fbpx

Ефектот на цигарите врз менталното здравје!

Деновите кога пушењето се сметало за социјална и друштвена „навика“ се далеку зад нас. Денес, преку огромен број студии и истражувања е сосем јасно дека пушењето е штетна и исклучиво опасна зависност, која го загрозува нашето здравје. Пушењето и чадот од цигарите се штетни за речиси секој орган и ткиво во нашиот организам, па затоа често се смета и за број 1 непријател на јавното здравје. Ваквиот проблем е особено нагласен и со загрижувачката статистика која владее во нашата држава, па и регионот. Кај нас, речиси 50% од возрасната популација се пушачи – бројка која е алармантна.

Покрај заболувањата кои најчесто се асоцираат со цигарите (проблеми со белите дробови, срцето, холестеролот, дијабетот и сл.), постои и можеби една помалку позната асоцијација, а тоа е ефектот на пушењето врз менталното здравје. Токму затоа, во продолжение ќе зборуваме накратко за штетниот и разорувачки ефект на цигарите врз нашето ментално здравје.

Никотинот во цигарите – главниот виновник за појава на зависност

Никотинот е главната состојка на цигарите и е причина поради која пушачите имаат потешкотии со откажувањето. Имено, во нашиот мозок постои т.н систем или центар за награда. Кога практикуваме некоја активност што ни се допаѓа или ни претставува некакво задоволство, нашиот мозок создава допамин. Допаминот претставува невротрансмитер и е заслужен за начинот на кој осеќаме задоволство.

Никотинот го користи или може да кажеме – злоупотребува ваквиот систем. Со внес на никотинот во телото, тој многу брзо стигнува до мозокот и предизвикува создавање на допамин. Но, количеството на допамин кое се создава е многу поголемо во споредба со секојдневните активности, како на пример јадење на некоја омилена храна. Ова е воглавно начинот на кои се создава зависност од никотинот и би било донекаде погрешно доколку пушењето го наречеме „навика“.

Со текот на времето, количеството допамин кое се создава станува се помало, а потребата за цигарите расте со цел да се задоволат потребите за допамин. Ова се смета за еден од главните механизми кој се јавува кај сериозните пушачи и за нивната редовна потреба од нова цигара.

Пушењето претставува дополнителен товар врз менталното здравје

Едно неодамнешно истражување од Светската здравствена организација (СЗО), покажува дека пушењето има загрижувачки ефект врз менталното здравје. Според оваа студија, 2 од 3 лица со сериозни проблеми со менталното здравјесе пушачи. Загржува и фактот што самите проблеми со менталното здравје ја зголемуваат склоноста и шансите луѓето да посегнат по цигарите, па така тие имаат 50% повисоки шанси да започнат со пушење. Ваквиот затворен и опасен круг меѓу цигарите и менталното здравје е недоволно објаснет и потенциран на луѓето кои ги користат цигарите. Според СЗО и нивното истражување, намалувањето или откажувањето на цигарите кај лицата со проблеми со менталното здравје, се смета за број 1, односно најдобар превентивен чекор кој може да го продолжи и подобри нивниот живот.

Животниот век кај лицата со сериозни ментални нарушувања е нажалост, сериозно намален – според ова истражување за дури 15-20 години во просек. Цигарите се сметаат за една од главните причини кои допринесуваат за ваквата загрижувачка статистика. Покрај намалувањето на животниот век, цигарите сериозно го намалуваат и квалитетот на живеењето.

Поврзаноста меѓу цигарите и најчестите проблеми со менталното здравје

Еден од најчестите начини на кои луѓето започнвуаат со пушење е преку стресот. Имено, постои доста неточна и штетна поврзаност меѓу стресот и цигарите. Голем број луѓе ги користат цигарите во стресни моменти со цел добивање на некаков смирувачки ефект или како начин на ослободување од стресот. Но, реалноста е сосем поинаква – долгорочната употреба на цигари нема позитивен ефект врз справувањео со стресот и дури може негативно и дополнително да ги нагласи неговите ефекти врз телото. На поврзаноста меѓу стресот и цигарите имаме пишувано одделна статија, која можете да ја прочитате доколку кликнете тука.

Доколку веќе постои зависност од цигарите, истата може особено негативно да влијае на најчестите проблеми со менталното здравје:

  • Депресија: луѓето со депресија имаат 50% поголеми шанси да бидат пушачи. Често, луѓето започнуваат со употребата на цигари без да покажуваат значајни знаци на депресија. Поврзаноста која веќе ја споменавме, помеѓу никотинот и создавањето на допамин во мозокот е главниот двигател за употребата на цигари кај овие лица. Но, со текот на времето може да дојде до намалено создавање на допамин и потреба од уште повеќе цигари. Покрај тоа, пушењето има докажан негативен ефект врз луѓето со депресија и може да ја отежни и комплицира нивната терапија и прогрес.
  • Анксиозност: цигарите може дополнително да ги нагласат и влошат симптомите на анксиозноста. Чадот од цигарите содржи никотин и други штетни соединенија кои за многу краток период го покачуваат крвниот притисок и пулсот – симптоми кои често се знак на стрес и анксиозност. Пушачите во моментите кога чувствуваат анксиозност често имаат тенденција да запалат цигара, што пак, дополнително ги влошува ваквите симптоми и можноста за здраво справување со стресот и анксиозноста.
  • Шизофренија: луѓето со оваа состојба имаат 3 пати поголеми шанси да бидат пушачи, отколку оние без шизофренија. Исто така, тие имаат и зголемен ризик да бидат сериозни, зависни пушачи, што пушат голем број на цигари во текот на денот. Тоа е така, бидејќи цигарите навидум делуваат смирувачки во поглед на симптомите на болеста или пак на несаканите ефекти од терапијата која се употребува. Исто така, се смета дека пушењето го зголемува ризикот за појавата на шизофренија.

Бенефитите од откажувањето треба да се мерат и преку подобрувањето на менталното здравје

Често кога говориме за штетноста на цигарите, зборуваме исклучиво за физичкото здравје, па така и откажувањето сметаме дека придобивки само во таа област. Но, реалноста е дека откажувањето на цигарите го подобрува целокупното здравје (ментално и физичко), како и квалитетот на живеењето.

Менталното здравје е подеднакво важно и без негово одржување и негување, нашето целокупно здравје може да биде нарушено и загрозено. Затоа, важно е да се согледаат и разберат последиците и штетноста кои ги носат цигарите, особено во поглед и на менталното здравје. Откажувањето на цигарите треба да биде број еден приоритет за секој кој сака да го зачува своето ментално здравје, но и да го подобри и продолжи својот живот.

За полесно и поуспешно откажување, може да ја прочитате нашата статија посветена токму на оваа тема. Истата можете да ја најдете доколку кликнете тука.

Чести главоболки и мигренa? – Виновникот може да се цигарите!

Оние кои го следат нашиот блог добро се запознаени со нашата кампања за штетноста и ризикот поврзан со пушењето. Цигарите се штетни за речиси секое ткиво во нашето тело и пушењето веќе подолго време продолжува да биде број еден проблем и закана по јавното здравје. Пушењето исто така се смета за најпревентабилна „навика“ која го крати човековиот живот. Досега, имаме зборувано на повеќе теми поврзани со човековото здравје и пушењето – здравјето на срцето, покачениот холестерол, здравјето на белите дробови, ризиците од пасивното пушење и сл.

Денес ќе зборуваме за една малку поинаква тема, односно за поврзаноста меѓу пушењето и зачестените главоболки и мигрени кои тоа може да ги предизвика.

Пушењето во нашата држава – алармантна и загрижувачка статистика

Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

Ваквите информации, особено кога ќе ги поврземе со фактот дека и како држава високо сме рангирани и по бројот на денови со екстремно загаден воздух, треба да го вклучи алармот и да биде поттик за промена.

Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.

Пушењето директно влијае и врз протокот на крвта и доведува до стеснување на крвните садови. Ова може да биде причина за појава на зачестени главоболки, па во одредени случаи и мигрени, а на оваа тема нешто повеќе во продолжение.

Поврзаноста меѓу пушењето и главоболките

Главоболките и мигрените се сметаат за меѓу позастапените невролошки заболувања ширум светот. Тие може да бидат искличително болни и да го отежнат и нарушат секојдневието. Иако некогаш се случува тие да се појават без никаков знак или најава, сепак некогаш постојат одредени индикатори што може да значат дека следи главоболка или мигрена. Исто така, постојат и одредени фактори кои се сметаат дека ги зголемуваат шансите за појава на ваквите состојби. Меѓу другото, тука се вбројуваат: атмосферски и промени во временската состојба, изложеност на силна светлина, хормонални промени, недоволно или премногу сон, консумирање на кофеин или алкохолни пијалоци и сл. Но, пушењето исто така се смета за „активатор“ на главоболките и мигрените.

Имено, одредени истражувања директно ги поврзуваат цигарите со зголемениот ризик за појава на мигрена. За некои тоа може да е понагласено и одредени лица да се почувствителни кон цигарите, додека кај други тоа може да се случува поретко. Но, за многумина и пасивното пушење, односно вдишувањето на чадот од околните цигари може да предизвика главоболка или мигрена.

За ваквиот штетен ефект на цигарите, се смета дека никотинот е најмногу заслужен. Никотинот присутен во димот од цигарите ги стеснува крвните садови (низ целото тело, но и особено оние во мозокот) со што се намалува протокот на крв до органите и околните ткива. Ваквиот намален проток на крв во мозокот, а со тоа и на нутриенти и кислород, се смета за причина поради која се јавуваат главоболките или мигрените. Исто така, никотинот ја зголемува сензитивноста на рецептори за болка во мозокот, нешто што исто така може да се поврзе со појавата на главоболки.

Во одредени случаи, кај редовните пушачи, може да се јават и главоболки како резултат на недостаток од никотин. Во тој случај, значи дека пушачот има потреба од нов внес на никотин и всушност вака се одржува зависноста. Затоа, важно е луѓето кои се откажуваат да бидат свесни дека и главоболките се нормален дел од процесот и дека истите се повлекуваат по одреден период.

Ефектот на цигарите врз главоболките и мигрените бил тема на едно истражување во Шпанија во кое биле вклучени 361 испитаник. Од нив, дури 29% од луѓето кои се жалеле на мигрени биле пушачи, додека 20% од лицата кои имале чести главоболки исто така биле пушачи. Кај жените, 22% од вкупниот број жени во испитувањето биле пушачи, а дури 34% од пушачите се жалеле на чести мигрени. Истражувањето исто така покажало и поврзаност меѓу бројот на испушени цигари и зачестеноста на мигрените, односно повеќе цигари значело и почести мигрени.

Откажувањето на цигарите е клучот за подобро здравје

Иако најдобар начин да го заштитите здравјето на вашето срце е никогаш да не пушите, откажувањето сепак доведува до значително подобрено здравје со тек на времето.

–       По 20 минути од гасењето на цигарата, вашиот пулс и притисок се враќаат во нормала

–       По 12 часа, нивоата на јаглероден моноксид во крвта се нормализираат, овозможувајќи повеќе кислород да се пренесе до виталните органи и срцето

–       По 1 година, ризикот за појава на инфаркт или мозочен удар е преполовен, а по 4 години непушење, ризикот за мозочен удар е еднаков како и на непушач.

Откажувањето не е лесно, но е неопходно за подобро здравје. Не чекајте да се јават проблемите за да реагирате. Пушењето е штетно за вашиот организам и доведува до помал квалитет на живеење. Со ваша волја и решителност, како и поддршка од средината, можете трајно да ги откажете цигарите.

 

Влијанието на НИКОТИНОТ врз мозокот на адолесцентите

Веќе ве информиравме дека ќе започнеме со редовно објавување на статии кои ги опфаќаат ризиците и штетните последици од пушењето, бидејќи тие навистина се многубројни и се сериозни. Овие последици важат и ги опфаќаат сите старосни групи, но сметаме дека мораме да започнеме со најранливата група на пушачи – тинејџерите.

Во претходната статија, која можете да ја прочитате тука, споменавме дека истражувањата покажуваат дека 48,4% од граѓаните во нашата држава посегнуваат по цигарите. Алармантно е што процентот на млади кои се пушачи е дури 30%. Колкав процент од оваа статистика отпаѓа на адолесцентите, тоа е непознато, но со сигурност бројката е секако висока и крајно загрижувачка.

Адолесцентниот период е клучен за растот и развојот

Адолесцентниот период е оној транзиционен период кога луѓето преминуваат од деца во оформени, млади возрасни лица. Ова е клучно време во развојот на организмот кога телото проаѓа низ физички и психолошки промени. Обично адолесцентноста е асоцирана со тинејџерството, но нејзините физички и психолошки манифестации може да започнат порано или подоцна од она што се смета за тинејџерство. Но, во денешната статија поимите адолесцентност и тинејџерство ќе ги сметаме за исти.

За време на овие години, тинејџерите се особено подложни и отворени на нови искуства. Ваквиот период исто така е карактеризиран со различни промени во однесувањето (барање на нови авантури, влегување во ризични ситуации и сл.)

Некои истражувања покажуваат дека во овој период, младите се особено подложни на користењето на цигарите и алкохолот. Злоупотребата на одредени супстанци кај возрасни луѓе се поврзува со нивното користење на алкохолот и цигарите како тинејџери. Според одредени статистики од САД, 90% од возрасните лица кои се пушачи, започнале да го користат тутунот во нивните тинејџерски години. Ова е доста значаен факт кој може да помогне со намалување на бројот на севкупните пушачи.

Влијанието на никотинот врз мозокот на адолесцентите

За време на тинејџерските години, во мозокот доаѓа до многубројни, клучни, структурни, хемиски и биолошки промени. Се смета дека за време на подолг период, доаѓа до реорганизација на сивата и белата маса во мозокот, како и на некои неврохемиски системи. Покрај ваквата реорганизација доаѓа и до голем број на неврохемиски промени.

Во нашиот мозок постои т.н систем или центар за награда. Кога практикуваме некоја активност која ни се допаѓа или ни претставува некое задоволство, нашиот мозок создава допамин. Допаминот претставува невротрансмитер и е заслужен за начинот на кој осеќаме задоволство.

Никотинот го користи или може да кажеме – злоупотребува ваквиот систем. Со внес на никотинот во телото, тој многу брзо стигнува до мозокот и предизвикува создавање на допамин. Но, количеството на допамин кое се создава е многу поголемо во споредба со секојдневните активности, како на пример јадење на некоја омилена храна. Ова е воглавно начинот на кои се создава зависност од никотинот и би било донекаде погрешно доколку пушењето го наречеме „навика“.

Споредбата на пушењето кај адолесцентите и возрасните, покажува дека мозокот на тинејџерите е посензитивен кон зависноста која ја создава никотинот. Истражувања покажуваат дека адолесцентите покажуваат симптоми на зависност при помалку испушени цигари, во споредба со зависноста која ја покажуваат возрасните пушачи. Младите адолесценти кои се најподложни на создавање зависност, покажале губење на контролата врз внесот на никотин, 1-2 дена по првиот контакт со цигара. Ваквата релативно лесна и брза зависност која се гради поради никотин-допаминскиот систем, може да се препише на развитокот и промените кои се случуваат во мозокот за време на адолесцентноста.

Некои испитувања покажуваат дека за време на овој период, споменатиот систем на награда кој го вклучува допаминот е доста поподложен на ефектите од никотинот. Покрај тоа, контролата која ја имаат адолесцентите врз ваквите ефекти на никотинот е мала, а тоа е делумно поради нецелосно развиениот дел од мозокот кој е одговорен за когнитивната контрола.

Социјалниот момент на пушењето

Споредено со возрасните, младите се генерално повеќе подложни на ефектот на награда што го создава допаминот. Исто така, одредени ризични ситуации им изгледаат интересно на младите, а и влијанието од нивните врсници е големо во овој период. Ова може директно да се поврзе и со ризикот од создавање на зависност од никотин. Адолесцентите имаат оптимистичен став во поглед на нивната зависност од цигари, верувајќи дека можат да пушат неколку години и потоа да ги откажат цигарите.

Овие тинејџерски години се исто така подложни на притисок од околината. Навиките на пушење кои младите ги гледаат од нивните родители, браќа или сестри, врсници и пријатели, доведуваат до зголемен ризик од пушење. Ваквата подложност од околината се намалува со годините.

Никотинот од цигарите може да доведе до дополнителен зголемен ризик од зависнот, преку пројаување на некои невротоксични ефекти во одредени делови од мозокот. Ова може да влијае врз когнитивниот развиток на младите.

Превенцијата е најдобриот чекор

Статистиката вели дека помал број на пушачи во адолесцентните години доведува до помал број на возрасни пушачи. Ова е особено важно и корисно да се знае, бидејќи постојат многу начини на кои може да се влијае и спречи зависноста од никотин кај тинејџерите. Треба да се стремиме и обидеме да сме добар пример за младите околу нас, бидејќи на тој начин ја подобруваме свеста и праќаме порака дека цигарите се нешто навистина штетно.

Притисокот од средината во која што растат исто така може да е значаен фактор при започнувањето на оваа зависност. Преку кампањи, работилници и едукација може да се тргне „кул“ факторот на цигарите и да се замени со слика за една штетна и опасна зависност. Цигарите брзо преминуваат во потреба и ова никогаш не треба да се потцени.

Штетниот ефект кој го има пушењето врз оралното здравје

Редовно и континуирано на нашиот блог зборуваме за штетноста и ризиците кои ги носат цигарите и пушењето. Како еден вид на кампања, веќе имаме пишувано на повеќе различни теми, секоја подеднакво важна.

Бидејќи живееме во држава каде преовладува загрижувачка и алармантна статистика и каде над 30% од младите и над 50% од возрасната популација се пушачи, сметаме дека ваква „кампања“ е неопходна. Во претходните статии говоревме за штетните ефекти кои пушењето ги има врз нашето кардиоваскуларно здравје, респираторен систем, бубрези, крвен притисок и сл.

Денес издвојуваме уште еден потенцијален здравствен проблем кој може да се јави како резултат на пушењето, а тоа се проблемите со оралното здравје или здравјето на усната празнина.

 

На кој начин пушењето го загрозува оралното здравје?

 

Како што споменавме, пушењето е штетно за речиси сите ткива во нашиот организам. Но, можеби една област која најчесто се занемарува, а е сериозно изложена на штетниот чад од цигарите е всушност усната празнина. Луѓето кои се пушачи имаат зголемен ризик за заболувања на нивните непца, опаѓање и проблеми со здравјето на забите, компликации по зафати за отстранување на заб и појава на рак на усната празнина.

Кај пушачите, заздравувачките процеси во усната празнина се одвиваат побавно и тие се посклони кон инфекции. Затоа луѓето кои пушат е неопходно да одат редовно и често на стоматолог.

Едни од најчестите здравствени проблеми кои пушењето ги предизвикува во усната празнина се:

  • Заболувања на непцата
  • Рак на усната празнина
  • Омекнување на ткивото во усната празнина
  • Расипување на забите
  • Во некои случаи и опаѓање на забите
  • Побавно заздравување по операција во усната празнина
  • Намалено и ослабнато сетило за вкус
  • Лош здив

 

Пушењето и здравјето на непцата

 

Пушењето докажано предизвикува проблеми и го загрозува здравјето на непцата. Овие заболувања се најчесто предизвикани поради некаква инфекција која може да го оштети делот од коската кој ја дава потпората на забот. Бактерии и остатоци од храна се најчести предизвикувачи на ваквите инфекции. Тие прават наслаги врз забите кои доколку не се отстранат, градат цврст слој. Ваквиот слој може да ги иритира и дури да им наштети на непцата. Ваквата појава е доста почеста и понагласена кај пушачите.

Доколку некои од овие заболувања на непцата не се третираат соодветно и навремено, може да дојде до олабавување и опаѓање на забите. Секако, ова е крајно непожелно и губењето на заби може да биде доста штетно и особено да е предизвикувачки како што старееме. Тоа влијае врз естетскиот изглед, можноста да се храниме со секаков тип храна и може да влијае врз говорот.

Ризикот за заболувања на непцата е значително поголем за пушачите.

  • Луѓето кои пушат под 10 цигари на ден имаат зголемен ризик во однос на луѓето кои воопшто не пушат.
  • Луѓето кои пушат поголем број на цигари, имаат дури 4-5 пати поголеми шанси за појава на заболувања на непцата.
  • Пушачите имаат зголемен ризик за инфекции и во некои екстремни случаи и опаѓање на забите.
  • Пушењето го намалува дотокот на крв до непцата и со тоа го отежнува забележувањето на заболувањата на непцата кои најчесто се манифестираат со крварења од непцата.

 

Пушењето е штетно за забите, а го зголемува ризикот и за појава на рак

 

Еден од помалку сериозните ефекти на пушењето е пожолтувањето на забите. Присутниот никотин и катран во тутунот се заслужни за жолтите дамки кои се појавуваат на забите кај пушачите. Кај долгогодишните пушачи, може да дојде до трајно, значително потемнување на забите кое навистина може да биде естетски непривлечно и непосакувано.

Еден значително посериозен ефект на пушењето врз оралното здравје е и ризикот за појава на рак. Иако белите дробови и грлото се најчестите предели каде се јавува ракот предизвикан од цигарите, ракот на усната празнина е исто така честа појава. Тој може да се јави на јазикот, образите, усните, како и во останатите делови од усната празнина.

Комбинацијата од алкохол и цигари дополнително го зголемува ризикот за појава на рак. Луѓето кои се откажале од цигарите, со текот на времето имаат ист ризик за појава на рак на усната празнина како и непушачите. Тоа значи дека никогаш не е доцна за откажување од оваа штетна зависност. Раната дијагноза на овој тип на канцер е клучна, бидејќи истиот може да се прошири и на други делови од телото.

 

Препораки за подобро орално здравје

 

Најдобрата препорака за пушачите е секако, да ги откажат цигарите и производите со никотин. Ова е најдобриот и најефективен начин да се спречи појавата на различни заболувања на усната празнина. Секако, откажувањето е навистина тешко, па за почеток и намалување на бројот на испушени цигари може да биде  делумно ефективно. Следниот чекор е целосно откажување, кое може да е сериозен предизвик за многумина, но секогаш постои и поддршката и помошта од стручни лица, вашите најблиски и сл.

За одржување и зачувување на оралното здравје, кај пушачите и непушачите, се препорачува:

  • Редовно миење со паста за заби (барем два пати во денот)
  • Редовно користење на забен конец (барем еднаш во денот)
  • Посета на вашиот стоматолог барем еднаш годишно, понекогаш доколку е потребно и почесто.
  • Редовно пиење на вода и користење на гуми за џвакање може да има позитивно дејство врз оралното здравје – главно преку контролирање на pH вредноста на усната празнина преку подобра секреција на плунка.
  • Лимитирање на внесот на алкохол.

Цигара за смирување – навидум смирувачки, а исклучително штетен ефект на цигарите

Пушењето во изминатите неколку децении има претрпено доста промени во поглед на популарноста. Во дваесеттиот век, често биле промовирани цигарите, а пушењето било нешто што е дел од секојдневието. Со текот на годините, истражувањта и огромниот број на студии покажале дека пушењето е исклучително штетна и опасна зависност.

Постепено, пушењето трпи пад во популарноста и во последните години, особено во развиените земји, тоа е застапено на прилично ниско ниво. Нажалост, во нашата земја пушењето продолжува да биде еден од најголемите проблеми и закани по јавното здравје. Статистиката е алармантна и загрижувачка и се проценува дека речиси половина од возрасната популација пуши.

Еден од главните фактори кои ги врзува пушачите е навидум смирувачкиот и релаксирачки ефект кој го имаат цигарите. Но, дали всушност има доза на вистинитост позади таквите тврдења и дали постојат подобри и поздрави начини за справување со стресот? Повеќе околу овие прашања во продолжение на денешната статија.

 

Бројните штетни ефекти на пушењето врз човековото здравје

 

Цигарите при своето горење испуштаат над 7.000 различни соединенија, од кои речиси 70 се класифицирани како силно токсични. Речиси и да нема ткиво во организмот врз кое пушењето не пројавува некаков штетен ефект. Едни од главните здравствени проблеми кои се поврзуваат со пушењето се:

  1. Малигни заболувања на белите дробови –  над 80% од дијагностицираните малигни заболувања на белите дробови кај луѓето се поврзани со пушењето. Чадот од цигарите содржи илјадници штетни соединенија кои завршуваат првенствено во белите дробови, но на крајот се распространети и во целото тело.
  2. Појава на малигни заболувања во останатиот дел од организмот: грло, мочен меур, бубрези, црева, желудник, панкреас, црн дроб итн.
  3. Кардиоваскуларни заболувања – никотинот делува врз крвните садови и притоа доведува до нивно стеснување, со што се намалува протокот на крв низ телото. Пушењето исто така ги ослабнува ѕидовите на крвните садови, го зголемува крвниот притисок, а го зголемува и ризикот од појава на тромбови.
  4. Појава на инсулинска резистентност – кај пушачите било потврдено дека поради ова доаѓа до зголемен ризик за појава на тип 2 дијабет.

 

Пушењето и справувањето со стресот

 

Доколку прашате поголем број на пушачи каков ефект имаат цигарите врз нив, можеби меѓу првите набројани ефекти ќе биде релаксирачкиот, односно ефектот на смирување и опуштање. За пушачите цигарата значи еден вид на ритуал за смирување и справување со одредена стресна ситуација. Исто така, стресот е една од главните причини што ги принудува луѓето кои се откажуваат, повторно да запалат цигара. Но, што велат бројните истражувања на оваа тема?

 

Една од главните причини поради кои цигарите се врзуваат со справување со стресот е нивниот состав, односно присутниот никотин. Никотинот претставува психо-активно соединение кое може значително и сериозно да влијае врз мозокот, а со тоа и на расположението. По палењето на цигарата, никотинот пристигнува во мозокот за исклучително краток период и предизвикува лачење на хормонот допамин.

Ваквиот хормон се поврзува со чувства на задоволство, среќа и релаксација. Оваа поврзаност помеѓу никотинот и допаминот е и главниот механизам преку кои цигарите ја создаваат својата зависност. Но, ваквиот ефект на цигарите е привремен и краткотраен. По лачењето на допаминот, телото има потреба од внес на нови количества никотин и на тој начин се создава зависноста.

Иако лачењето на допаминот има навидум релаксирачко дејство, телото за време на пушењето проаѓа низ дополнителен стрес и шок.

Останатите состојки од чадот од цигарите предизвикуваат привремено покачување на крвниот притисок и пулсот, мускулите во телото се повеќе затегнати, а доаѓа и до намалено количество на кислород кое се транспортира до виталните органи во организмот. Ваквиот ефект на пушењето има всушност спротивен ефект и може да допринесе кон поголема анксиозност и напнатост. Паузата меѓу цигарите може да ја нагласи и дури влоши ваквата вознемиреност, па тогаш се јавува и потребата од нова цигара.

 

Како до здраво и успешно справување со стресот?

 

Истражувањата покажуваат дека откажување на цигарите всушност помага чувствата на напнатост, анксиозност и стрес да се намалат и полесно контролираат. Покрај тоа, целокупното здравје и квалитетот на живот се подобруваат значително. Наместо палење на цигара, обидете се со следните препораки за полесно справување со стресот:

  • Раздвижете и истегнете се
  • Опкружете се со луѓето кои ви значат и кои шират позитивна енергија
  • Правете паузи од работата и одвојте време за релаксирање
  • Дишете правилно и длабоко
  • Разговарајте со некој што ви е близок околу проблемот кој ве мачи
  • Практикувајте хоби или активност во која уживате и која ве опушта
  • Наспијте се и одморете се
  • Доколку не можете сами да се справите со стресот консултирајте се и побарајте помош од стручно лице

Како до полесно и успешно ОТКАЖУВАЊЕ на цигарите?

На нашиот блог, веќе некое време пишуваме за штетноста на цигарите и за алармантниот број на пушачи, како на глобално ниво, така и во нашата земја. Покрај сите апели, препораки и кампањи, пушењето продолжува да биде број 1 здравствен проблем во државата. Статистиката е исклучително загрижувачка и крајно време е за промени. Во нашата држава, речиси 50% од возрасната популација (лица над 18 години) се пушачи, а речиси секој трет тинејџер посегнува по цигара. Кон оваа поразителна статистика, дополнително влијае и допринесува големата поволност и достапност на цигарите кон сите групи од општеството. Како држава, имаме едни од најдостапните цени на цигари. Токму поради тоа, денешната статија ја посветуваме на начинот, односно постепените промени кои може да се направат со цел полесно и успешно откажување на цигарите.

 

Штетноста од пушењето е комплексна, сериозна и често прикриена

 

Чадот од цигарите се добива преку палење на самата цигара и тутунот во неа и претставува сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

Се смета дека од тие 7000 различни соединенија, околу 69 се познати како канцерогени, а и голем број од нив се и токсични. Речиси и да нема ткиво во човековото тело врз кое чадот од цигарите не влијае штетно.

 

Понекогаш и непушачите се изложени на ризиците и штетните последици од чадот од цигари. Вдишување на чадот може да предизвика бројни здравствени проблеми, како срцеви заболувања и рак на белите дробови. Бидејќи светската статистиката за бројот на пушачи е алармантна и загрижувачка, а особено овој проблем е истакнат во нашата држава и регионот, пасивните пушачи се често загрозени.

Пасивното пушење подразбира вдишување на чад кој е испуштен од страна на пушачот, како и на чадот кој директно доаѓа од запалената цигара. Тој содржи огромен број на штетни соединенија, повеќето од нив и токсични:

–       Амонијак

–       Бензен

–       Кадмиум

–       Цијанид

–       Формалдехид

 

 

Начини кои може да помогнат за полесно и успешно откажување

 

 

Откажувањето на цигарите е сложен и тежок процес, кој бара одредена подготовка, желба и истрајност. Но, истиот може значително да го олесниме и да ги подобриме шансите тој да биде успешен.

 

1 . Мотивирајте се и бидете одлучни и истрајни – за успешно откажување потребно е силна волја и решителност. Пронајдете причина поради која ќе се одлучите трајно да се откажете од пушењето. Иако може да немате моментални проблеми со здравјето, запомнете дека откажувањето на цигарите ќе го продолжи вашиот живот, но и ќе го подобри неговиот квалитет. Направете го тоа за вашите блиски, но и за вас, со цел да може да имате подолг, поздрав и поисполнет живот.

 

2 . Направете одредени подготовки – наглото откажување е непрактично и речиси секогаш ќе биде неуспешно. Никотинот создава силна зависност, па откажувањето одеднаш само ќе доведе до сериозна потреба од никотин, која ретко кој ќе ја совлада. Затоа, постепено намалувајте го бројот на испушени цигари, правете поголеми временски паузи меѓу испушените цигари, но и подгответе си одредени помагала кои може да ви помогнат при откажувањето.

 

3 . Користете помагала при откажувањето – kако што споменавме во претходната точка, постојат одредени помагала кои може да го направат процесот на откажување полесен. Никотинските фластери и гуми за џвакање се еден начин да се внесе никотин, без илјадиците останати штетни соединенија кои инаку ги содржат цигарите. Никотинот е главната состојка која ја создава зависноста, но и потребата за цигара при откажувањето. Истражувањата покажуваат дека ваквите производи ги зголемуваат шансите за успешно откажување од цигарите. Покрај гумите за џвакање и фластерите, постојат и одредени терапии, односно апчиња кои содржат никотин и се земаат по точно прецизиран редослед и доза.

 

4 . Барајте поддршка од најблиските – известете ги најблиските дека се обидувате да се откажете од пушењето и побарајте ја нивната поддршка. Луѓето околу вас може да бидат одлична мотивација и да ве спречат при повторно започнување со оваа штетна зависност. Откажувањето заедно со ваш пријател, член од фамилијата или партнерот може да биде уште повеќе ефикасно и мотивирачки.

 

5 . Избегнувајте алкохол или други навики кои ги поврзувате со пушењето – луѓето често асоцираат одредена активност како пиење кафе или алкохол со палење на цигара. Доколку е тоа случајот, обидете се и настојувајте ваквите активности да ги избегнувате или сведете на минимум. Кафето заменете го со какао или чај, а алкохолот избегнувајте го. Доколку имате навика да запалите цигара по јадење, најдете друга навика како: прошетка, зборење со пријател, користење на гума за џвакање и сл.

 

6 . Движете се и бидете физички активни – активноста докажано ја намалува потребата од цигара. Прошетката во природа или со пријатели ги одзема мислите за палење на цигара и може да ви помогне да ги пребродите тешките моменти. Дополнително, досадата е исто така причина за повторно пушење. Затоа, слободното време искористете го за прошетка, вежбање, возење велосипед или сл.

 

Покрај овие совети, други ефикасни начини за полесно откажување се:

 

  • Елиминрајте го стресот и стресните ситуации – користењето на цигарите неретко се асоцира како начин за „смирување“ и најчесто тоа е при стресни моменти
  • Доколку се откажувате од цигари, избегнувајте контакт со луѓе кои пушат или во простории кои мирисаат на чад од цигари. Мирисот може да ги влоши симптомите на откажување и да ја зголеми потребата за цигара
  • Не се откажувајте – пушењето претставува сериозна и тешка зависност и откажувањето нема секогаш да оди лесно и брзо. Но, со силна волја и решителност речиси загарантирано ќе се откажете.

Што се случува во организмот по откажување на цигарите?

 Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1 здравствен проблем во државата. Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи. Ваквата статистика јасно покажува зошто пушењето претставува толку сериозен проблем по јавното здравје.

Речиси и да не постојат кампањи за подигнување на свеста од штетноста на цигарите, а луѓето кои пушат немаат помагала и ресурси за полесно да ги откажат цигарите. Тоа не е воопшто лесен чекор, но навистина е неопходен. Токму затоа, во денешната статија ќе зборуваме за позитивните промени кои се случуваат во организмот по откажувањето на цигарите.

Што ги прави цигарите толку штетни?

Главниот механизам односно причина поради кои доаѓа до формирање на бројни штетни соединенија од цигарата е всушност палењето, односно процесот на согорување. Чадот од цигарите кој се добива преку палење на самата цигара и тутун, е сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

Ваквиот процес на согорување е само-одржувачки и ќе трае се додека ги има потребните состојки да гори, а тоа се тутун и кислород. Високите температури при ова согорување, кои можат да достигнат и до над 800℃, се причина за промените кои настануваат кај тутунот, пришто тој согорува и се испуштаат многубројни штетни соединенија.

Процесот всушност е доста сложен и протекува низ повеќе фази и повеќе региони, но во суштина комбинацијата од висока температура, кислород и тутунот како гориво, доведува до ваква сложена реакција.

Се смета дека од присутните 7000 различни соединенија, околу 69 се канцерогени, а голем број од нив се и токсични. Присуството на ваквите соединенија во различни продукти е секогаш нагласено и потрошувачот е предупреден и информиран за можните последици. За цигарите вакво предупредување не постои.

Дел од многубројните штетни соединенија кои настануваат како последица од согорување на цигарите се:

–       Ацетон – често користен како отстранувач на лак за нокти

–       Амонијак

–       Арсен– користен како отров за глувци

–       Бензен

–       Кадмиум

–       Јаглероден моноксид – токсичен гас

–       Нафтален

–       Метанол

–       Толуен и др.

Ваквите многубројни соединенија најдени во чадот од цигарите се штетни и се предизвикувачи на потенцијално голем број на заболувања. Чадот од цигарите не е само штетен по здравјето на нашите бели дробови, тој има штетно влијание врз речиси секое ткиво – бубрези, срце, усна празнина, крвни садови и др.

Што се случува во нашето тело кога ќе ги откажеме цигарите?

Можеби постои верување дека е потребно долг период за да дојде до видливи подобрувања во здравјето по откажувањето на цигарите, но тоа не е точно. Одредени промени и подобрувања настапуваат и во првите 24 часа, а како тече времето, тие само се подобруваат и се повеќе бројни. Во продолжение ги издвојуваме промените кои ќе се јават доколку престанеме со пушење, како и временскиот период кој е потребен за да дојде до нив.

По првиот час – пулсот се намалува и се враќа во нормала, како и крвниот притисок, а циркулацијата почнува да се подобрува.

Во првите 12 часа – телото ги исфрла и последните траги од јаглероден моноксид кои се присутни во телото. Овој штетен и токсичен гас е присутен во цигарите и негативно влијае врз крвотокот. По само 12 часа се зголемува и подобрува количеството на кислород во крвта.

По 24 часа – се смета дека по само еден ден, ризикот за појава на срцев удар веќе опаѓа. Доаѓа до стабилизација на крвниот притисок и подобрување на крвотокот. Од првиот ден па натаму, физичката активност и вежбањето стануваат чекор по чекор полесни за практикување.

По 48 часа – се подобруваат и закрепнуваат сетилата за мирис и вкус.

По 72 часа – по 3 дена се смета дека веќе нема траги од никотин во телото. Овде може да се јават најсилните потреби за пушење, но тоа е сосем нормален и очекуван дел од откажувањето. Важно е да се запамти дека ваквите потреби брзо ќе поминат и дека откажувањето и здравствените придобивки од него, се далеку поважни.

По 1 месец – доаѓа до подобрување на функцијата на белите дробови. Поради процесот на закрепнување, пушачите можно е да забележат дека има и поретко кашлање и недостаток од здив. Физичките активности дополнително се олеснуваат како што поминува времето.

По 3 месеци – крвотокот продолжува да се подобрува.

По 9 месеци – постои значително подобрување и заздравување кај белите дробови. Ризикот за појава на инфекции е намален, физичката активност е олеснета и не постои недостаток од здив.

По 1 година – по една година од откажувањето, ризикот за појава на коронарни срцеви заболувања се намалува за половина. Шансите за појава на вакви заболувања ќе продолжат да опаѓаат.

По 5 години – пушењето доведува до стеснување на крвните садови. Ваквата појава го зголемува ризикот за бројни срцеви заболувања. По 5 години, доаѓа до проширување на крвните садови и ваквиот ризик се намалува. Дополнително, значително се намалува и ризикот за мозочен удар.

По 10 години – ризикот за појава на рак на белите дробови е речиси преполовен. Исто така, ризикот за појава на рак на усната празнина и грлото исто така е намален.

По 15 години – ризикот за појава на коронарни срцеви заболувања е ист како на лицата кои никогаш не пушеле. Ризикот за појава на рак на панкреасот, исто така се изедначува со оној на непушачите.

По 20 години – ризикот за појава на разни заболувања како последица од пушењето, се изедначува со оној на непушачите.

Која е поврзаноста меѓу цигарите и покачениот крвен притисок?

Речиси секоја недела посветуваме статија со која се обидуваме да ја подигнеме свеста околу последиците кои доаѓаат со пушењето. Како еден од главните здравствени проблеми во државата, пушењето одзема огромен број човечки животи секоја година. Ваквиот проблем е особено нагласен кај нас, бидејќи нашата држава ги има едни од најдостапните цени на цигари, а тоа, меѓу другите фактори, се одразува врз енормниот и загрижувачки број на пушачи. Покрај бројните здравствени проблеми кои се јавуваат како резултат на пушењето, еден веќе постоечки проблем дополнително се нагласува и се влошува. Високиот крвен притисок или хипертензија е состојба која се ноаѓа високо на листата на здравствени проблеми кој го делат огромен број луѓе. Наречен и „тивок убиец“, високиот крвен притисок може да биде скриен со години, пред да предизвика некаков проблем. Поради тоа, во продолжение ќе зборуваме за штетната и потенцијално опасна поврзаност помеѓу редовната употреба на цигарите и покачениот крвен притисок.

 

Загрижувачки бројки и статистики

 

Статистиката вели дека дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи. Некои светски статистики велат дека 25% од инфарктите се предизвикани од пушењето. Исто така, пушачите се од 2 до 4 пати поподложни на разни срцеви заболувања. Доколку сакате да прочитате подетално како цигарите влијаат врз здравјето на срцето, кликнете тука.

 

Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.

За штетните ефекти кои ги предизвикува пасивното пушење зборувавме во неодамнешна статија, која можете да ја прочитате тука.

 

Цигарите и крвниот притисок – штетна и опасна комбинација

 

Веќе споменавме дека пушењето е докажан и значаен ризик фактор за кардиоваскуларното здравје и истото ги зголемува шансите за појава на инфаркт и мозочен удар. Но, поврзаноста на пушењето и крвниот притисок е сè уште истражувана. Веќе знаеме дека пушењето како и изложеноста кон т.н „пасивно пушење“ го зголемуваат ризикот за таложење на супстанци врз внатрешната страна на ѕидовите од артериите – состојба позната како артериосклероза. Ваквиот процес е дополнително забрзан и усложнет доколку постои и висок крвен притисок. Исто така, секоја запалена цигара допринесува кон акутно, привремено зголемување на крвниот притисок. Ова го зголемува ризикот за инфаркт и мозочен удар.

 

Откажувањето не е лесно, но за тоа никогаш не е доцна

 

За откажувањето мора да имаме желба и мотивација. Не треба да чекаме да е предоцна и да се јават здравствените проблеми, па тоа да нè натера да ги откажеме цигарите. Откажувањето не е лесно, но за среќа постојат помошни средства и експерти кои можат да ви помогнат. Не мора да се случи одеднаш и не секогаш успева од првиот обид, но важното е да продолжиме да се обидуваме. Интересно е што нашето тело секогаш има механизми со кои ја санира штетата која е направена, па по одреден период по откажувањето, набројаните ризици за заболувања се намалуваат, а вие ќе се осеќате подобро и поздраво.

Како чадот од цигарите влијае на репродуктивното здравје и плодноста?

Пушењето е една од најштетните навики, односно зависности и е застапена кај загрижувачки голем број на луѓе. Се смета дека чадот од цигарите и сите различни хемикалии кои ги содржи (над 7000 различни соединенија) негативно влијаат врз речиси секој орган во телото. На овој начин, ризикот од појава на разни заболувања значително и континуирано се зголемува.

На нашиот блог континуирано ги издвојуваме ризиците од пушење преку неделни статии. На тој начин сакаме да ја подигнеме свеста и навистина да нагласиме дека пушењето е екстремно штетно, иако можеби проблемите кои ги предизвикува не се веднаш воочливи.

 

Дополнително загрижувачки е што младата популација е предводник во статистиките за пушачи ширум светот, но особено и во нашата држава. Според некои статистики дури 30% од младите – тинејџерите посегнуваат по цигара, а над 50% од возрасните лица (над 18) се пушачи. Покрај зголемениот ризик за појава на разни заболувања (срцеви, белодробни, бубрежни и сл.), пушењето негативно влијае и на плодноста на луѓето, велат бројни истражувања и студии.

 

Како влијае пушењето врз репродуктивното здравје?

 

Се смета дека пушењето влијае негативно како на машкото репродуктивно здравје, така и на женското. Бројните хемикалии кои се наоѓаат во цигарите (цијанид, јаглерод моноксид и др.) го забрзуваат процесот на губење на јајце клетките. Кога тие ќе се изгубат, нажалост, невозможно е нивно повторно создавање. Па токму поради ова, жените кои се пушачи, во просек, имаат менопауза 1-4 години порано од жените кои не се пушачи.

 

Од друга страна, машкото репродуктивно здравје е исто така на удар поради пушењето. Штетниот ефект на цигарите се одразува врз квалитетот на спермата, односно се јавува помал број на создадени сперматозоиди и се намалува нивната подвижност. Исто така, се зголемува и бројот на создадени сперматозоиди со абнормална форма или со некаков друг дефект. Дополнително, се верува дека пушњето ја намалува способноста на сперматозоидите да ја оплодат јајце клетката.

 

Пушењето влијае негативно и врз шансите за забременување

 

Истражувањата покажуваат дека жените кои пушат имаат намалени шанси за забременување. Статистиката покажува дека бројките за неплодност се двојно поголеми кај пушачите, отколку кај популацијата која не пуши. Ризикот за појава на проблеми поврзани со репродуктивното здравје се зголемува со бројот на испушени цигари во денот.

 

Се смета дека дури третманите за подобра фертилност може да не се доволни за да го неутрализираат и да компензираат за штетниот ефект од пушењето. Жените пушачи имаат зголемена потреба од ваквите лекарства и сепак имаат помалку јајце клетки од жените кои не пушат. Споредено со жените непушачи кои се на терапија за фертилност, жените кои пушат имаат 30% помалку шанси за забременување.

 

Пушењето исто така го оштетува и влијае негативно врз генетскиот материјал во јајце клетките и сперматозоидите, па така шансите за компликации во бременоста, како и појава на деформитети кај плодот се зголемени.

 

Штетното влијание на пушењето врз здравјето на децата

 

Некои истражувања покажуваат дека мажите чии мајки пушеле половина кутија цигари, имале помалку сперматозоиди. Пушењето и изложеноста кон чадот од цигари доведува и до проблеми со развојот и растот на плодот за време на бременоста. Тоа може да доведе до раѓање на дете со помала тежина. Ваквите деца се смета дека имаат зголемен ризик за бројни здравствени состојби подоцна во животот. Исто така, изложеноста кон чадот од цигари го зголемува ризикот за појава на астма кај децата.

 

Доколку сакате да прочитате повеќе околу штетните ефекти од т.н „пасивно пушење“, кликнете тука.

 

Дали откажувањето ги подобрува шансите за бременост?

 

Откажувањето на цигарите го подобрува репродуктивното здравје, но штетата што претходно ќе ја предизвика (пр. изгубени јајце клетки) е нажалост непоправлива. Меѓутоа, шансите за компликации и проблеми за време на бременоста се намалуваат. Колку подолго луѓето се откажани од цигарите, толку се помали и шансите за некаков проблем при забременување или при самата бременост.

Покрај тоа, откажување од пушењето ги заштитува и малите деца и новороденчињата од чадот, кој нажалост често се занемарува и потценува. Тој може да предизвика бројни здравствени проблеми кај малите деца. Иако откажувањето е исклучително тешко и бара силна посветеност и желба, тоа носи бројни бенефити и подобрувања за вашето здравје. За зголемување на шансите за успешно откажување, побарајте помош од вашиот лекар, како и поддршка од најблиските, партнерот, пријателите и сл.

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор