fbpx

Дали заморот може да биде знак за некаков проблем со здравјето?

tonus

Секојдневието само по себе си носи предизвици и потешкотии. Обврските се понекогаш исцрпувачки, па често се чувствуваме уморно и без доволно енергија. Ова често може да го препишеме и на недоволниот сон, одмор или недостатокот од слободно време во кое можеме да се релаксираме и сл. Но, понекогаш се случува и покрај доволниот одмор и сон повторно да се чувствуваме како да немаме доволно енергија. Причината за ова може да лежи во повеќе нешта, но може да биде и индикатор за одреден здравствен проблем. Токму затоа, денес ќе зборуваме за неколку здравствени состојби кои може да се манифестираат преку заморот.

Зошто најчесто чувствуваме замор?

Некои проценки во САД, покажуваат дека дури 15% од жените и 10% од мажите, константно и секојдневно се чувствуваат прекумерно уморно и без енергија. Ваквиот замор не треба да се игнорира, бидејќи истиот може значително да го намали квалитетот на живеење. Дополнително, тој може да ја намали продуктивноста на работното место, може да предизвика незгоди кај возачите, да го намали академскиот успех на учениците и сл.

Важно е да напоменеме дека заморот е нормална појава, особено кај луѓето со активен живот исполнет со различни обврски. Најчесто, тој е резултат на недоволен или неквалитетен сон, нешто што е честа појава за многумина. Нажалост, сонот е често занемарен и се смета дека во САД дури 35% од возрасните лица имаат недостаток од сон, а бројката е загрижувачка и кај тинејџерите – возраст која е критична за растот и развојот.

"“Online”/

Но, што доколку и покрај долгиот и квалитетен сон, повторно чувствуваме замор? Дали тоа може да биде индикатор за некаков здравствен проблем? Ова може да го воочиме доколку и покрај доволниот одмор, повторно чувствуваме прекумерен замор кој го отежнува извршувањето на секојдневните задачи и обврски. Доколку е тоа случајот, тогаш причината за ваквиот замор може да лежи во некоја здравствена состојба или во нашите секојдневнки навики.

Кои здравствени состојби се поврзуваат со константен замор?

1 . Анемија – една од најчестите состојби која предизвикува константен замор и недостаток на енергија. Поконкретно, станува збор за анемијата поврзана со дефицит на железо. Жените со подолги менструални циклуси, како и трудниците се посклони кон оваа состојба. Но, анемијата може да биде присутна и кај жените во постменопаузниот период, како и кај мажите. Кај овие две групи, анемијата е често пропратена и со проблеми со стомакот и цревата. Индикатор за анемија е недостатокот на енергија, чувство на тежина во мускулите и брзо заморување по некоја активност. Во тој поглед, најдобро е да се испита нивото на железо и хемоглобин доколку има сомнеж за овој тип на анемија и да се направат одредени промени во исхраната. Во некои случаи може да се препорача и употребата на суплементи.

2 . Спиечка апнеа – претставува состојба каде доаѓа до стеснување и дури затворање на грлото во текот на ноќта при спиењето. Ваквото стеснување доведува до кратко нарушување во нормалното дишење и всушност до често будење кое може да се јави и повеќе пати во текот на ноќта. Индикатор за спиечка апнеа е често и гласното `рчење. Ваквата состојба го нарушува континуитетот на спиењето, што всушност спречува тоа да протекува низ сите неопходни фази. Будењето е исто така сосем кратко и луѓето често не се сеќаваат дека се буделе во текот на ноќта. Недостатокот од континуитет во спиењето доведува до чувство на замор и недостаток на енергија наредниот ден.

3 . Целијакија – позната и како целијачна болест, претставува имунолошка реакција на телото кон глутенот од исхраната. Глутенот претставува протеин кој е присутен во пченицата, јачменот и ‘ржот и често е застапен во продукти како леб, тестенини, житарици, торти и сл. Луѓето често не се свесни дека имаат целијакија, а истата може да предизвика симптоми кои може да го нарушат спиењето. Најчесто тие симптоми се – умор, дијареа, надуеност, анемија и намалување на телесната тежина.

4 . Депресија – здравствена состојба која бележи загрижувачки пораст во бројот на случаи. Покрај чувството на тага и немање на волја за наједноставните нешта, депресијата се одликува и со замор, потреба од повеќе одмор, намалено ниво на енергија и слично. Депресијата може да го наруши и квалитетот и времетраењето на сонот, а тоа директно влијае и врз вашето ниво на енергија наредниот ден. Доколку постои сомнеж за депресија, кај вас или кај ваш близок, најдобро е да се започне со разговор со вашиот лекар или психијатар, за утврдување на сигурна и точна дијагноза.

Други здравствени состојби кои може да предизвикаат замор се:

  • Анксиозност: мала, повремена анксиозност е сосем нормална појава. Но, доколку анксиозноста е присутна во голем дел од денот и го попречува спиењето веќе подолг период, тогаш можеби е потребно да се превземат одредени чекори – разговор со вашиот лекар и можна терапија.
  • Дијабет – еден од почестите симптоми на дијабетот е заморот и недостатокот на енергија.
  • Синдром на хроничен замор – замор кој и покрај доволниот сон, трае во континуитет 4 или повеќе месеци.
  • Хипотироидизам – состојба при која тироидната жлезда не создава доволно количество хормони. Еден од главните симптоми е заморот, но и покачување на телесната тежина и болки во мускулите.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор