fbpx

Здраво слабеење

Не го ризикувајте своето здравје со разни диети. Слабеењето треба да е здраво, природно и постепено.

ЗДРАВО СЛАБЕЕЊЕ:

  • без гладување, напротив, со 4 до 5 оброци на ден;
  • без броење калории, јаглехидрати, протеини, грами, милилитри;
  • без киноа, хељда и чиа, ако не ги сакате 🙂
  • Медитеранска исхрана, со акцент на традиционалната кујна;
  • опции за оброци ДО 20 минути приготвување;
  • без 2 литра вода на ден и 2 кила овошје;
  • И БЕЗ РИЗИЦИ ПО ЗДРАВЈЕТО!

РЕЧИСИ СИТЕ ДИЕТИ ДАВААТ ЕФЕКТ

Доколку немате значителни проблеми со метаболизмот, речиси секоја диета ќе го даде ефектот на намалување на килограмите. Тоа се должи на неколку фактори: прво, самото воведување ред  (каков и да е) придонесува кон тоа да се стабилизира внесот на калории во организмот и да започне негативен  енергетски биланс.

Второ, диетите автоматски значат и исклучување на висококалоричните храни, едноставно престанувате да се храните со се’ и сешто – и тоа исто придонесува за ефектот на слабеење.

Трето, за жал, голем дел од популарните диети се силно ограничувачки (рестриктивни) и намалувањето на килограмите доаѓа како природна последица. Но, тука се наметнува следното прашање – до кога ќе има ефект од диетата?

РЕЧИСИ СИТЕ ДИЕТИ ДАВААТ ЕФЕКТ … НА КРАТОК РОК!

Тоа е главниот проблем на сите диети: додека траат има ефект, и на денот на престанување – почнува обратниот процес, процесот на повторно покачување на килограмите. Тој феномен на нагорно и надолно наизменично движење на телесната тежина е познат како „јо-јо” феномен. Ќе приметите дека и многумина се рекламираат дека кај нив јо-јо ефект нема, што се разбира, не е точно. Јо-јо ефектот има значајни длабоки физиолошки механизми, не може туку-така да биде победен,  и тој се вклучува како одбранбен механизам на телото кое мисли дека почнува да биде загрозено од гладување.

Изменетиот метаболизам е основа на јо-јо феноменот. Така, се развива навика на редовно држење диети, на зимска телесна тежина наспроти летна телесна тежина, на периоди на неконтролирано јадење наспроти периоди на измачување и изгладнување. И сето тоа можеби ќе беше донекаде прифатливо, ако не станеше јасно, како што веќе е, дека јо-јо феноменот силно го нарушува здравјето на долг рок и зголемува ризик од кардиоваскуларни болести и дијабет.

ЗДРАВЈЕТО  МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАГРОЗЕНО  СО ДИЕТИ

Вистинската опасност од диетите доаѓа на долг рок, а тоа е замаскирано со „брз успех” (нели, ослабнав, а тоа не може да не е здраво?).  Тука е клучно прашањето: со што мериме дали една диета е успешна? Ако критериум ни се само намалените килограми – тогаш не ја гледаме големата слика. Дури и привремено променетите параметри во крвната слика не ни доловуваат што вистински се случува со нашето тело.

Кога нашите тела се во прашање, не треба да размислуваме во недели или месеци, туку во години или децении. Што му прави оваа диета на моето тело и кој ефект ќе го имам за 20-30 години од сега? – тоа е суштинското прашање. Постојат многу популарни диети во моментот во кои се форсира употреба на месо и сувомеснати производи. На тоа ќе одговорам со едно прашање: дали знаете дека Светската Здравствена Организација ги прогласи сувомеснатите производи за канцерогени од прва, највискока категорија – сигурни предизвикувачи на рак? Тогаш, дали може да е здрава диета која препорачува сланина за доручек?

ПРОГРАМАТА на Д-Р МИТОВ: ВОВЕД ВО ТРАЈНИ ПРОМЕНИ

Мојата програма се води од вредностите: постепено, активно, трајно.

Постепено, бидејќи наглите варијации во исхраната не се здрави и го шокираат организмот. Активно, бидејќи да се слабее само со режим на исхрана, а притоа да не се движиме/рекреираме – не е здраво и е вештачко слабеење. Трајно, бидејќи промените во исхраната и начинот на живот треба да бидат трајни.

Моја цел не е пациентите да се враќаат еднаш годишно (некаде на пролет), туку да дојдат еднаш во животот, да си ги променат постепено навиките кон поздрави и да го живеат животот здрави и задоволни од својот изглед. Секој може!

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор