fbpx

Здрав микс – свежи зеленчуци и ЛЕЌА за подготовка на здрави и вкусни салати

tonus

Салатите се дел од исхраната кој не треба да се потценува и занемарува. Тие претставуваат одличен прилог на секое јадење, а се одличен извор и на бројни витамини, растителни влакна, минерали и антиоксиданти. Но, тие не мора секогаш да се користат како прилог. Постои плеада на рецепти за подготовка на салати кои може да се искористат и како главно јадење или како опција за вечера. Токму затоа, во продолжение издвојуваме еден одличен микс на мешунки и свежи зеленчуци, односно подготовка на салати од леќа.

 

Зошто леќата е супер мешунка?

 

"“Online”/

Леќата припаѓа во семејството на мешункасти плодови заедно со гравот, грашокот, наутот итн. Присутна е во различни варијанти, односно облици и бои: црвена, кафена, црна и зелена. Но, сите имаат слична нутритивна вредност.

Оваа мешунка е особено богата со протеини (една од најбогатите растителни храни со протеини), растителни влакна, железо и други компоненти со низа корисни дејства за нашето тело. Дополнително, лесна е за приготвување, а има и доста ниска цена. Ова ја прави леќата можеби најдостапниот извор на протеини од храната.

Многу често оваа мешунка е потценета, иако за многу ниска цена, добивате продукт богат со низа на есенцијални хранливи компоненти. Во суштина, оваа храна може да се смета за супер-храна. На пример, леќата е продукт кој покрај високиот процент на протеини, содржи витамини од Б групата, магнезиум, цинк, железо и калиум во значителни количества.

Во својот состав содржи дури 25% протеини и има солидна количина на железо. Ова ја прави леќата добра замена за месните производи. Ова е многу важно за вегетаријанците.

Во 200g зготвена леќа се содржат:

  • 232kcal
  • 40g јаглехидрати (од кои дури 16g се растителни влакна)
  • 18g протеини
  • 1g масти

 

Медитеранска салата од леќа

 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 30 минути и истиот е доволен за 4 порции.

 

Потребни намирници:

  • 1 шолја незготвена леќа (или две и пол шолји зготвена леќа)
  • 1 краставица, исецкана
  • 1-2 свежи домати, исецкани
  • 1 главица кромид, ситно исецкана
  • Малку свеж магдонос
  • Неколку каламата маслинки (или било кој друг тип на маслинки)
  • Малку фета сирење или урда (околу 100-150g)

 

За преливот:

  • Маслиново масло
  • Балсамико оцет
  • Сок од половина лимон
  • 2 лажички сенф
  • 1 мала лажичка мед
  • Малку сушено оригано
  • Сол и мелен црн бибер

 

Подготовка:

  1. Доколку користите неподготвена леќа – ставете ја исплакнатата леќа во тенџере и кон една шолја леќа додадете 3 шолји вода. Гответе со капак околу 20-30 минути, додека леќата не омекне и не се свари. Потоа процедете ја леќата и оставете ја да се олади. Во меѓувреме подгответе го преливот и исечкајте ги зеленчуците.
  2. Свежите зеленчуци додадете ги кон леќата и промешајте. Потоа додадете го преливот и повторно промешајте. Зачинете со сол и бибер по желба. На крајот, додадете го фета сирењето или урдата на врвот и послужете со парче интегрален леб.

 

Салата од леќа, моркови и целер

 

За подготовка на оваа салата ќе ви бидат потребни околу 30 минути и истата е доволна за околу 6-8 порции.

 

Потребни намирници:

  • 1 шолја незготвена леќа (околу 200 грами)
  • 2-3 моркови, исецкани на кругчиња
  • 1 поголема главица кромид, исецкана
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Сок од лимон
  • Малку свеж магдонос
  • Околу 100g целер, ситно исецкан
  • Малку сол и мелен црн бибер како зачини
  • Маслиново масло

 

Подготовка:

  1. Во тавче ставете ги леќата, кромидот и лукот. Додадете вода колку да ги покрие зеленчуците и да се издигне 2-3cm над нив. Доведете ја до вриење, а потоа на потивок оган гответе околу 20 минути, додека зеленчуците и леќата не омекнат.
  2. Процедете ги зеленчуците и оставете ги да се оладат. Префрлете ги во сад за салата и кон нив додадете ги маслиновото масло, целерот, сокот од лимон, магдоносот и зачинете по желба со сол и бибер. Фино промешајте и послужете.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор