fbpx

Локалната, сезонска храна – кои се предностите?

tonus

Нашата држава се наоѓа во подрачје кое изобилува со свежи намирници и чии пазари се секогаш полни и богати со разни овошја и зеленчуци. Со промената на годишните времиња, се менува и храната која е достапна, па затоа разновидноста и изборот се различни низ текот на целата година. Ова е всушност нешто до што треба да се придржуваме и да го практикуваме. Локалната, сезонска храна нуди бројни бенефити, како за нашето здравје, така и за нашата околина и планета и токму овие придобивки ќе бидат тема на денешната статија.

 

Што претставува локалната, сезонска храна?

 

Ваквата храна ги вклучува намирниците кои се типични за конкретниот период од годината и кои се одгледувани во непосредна близина од местото каде се продаваат. Кај нас најдобар пример каде би ја нашле ваквата храна би биле пазарите, каде повеќето од намирниците се од нашата држава и се сезонски. Секако, постојат и увезени и несезонски продукти, но тие имаат малку поразличен импакт врз средината, за што ќе стане збор подоцна.

Иако со современите начини на земјоделство има производство на храна и надвор од нејзината типична сезона (пр. домати во зимскиот период), вкусот и текстурата се далеку поразлични.

"“Online”/

 

Како локалната, сезонска храна ја штити животната средина?

 

Можеби не размислуваме често на оваа тема, но начинот на кој ја добиваме нашата храна има огромно влијание врз животната средина и планетата.

Најпрвин, сезонската храна е далеку поевтина за произвдоство, наспроти цената која би ја имала истата доколку би се произведувала во друг дел од годината. Тоа значи и помалку вложена енергија и ресурси за нејзино производство.

Повторно да го земеме доматот како пример. Неговото одгледување во летниот и пролетниот период е далеку поефикасно и евтино во поглед на електричната енергија, отколку одгледувањето во зима во пластеник.

Дополнително, транспортот и трошоците се намалени доколку храната е локална. Транспортот често вклучува и ладење, дополнително складирање и сл. Сето тоа негативно влијае во поглед на потрошувачката на ресурси и врз животната средина.

Локалната храна ги прескокнува тие чекори и од местото на производство (кое е во непосредна близина) пристигнува директно на нашите пазари. Тоа значи помала штета и импакт врз самата средина. Некои проценки велат дека храната која е транспортирана со авион, произведува 177 пати повеќе стакленички гасови (заслужни за затоплувањето на планетата), отколку транспортот со брод. Доколку транспортот со брод е заменет со пат од само неколку десетици или стотина километри, влијанието врз околината е дополнително намалено.

 

Кои се бенефитите што би ги имале доколку почесто ја практикуваме ваквата храна?

 

Како што рековме на почетокот, имаме среќа што нашиот регион е богат со сезонски намирници. Потребно е да научиме истите да ги препознаваме, да ги избираме наместо увезените производи и почесто да ги практикуваме, бидејќи истите даваат бројни бенефити, меѓу кои:

 

  1. Подобар вкус

Не постои замена за условите кои ги пружа природата при одгледувањето на зеленчуците и овошјата. Сезонската храна е секогаш повкусна, поздрава и соодвестува со потребите кои би ги имале во тоа годишно време. Во топлите летни денови, пазарите изобилуваат со намирници кои се богати со вода – лубеница, диња, праска, домати и сл. Летото е период кога е важна правилната хидратација, па самата сезонска храна на некој начин допринесува и помага кон тоа. Увозната храна е често пристигната од фарми и производства чија цел е поголем квантитет, па често вкусот и текстурата на намирниците се занемарени.

Доматот, краставицата, пиперката и низа други зеленчуци  се највкусни во летниот период. Зелката, марулата, цвеклото, трупката се дел од намирниците кои се типични и вкусни за поладните денови.

 

1 . Сезонската, локална храна е поевтина

 

Токму поради причините кои погоре ги набројавме, како транспорт, ладење, складирање и сл. – сезонската и локална храна е поевтина бидејќи земјоделците и дистрибутерите ги немаат таквите трошоци. Големата потрошувачка исто така ја намалува цената и ги прави намирниците подостапни. Добиваме поздрава и повкусна храна, за многу помалку пари.

 

2 . Нуди разновидност

 

Намирниците кои ги нуди сезоната се секогаш многубројни и различни. Истите може да ви помогнат да имате подобра, разновидна исхрана која пружа различни придобивки. Искористете ги сезонските зеленчуци и овошје за подготовка на различни рецепти, салати, супи и сл.

 

3 . Сезонската храна е поздрава

 

Храната која е одгледувана во својата сезона е нутритивно побогата. Една студија ја испитувала брокулата и нејзиното количество на витамин Ц. Брокулата која била одгледувана во соодветната сезона (есен) имала повеќе витамин Ц, отколку онаа одгледувана на пролет.

Кога храната се одгледува вон сезона, таа не е во можност да ги следи природните ритами на растење и созревање. За некои овошја и зеленчуци, кои се достапни преку целата година, се користат и одредени методи по берењето, со цел истите да дозреат. Иако ваквите методи се корисни и некогаш неопходни со цел да се задоволи побарувачката преку целата година, некои истражувања покажуваат дека ваквите производи се помалку нутритивни од природно созреаните.

 

4 . Подобро го снабдува телото со потребните нутриенти

 

Храната низ различните сезони се разликува значително и во својот состав. Пример, витаминот Ц што го добиваме од храната во зимскиот период, може да го подобри и зајакне нашиот имунитет и на тој начин да не заштити од настинки. Зимските намирници се посоодветни за топли јадења, здрави чорби, супи, готвени јадења и сл.

Летниот период е карактеристичен со храна која е богата со вода, но и со други нутриенти. Пример, кајсиите содржат бета-катотен и разни каротеноиди кои може да ни помогнат при заштита од сонцето.

Зеленчуците во летото се одлични за подготовка на свежи, ладни салати, кои се одличен извор на вода и на разни витамини и минерали.

 

Треба да напоменеме дека не секогаш сме во можност целосно да се потпреме на локалната, сезонска храна. Но, доколку истата е достапна, вреди да се препознаат нејзините квалитети и истата почесто да се најде на нашата трпеза.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор