fbpx

Кои МАСТИ се добри, кои лоши, а кои најлоши?

tonus

 

Мастите, или хемиски кажано триглицеридите, се важни компоненти во исхраната на човекот. Kако макронутриенти, тие имаат повеќе улоги во организмот. Служат како најконцентриран извор на енергија (се извор на енергија при подолго нејадење, односно претставуваат енергетски резерви за организмот) како структурни компоненти, носачи на витамини и за повеќе други биолошки функции.

Дали можат да ни наштетат?

Доколку претераме со консумација на храна богата со маснотии, па и прости шеќери (кои понатаму се депонираат како масти) овие компоненти можат да ни создадат проблеми од различен тип. Ваквата претерана консумација, неминовно води кон покачување на триглицеридите во крвта. Најчестите, воедно и најголеми проблеми кои се создаваат при константното внесување на повеќе калории од што му се потребни на организмот се: атеросклерозата и дијабетесот.

Иако не е јасна прецизната улога на мастите во создавањето на наслаги во артериите, тие се сметаат за редовен придружници на веќе докажаните виновници за ваквата состојба. Во однос на дијабетесот, кога се внесува енергија повеќе од тоа што се троши, тогаш неминовно растат резервите на масти во мускулите. Така, ,,пренатрупаните” мускулни клетки со маснотии ја намалуваат својата чувствителност спрема инсулин, што во крајна линија води, прво, кон состојба на предијабетес, а потоа и дијабетес.

"“Online”/

Како можеме да ги поделиме мастите?

Мастите можеме да ги поделиме на лоши и добри, во однос на нашето здравје.
Нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта е силно поврзано со типот на масти кои ги внесуваме со исхраната.

,,Добрите масти” се оние од растително потекло кои генерално се незаситени маснотии, односно мононезаситени и полинезаситени. Тие го намалуваат ризикот од повеќе болести, а нивен главен извор се јатките и семињата.

,,Лошите масти” се генерално од животинско потекло и претставуваат заситени маснотии. При често внесување, го зголемуваат ризикот од бројни болести. Како уште полоши од овие масти се сметаат трансмастите. Тоа се всушност, хемиски, масти добиени од типови на незаситени маснотии кои се хидрогенирани, односно заситени (во различен степен).Најчесто видлив пример на пазарот за ваков производ е маргаринот.

Незаситени масти

Незаситените маснотии, кои се во течна состојба на собна температура, се сметаат за добри маснотии. Причината е во најдената врска помеѓу нив и стабилизирањето на нивото на холестерол во крвта, намалувањето на воспалителните процеси, стабилизирањето на ритамот на срцето и други бројни корисни ефекти. Главен извор на овие маснотии е растителната храна: растителни масла, јаткасти плодови и семиња.

Постојат 2 типа на добри, незаситени маснотии:

1) Мононезаситени масти, кои ги има во значителни концентрации кај: маслиновото масло, путерот од кикирики, канола маслото, авокадото, бадемите, лешниците, семките од тиква и сусамовото семе.

2) Полинезаситени масти, кои ги има во значителни концентрации кај: масло од сончоглед, канола (иако поголем дел од маснотиите се мононезаситени), ореви, ленено семе и риба.

Омега 3 масните киселини се важен тип на полинезаситени маснотии, поради тоа што се есенцијални, односно телото не може да ги синтетизира. Добри извори на омега 3 масни киселини се: рибата, лененото семе, оревите, канолата и маслото од соја. Повисоките концентрации на овие масни киселини во крвта, според повеќе студии, се поврзуваат со намалувањето на ризикот од болести кои се најчесто поврзани со смртноста кај постарите лица. Корисните ефекти од омега 3 масните киселини се бројни.

Поголемиот дел од популацијата не јаде маснотии кои што се богати со незаситени масни киселини, особено тоа е случај кај западниот дел од светот кој се води главно според она што значи ,,западен начин на исхрана”. Американската асоцијација за здравје на срцето укажува дека 8-10% од дневниот внес на калории (енергија), треба да доаѓа од полинезаситени масти. Постојат докази кои посочуваат на тоа дека јадењето на повеќе (повеќе од 10%, до 15% од внесените калории, дневно) полинезаситени маснотии, наместо заситените маснотии, може да го намали ризикот од развивање на срцеви заболувања.

Заситени масти

Во реалноста не постои храна која што е составена само од еден тип на маснотии, туку секогаш масниот дел од хранта е микс од различни типови на масни киселини. Дури и оние намирници кои се сметаат за здрави, како јатките и пилешкото месо, на пример, имаат одредено количество на заситени масти. Но, тоа количество не е ни одблизу како она кај свинското месо на пример, или кај сирењето и млечните производи. Најчест извор на овие масти се животинските производи, но исто така и некои растителни продукти имаат состав на масни киселини кој е доминантно заситен. Такви примери се палминото масло, кокосовото масло, самиот кокос итн.

Внесот на ваквите маснотии треба да го сведеме на минимум (особено кај луѓето кои веќе имале проблеми со кардиоваскуларна болест), бидејќи многу студии ги поврзуваат со најразлични заболувања. Но, минимизирањето на внесот на храната богата со заситени маснотии не би имало ефект доколку напоредно со тоа не го намалиме внесот и на рафинираните јаглехидрати (простите шеќери). Јадењето на рафинирани шеќери, наместо заситени масти, го намалува нивото на LDL или ,,лошиот” холестерол во крвта, но од друга страна пак, го намалува и нивото на ,,добриот” HDL холестерол. Исто така, делува и на зголемување на триглицеридите во крвта. Ефектот на консумирањето на рафинирани шеќери, во целина, е лош за организмот. Затоа треба да внимаваме и на производите богати со рафинирани шеќери.

Најголемиот извор на заситени масти во исхраната се, споменавме животинските продукти, но поконкретно, за да бидеме појасни, тоа се следните производи од секојдневнието: различните видови на пици, сирењето и најразлчните масни млечни продукти како путер, млеко, кашкавал, зденка, кајмак и други, месни производи како колбаси, сланина, печеница, потоа, различни колачиња и десерти, како и сите останати производи кои влегуваат во широкиот спектар на т.н. брза храна.

Според досегашните научни истражувања, се чини дека токму заситените масти се помеѓу главните причинители на кардиоваскуларните заболувања, некои видови на малигни заболувања, како и причинители за процесите на системско воспаление во организмот.

Една метаанализа спроведена во 2017 во САД, покажала дека ако заситените масти се заменат со здрави масти, односно незаситени, за очекување би било ризикот од кардиоваскуларни заболувања да се намали за дури 30%. Негативното влијание на овие маснотии врз машката плодност, кое е покажано низ бројни студии, исто така вреди да се нагласи.

Трансмасти (најлошите маснотии)

Транс масните киселини, попознати како трансмасти, се синтетизирани со загревање на незаситените, течни масла, во присуство на водороден гас и катализатор. Овој процес е наречен хидрогенизација. Процесот се изведува заради достигнување на поголема стабилност, односно подолг рок на траење, заради добивање на цврстина на маснотијата, со што се добива функционална маснотија (маргарин или разни шортенинзи).

Исто така, делумно хидрогенизираните маснотии можат да се загреваат и на повисоки температури (за разлика од некои незаситени масла), без да претрпат ,,оштетувања”, што ги прави добар медиум за пржење.

Ваквите функционални својства, од кои често има потреба прехранбената индустрија, прави трансмастите да бидат широко присутни во процесираната храна.

Овој тип на маснотии е најлошиот за срцето, крвните садови и генерално целиот организам. Зошто е тоа случај?

-> Го подигнуваат нивото на LDL и го намалува нивото на HDL холестеролот

-> Поттикнуваат воспалителни процеси, процеси кои се поврзани со функционалноста на имуниот систем, што понатаму се одразува преку срцеви заболувања, срцев удар, дијабетес и други хронични заболувања.

-> Влијаат на создавањето на инсулинска резистенција

-> Можат да имаат негативно влијание и доколку се консумираат во многу мали количини. Една студија утврдува дека со секое зголемување од 2% на учеството на трансмастите во дневниот калориски внес, за 23% го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Затоа, препораката е следна: препорачаниот дневен внес на трансмасти е точно 0.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор