fbpx

Кои видови на ЛЕБ се НАЈЗДРАВИ и зошто се тие подобра опција од БЕЛИОТ ЛЕБ?

tonus

Лебот има незаменлива и централна улога во човечката исхрана веќе илјадници години. Освен што е најпрепознатлив тип на храна, тој е едноставен за подготовка, а во зависност од подготовката може да има и прилично долг рок на траење. Од друга страна тој може да биде и навистина хранлив, односно нутритивен, а обезбедува и голем дел од енергијата (калориите) кои ни се потребни.

За жал, голем дел од денешното производство на леб ја става ваквата можна нутритивност во втор план, па фокусот е најчесто на квантитетот и пониската цена. Затоа, денес лебот се асоцира со нутритивно сиромашна, калорична и храна која најчесто допринесува кон покачена телесна тежина. Меѓутоа, сè уште постојат повеќе различни типови на леб со одлични нутритивни карактеристики и речиси сите од нив можеме да ги најдеме во маркетите или да ги подготвиме самите. Во тој поглед, денешната статија ќе ја посветиме токму на најздравите и најдобри типови на леб.

Што го прави класичниот, бел леб толку проблематичен?

Во изминатите неколку години сè почесто слушаме дека белиот леб е нешто што треба да се избегнува или да се лимитира. Здравствените препораки велат дека истиот треба да се замени со други опции како: леб од полнозрнести житарки, леб кој е мешавина од повеќе интегрални брашна, леб во чиј состав нема брашно туку ‘ртени семиња и сл. Што ги прави ваквите типови на леб поздрави и зошто истите се препорачуваат? Одговорот најчесто лежи во самата преработка на брашната.

"“Online”/

Имено, во производството на белиот леб се употребува исклучиво бело брашно. Ваквото брашно се добива кога од зрното пченица се отстрануваат сите делови освен ендоспермот – делот кој содржи исклучиво скроб. Тоа значи дека витамините, минералите и растителните влакна кои се содржат во зрното пченица се губат при процесот на рафинација. Токму затоа, се препорачува употребата на интегрални или т.н полнозрнести брашна кои ги содржат и останатите делови од житарката. Лебот добиен од вакви брашна има различен гликемиски индекс, содржи повеќе микронутриенти, има сосем различна структура и боја и е целокупно поздрав. Ваквиот леб поради присуството на растителни влакна, а и поради поразличната структура на јаглехидратите, не предизвикува нагли пикови на шеќерот во крвта. Тоа значи дека истиот е погоден за лицата со дијабет, но и допринесува кон подолго чувство на ситост, а со тоа и подобра регулација на телесната тежина.

Кои типови на леб се сметаат за најздрави и најдобри?

Во продолжение ќе ги наведеме сите типови на леб кои се сметаат како најздрави, но ќе ги земеме во предвид и останатите фактори како нивната достапност, цена и сл.

1 . Леб од интегрално пченично брашно – како што споменавме, зборот интегрално подразбира дека житарката не трпи никаков процес на рафинација и во целост се сомелува до брашно. Ваквиот тип на леб содржи одлични количини на растителни влакна и микронутриенти. Тој е погоден за лицата со дијабет, а голем број студии покажуваат дека го намалува ризикот за срцеви заболувања, прекумерна телесна тежина и дури одредени типови карцином. Треба да истакнеме и напоменеме дека зборот „интегрално“ често се злоупотребува. Понекогаш лебот се рекламира како интегрален а содржи само мала фракција на овој тип брашно, додека поголемиот дел е повторно белото, рафинирано брашно. Затоа, внимавајте и добро читајте ги етикетите. Состојките кои се набројани во составот се речиси секогаш подредени според содржината во која се употребуваат. Тоа значи дека оние кои се први набројани се содржат во најголеми количини.

2 . Леб од кисело тесто – ваквиот леб се подготвува без употреба на комерцијални квасци со цел поттикнување на процесот на ферментација. Наместо тоа, добивањето на овој леб се заснова на употребата на природно присутните квасци и бактерии во брашното. Неговата подготовка е нешто подолга и самиот процес е малку посложен, но сепак тој лесно се усвојува и може редовно да се практикува. Поради разликата во микроорганизмите кои ја вршат ферментацијата, овој леб има малку киселкаст и уникатен вкус со интересна структура. Тој се смета за леб со најнизок гликемиски индекс – што го прави одличен за дијабетичарите. Покрај тоа, неговата содржина на микронутриенти и растителни влакна е исто така импресивна.

[Поврзано: Што претставува КИСЕЛОТО ТЕСТО и дали е подобро од обичното?]

3 . Леб од изртена пченица – ваквиот леб се подготвува од зрна пченица кои веќе го започнале процест на ‘ртење. Процесот на искористување на изртени житарки е користен со векови, а истиот се смета дека ја зголемува достапноста на присутните нутриенти. Одредени студии покажуваат дека ваквиот процес ја подобрува и антиоксидативната содржина, а делува позитивно и врз апсорбцијата на одредени минерали и витамини. При ‘ртењето дел од јаглехидратите се искористуваат, па така овој леб има и помал гликемиски индекс и целокупно содржи помалку јаглехидрати. Поради тоа, овој тип на леб исто така е соодветен и се препорачува за дијабетичарите.

4 . Леб од ‘ржано брашно – ‘ржот е житарка која добива на популарност во последно време, особено во подготовката на леб. Се смета за житарка која има подобра нутритивност од пченицата, а лебот подготвен од ‘ржано брашно дава поголемо чувство на ситост и има особено добро влијание на шеќерот во крвта. Една студија покажала дека консумирањето на леб од ‘ржано брашно довело до помал пораст на шеќерот во крвта и како резултат, до намалено количество на ослободен инсулин. Ваквото позитивно влијание на ‘ржот врз хормонот инсулин се смета дека се должи на високата количина на растворливи растителни влакна. Овој тип на растителни влакна ја забавува дигестијата на јаглехидратите и со тоа тие постепено се ослободуваат во крвта. Како добра и здрава опција се смета и лебот од изртен ‘рж, кој најчесто се комбинира со други интегрални брашна или изртени житарки.

5 . Леб или други пекарски производи добиени од овесно брашно – иако можеби овесот не го асоцираме со подготовката на некаков пекарски продукт, истиот редовно може да се употребува за подготовка на леб, мафини, па дури и палачинки. Крупниот овес лесно се сомелува до брашно и како таков може делумно или целосно да го замени белото брашно во голем број рецепти. Секако, ваквиот леб или мафини ќе имаат поразлична структура и вкус, но се подеднакво вкусни. Овесот е инаку одличен извор на растителни влакна (растворливи и нерастворливи), витамини и минерали. Тој се смета за една од најдостапните и најздрави житарки и нуди низа на здравствени придобивки.

[Поврзано: Уште една причина ПОЧЕСТО да појадувате ОВЕС!]

6 . Леб добиен од микс на житарки или т.н multigrain – ваквиот леб се добива со мешање на брашната на повеќе различни житарки. Во неговиот состав се најчесто вклучени: пченица, ‘рж, јачмен, хељда и сл. Како и сите други типови на леб, внимавајте на содржината која е наведена на етикетата. Ваквиот леб е здрав само доколку е подготвен од интегрални брашна. Понекогаш во составот на овој тип на леб се вклучени и одредени семиња, како и изртени житарки. Комбинацијата на повеќе типови брашна допринесува за одлична нутритивност, интересен вкус и структура, а ваквиот леб е навистина далеку поздрав од белиот.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор