fbpx

Дигитална зависност – Новото време нè ,,дави” во ДОПАМИН!

tonus

Сите сме слушнале за допаминот. Станува збор за невротрансмитер кој е задолжен за контролирањето на реакцијата на мозокот на награда или уживање. Силно придонесува за мотивираност и фокус…

Едно од најважните откритија на неврологијата

Кога правиме нешто во што уживаме, како на пример минување време на социјалните мрежи или пак играње видеоигри, мозокот ослободува малку допамин, што ни предизвикува чувство на задоволство.

Едно од најзначајните откритија во невронауката во последните 75 години е следното: Задоволството и болката се процесираат во ист дел на мозокот и тој постојано се обидува да ги оддржува во состојба на баланс. Кога и да натежне на едната страна (задоволството), со голема внимателност и труд мозокот се обидува да создаде нешто што научниците го нарекуваат хомеостаза, ,,натежнувајќи” на другата страна.

"“Online”/

По излачувањето на допаминот, мозокот се адаптира на него, намалувајќи го бројот на рецепторите што се стимулирани. Ова предизвикува ,,натежнување” кон страната на болката, па затоа задоволството потоа е проследено со чувство на исцрпеност, замор, безенергичност. По одредено време, непријатноста поминува и се враќаме во нормала, односно мозокот воспоставува баланс. Но, потоа следува повторно потребата за враќање кон изворот на задоволство или враќањето по нова ,,доза”.

[Поврзано: 5 причини зошто постојано се чувствуваме заморено]

Се’ повисока ,,точка на надразнување”

Ако доволно долго се повторува овој шаблон, точката на надразнување во мозокот во однос на задоволството се менува. Оттука доаѓа и се’ поголемата потреба од повеќе и повеќе изложување на работите што ни  создаваат задоволство. За жал, најчесто не за да добиеме некакво задоволство, туку да стигнеме до претходно споменатиот баланс, или чувство на нормалност.

Значи веќе не играме видеоигри или не минуваме часови на социјалните мрежи за да добиеме чувство на задоволство, туку за да се чувствуваме нормално и да не бидеме нерасположени или тажни.

Ако запреме со таквите активности, искусуваме класични симптоми или последици од зависност, како оние од било која адиктивна супстанција: анксиозност, лесна иритабилност или надразливост, несоница и преокупација со мисли за земање на супстанцијата или практикување на активноста што ни создава зависност.

[Поврзано: Зависност од електронски уреди]

Живееме во време на изобилие

Мозокот на човекот во текот на илјадниците години преку еволуацијата го има создадено споменатиот баланс, бидејќи во минатото задоволствата биле многу ретки, а опасностите сеприсутни. За среќа денес не живееме веќе во таквите времиња, но проблемот е тоа што нашето тело е многу слично како и пред илјадници години.

Денес живееме во време на изобилие. Во тоа изобилие присутни се и различни супстанции и однесувања што можат да ни создадат зависност.

Дополнително, во поново време се појави и цела нова класа на адиктивности – електронските. Тие не постоеја само пред 10-тина години! Тоа е, ќе признаете, многу малку време за адаптација.

Да биде работата уште покомплицирана, самите дигитални продукти се изработени на начин да бидат адиктивни, ветувајќи задоволство на одалеченост од само еден ,,клик”.

[Поврзано: Како БЛАГОТО влијае на мозокот и создавањето зависност?]

Од друга страна, веројатно никогаш не сме биле потажни како човечка заедница, иако сме во време наречено време на изобилие. Стапките на депресивност, анксиозност, физичка болка и самоубиства е во постојан раст насекаде низ светот, особено во побогатите земји.

Eдна пообемна студија (The Global Burden of Disease) покажува дека бројот на нови случаи на депресија пораснала за високи 50% само во периодот од 1990 до 2017 години. Интересно и веројатно неочекувано, најголеми зголемувања биле утврдени во регионите со поголеми примања.

[Поврзано: Депресијата не е обична тага]

Допамински детокс?

Причините зад и последиците од зависноста се тешки за проценување пред да се обидеме да ја намалиме изложеноста на однесувањето или супстанциите што ни ја создаваат.

[Поврзано: Дигитално заморено ОКО – Што значи и како да се заштитиме?]

Експертите од областа предложуваат, кога станува збор за модерниот начин на зависност, како онаа од електронските уреди, да се започне со помали чекори. Тоа би значело на почетокот помали ограничувања на времето за користењето уреди, постепено стигнувајќи до одредено прифатливо време.

Сите сме свесни дека стигнувањето до оваа цел не е воопшто лесно, затоа советот е одреден период (од неколку недели) да посветите повеќе труд/жртва и да не бидете изложени на искушението.

Искуствата на практичарите покажуваат дека ако издржите доволно долго, мозокот ќе има можност да направи ,,допамински детокс”, односно да го воспостави вистинскиот праг на надразнување од допаминот.

На овој начин повторно ќе можете да се вратите на навиките што ви создаваат задоволство и тоа без последици. Секако ова е условено од следното: ако повторно не започнете да претерувате со изложеноста.

Некоја од нашите наредни статии ќе посветиме само на ,,допаминскиот детокс” и како би можеле да го изведеме, бидејќи тоа е цела посебна тема.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор