заболувања и сл. Загрижувачки е што некои проценки велат дека дури 99% од светското население живее во региони каде има делумно загадување. Поради сериозноста на проблемот, постојат огромен број истражувања и студии на оваа тема, особено во поглед на ефектот на загадувањето врз човековото здравје.

Денес, издвојуваме едно поново истражување кое го испитувало ефектот на загадувањето врз здравјето на мозокот, когнитивните функции и појавата на депресија.

Зошто е загадувањето на воздухот еден од најсериозните проблеми на денешницата?

 Загадувањето на воздухот се смета за еден од водечките ризици по човековото здравје, во светски рамки, но и во нашата држава. Некои проценки велат дека дури 9% од смртните случаи може да се поврзат со ефектите кои ги има загадувањето. Ваквиот проблем нам ни е добро познат, бидејќи дел од градовите во нашата држава неретко се наоѓаат во првите 5 најзагадени градови во светот. Ова е нешто што е исклучително алармантно и загрижувачки.

"“Online”/

Имено, загадениот воздух е комбинација од цврсти честички и испарливи гасови во воздухот. Издувот на автомобилите, оџаците на фабриките, домаќинствата и голем број други извори допринесуваат кон ваквото загадување. Голем дел од овие „загадувачи“ се токсични и нивното вдишување може да предизвика голем број здравствени проблеми. Особено се ранливи луѓето со хронични заболувања, постарите лица и децата. Ваквото загадување не е присутно само надвор, туку со текот на времето навлегува и во нашите домови, каде константно не изложува на овие ризици. Во поглед на градските средини, често се користи и терминот смог – кој претставува комбинацијата од англиските зборови smoke+fog. Смогот претставува комбинација од влажен воздух (магла), чад и гасови испуштени од страна на автомобили, фабрики, домаќинства и сл. Ваквата комбинација формира прилично густ „облак“ од штетни честички кој потешко се елиминира од воздухот.

Во поглед на штетноста, можеби најопасни се најситните честички, т.н PM 2.5. Тие имаат димензии помали од 2,5 микрони и со леснотија навлегуваат во нашиот организам и се депонираат. Загадувањето на воздухот е често и „тивок  убиец“ бидејќи не предизвикува никакви моментални здравствени проблеми, освен можеби блага кашлица. Здравствените проблеми како резултат на изложеноста на загаден воздух се јавуваат постепено и бавно. Затоа, важно е константно, а особено во зима да се заштитуваме од оваа опасност и да внимаваме на нашето здравје.

 

Ефектот на загадувањето врз когнитивните функции и ризикот за појава на депресија

Во една неодамнешна студија биле вклучени 352 здрави испитаници кои живееле во Пекинг, Кина. Пекинг важи за град со високо ниво на загаденост, особено со PM 2,5 честички.

На сите испитаници им биле испитани генетските предиспозиции поврзани со депресија. Потоа била следена нивната изложеност кон загаден воздух. Била испитувана форма на депресија комбинирана со анксиозност, а присутноста на ваквата состојба била одредена преку прашалник.

Научниците откриле дека зголемената изложеност, особено кон PM 2,5 честичките, резултирала со влошени когнитивни способности на испитаниците, како и со зголемена појава на депресија комбинирана со анксиозност. Исто така, зголемената изложеност кон PM 2,5 честичките резултирало со забавено време на реакција за време на когнитивните задачи, како и со намалена способност за решавање на зададените проблеми.

Се смета дека ваквите штетни честички директно влијаат на регии од мозокот и во комбинација со други фактори од средината или генетски фактори, може дополнително да допринесат кон намалени когнитивни функции и појава на депресија. Научниците сметаат дека изложеноста кон овие честички влијае врз функцијата на мозокот и ги нагласува генетските механизми поврзани со депресијата.

Бидејќи депресијата е состојба која често се асоцира и со хронична, умерена инфламација во телото, изложеноста на загаден воздух дополнително ја потврдува поврзаноста меѓу депресијата и штетните честички во загадениот воздух.

 

Како да се заштитиме од загадениот воздух?

Постојат неколку едноставни начини преку кои може да ја намалите вашата изложеност кон загадениот воздух, а тоа се:

  • Затворете ги прозорците – на овој начин во голема мера ќе го спречите навлегувањето на загадениот воздух во вашиот дом
  • Не излегувајте кога е воздухот екстремно загаден – доколку квалитетот на воздухот е исклучително лош, излегувајте само доколку имате сериозни потреби. Лицата со хронични заболувања и малите деца никако не смеат да бидат изложени на есктремно загаден воздух.
  • Користете маска против загадување
  • Користете прочистувачи на воздухот
  • Редовно следете ја загаденоста на воздухот
  • Користете ги деновите кога воздухот е почист за прошетка и за извршување на обврските

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор