Женшенот има навистина долга историја во традиционалната Кинеска медицина. Уште пред многу векови се употребувал за долговечност и енергичност. Поради присуството на уникатни аминокиселини и функционални биоактивни компоненти, како женшеноиди, феноли и фитостероли, истражувањата наоѓаат силна поврзаност помеѓу користењето женшен и намалениот замор, вишок телесна тежина, па дури и намален шеќер. Како ,,виновник” за овие ефекти се сметаат неговите антиоксидативни и антивоспалителни ефекти.
Едно ново истражување од Кина покажува дека женшенот може да биде корисен и за имуниот систем. Имено, станува збор за рандомизирана, двојно-слепа и плацебо контролирана студија на Тианџин Универзитетот. Ваквите истражувања се сметаат за златен стандард во науката, всушност нивните резултати се сосема релевантни.
Повеќе околу истражувањето
Испитаниците за потребите на студијата биле помеѓу 20-65 години. Дел од нив биле подложни на настинки (најмалку 3 пати годишно, со бронхитис или пневмонија најмалку 2 пати годишно), подложни на дијареа и уринарни инфекции (најмалку 3 пати годишно).
Рандомизирано биле поделени на две групи од по 52 волонтери. Првата група земала корејски женшен во капсули од 465mg двапати дневно, во период од 180 денови, а втората група плацебо капсули.
На почетокот мерени биле одредени индикатори, како крвен притисок, пулс, расположение, апетит, физичка сила, а направени биле и крвни испитувања, како и испитувања на соодветни индикатори за имунитетот.
Што покажуваат резултатите?
Кај испитаниците што земале женшен, се покажало значително подобрување на неколку клучни параметри или индикатори во однос на имуната функција.
Балансиран имунитет – поуспешна борба со инфекции
CD3 (маркер за т.н. T-клетки кои се клучни за имуниот одговор) и CD4/CD8 пропорцијата (индикатор за баланс на имунитетот) биле значително покачени на крајот од истражувањето.
Мерењата и анализите за имуноглобулините (IgG, IgA, IgM) и белите крвни клетки, што помагаат во борбата со инфекциите, покажале значителни зголемувања на крајот од испитувањето, но и додека тоа се спроведувало.
Зголемен процент на природни клетки убијци
Моноцитите, тип на бели крвни клетки што се инволвирани во имуниот одговор, значително се покачиле за време и по завршувањето на истражувањето. Слични податоци биле утврдени и за неутрофилите – друг тип на бели крвни клетки што се борат против инфекциите.
Т.н. клетки природни убијци коишто играат важна улога во уништувањето на инфицираните или канцерогени клетки, исто така значително се покачиле за време и по завршувањето на студијата.
Намалена инфламација; 0 несакани ефекти
TNF-алфа и IFN-ипсилон се важни инфламациони или воспалителни маркери. Анализата на податоците, односно мерењата на нивните вредности покажале дека испитаниците што пиеле женшен, имале значително намалени вредности.
Важно е да се каже и дека покрај позитивните ефекти, во оваа студија не биле утврдени и никакви негативни ефекти од суплементирањето со женшен. Ниту еден од волонтерите не пријавил некаква алергиска реакција или пак гадење, повраќање, дијареа или некакви стомачни болки – најчести несакани ефекти од други слични студии.
Дополнително, истражувањето било спроведувано додека траеше Ковид пандемијата, па најголемиот дел од испитаниците биле заразени во текот на истражувањето. Забележано било дека за разлика од контролната група, оние што земале женшен пријавиле многу помалку замор и симптоми, како треска, кашлање, мускулни болки, па дури и помалку губење на вкусот (специфичен симптом за Ковид). Ова веројатно се должи на подобриот имун одговор што го стекнале тестираните испитаници, но во оваа насока, потребни се повеќе истражувања.
[Поврзано: Страдате од хроничен замор? Можеби ЖЕНШЕНОТ е решението!]
Краток заклучок
Оваа студија се занимава со проценување на потенцијалот на женшенот за зголемување на имунитетот. Со специјализирани анализи било проценето дека волонтерите од тест групата добиле резултати што се ветувачки. Имено, видно подобрени биле резултатите за важни имуни индикатори, како имуноглобулините и различните класи на бели крвни клетки. Дополнително, волонтерите пријавиле и подобра индивидуална перцепција и психолошко чувство во однос на разболувањето (имајќи предвид дека поголемиот дел од нив биле подложни на настинки, дијареи или пак на повторувачки уринарни инфекции).
[Поврзано: Со ЖЕНШЕН против СТАРЕЕЊЕТО]