fbpx

Акутен наспроти хроничен недостаток од сон? – Кои се рaзликите и последиците од нив?

tonus

Животот понекогаш протекува со темпо кое е тешко да се следи. Бројните обврски и проблеми се дел од сечие секојдневие. Луѓето понекогаш и немаат време за самите себе, а тоа директно и негативно се одразува врз нивното здравје.

Еден аспект од секојдневието кој често се жртвува е спиењето. Нажалост, ваквото занемарување и жртвување на сонот си носи низа на негативни ефекти, како во поглед на физичкото, така и во поглед на менталното здравје. Во САД, проценките велат дека над 35% од возрасните лица имаат одреден дефицит од сон, а бројката е загрижувачка и кај тинејџерите и помладите деца кои се во развој. Затоа, во продолжение ќе зборуваме за негативните ефекти кои ги има дефицитот на сон по нашето здравје.

Зошто е неопходно да имаме редовен и квалитетен сон?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

"“Online”/

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

Што се смета за недостаток од сон?

Како недостаток или дефицит од сон се смета спиењето кое е во времетраење пократко од препорачаните 7-9 часа (за возрасните лица). Теоретски, недостатокот од сон се гледа исклучиво преку времетраењето на спиењето. Но, во реалноста, се зема во предвид и квалитетот на спиењето и степенот на одмореност кој се чувствува по будењето. Одредени лица може да спијат и 8 часа во текот на ноќта, но сепак да се разбудат уморни. Тоа може да се должи на чести будења во текот на ноќта, зачестена потреба од мокрење, состојби како спиечка апнеа и сл. Затоа, важно е да се согледа како се чувствуваме во текот на денот, бидејќи често неквалитетниот сон го поништува ефектот на долгиот сон.

Се смета дека постојат три главни типови на недостаток од сон:

  • Акутен недостаток од сон – подразбира недоволен сон во краток временски период, најчесто неколку денови.
  • Хроничен недостаток од сон – подразбира недостаток од сон кој трае подолго од три месеци и кој е доста поопасен и штетен по здравјето од акутниот недостаток на сон
  • Хроничен дефицит од сон – термин кој опишува долгорочен дефицит од сон, односно комбинација од недоволен сон (помалку од препорачаните 7-9 часа) и лош квалитет на сон (често будење, потешко заспивање и сл.)

Кои се првите и најчести симптоми за недостаток од сон?

Еден од првите симптоми кој се јавува поради недостатокот од сон е прекумерната поспаност во текот на денот, како и отежнатото функционирање – намалена концентрација, бавно и отежнато размислување и промени во расположението. Чувството на умор во текот на денот е еден од најкарактеристичните симптоми на недостаток од сон. Ваквиот умор може да биде пропратен и со потешкотии во останувањето будни и фокусирани, а често може да се јават и т.н „микро спиења“. За оваа состојба имаме пишувано во претходна статија, која може да ја прочитате тука.

Симптомите и нивната нагласенот ќе зависат и од степенот на дефицитот на сон, како и од тоа дали истиот е акутен или хроничен. Напитоците со кофеин може да ги маскираат ваквите сигнали на телото, но важно е да воочите како се чувствувате кога сеуште го немате испиено утринското кафе.

Какви последици носи недостатокот од спиење?

Последиците, како и симптомите, ќе зависат од типот на дефицитот – хроничен или акутен.

Акутниот недостаток носи ризици од типот на ненамерни грешки и незгоди, кои се јавуваат како резултат на намалената концентрација и поспаност. Во одредени ситуации, ваквите грешки може да бидат сериозни и опасни, особено ако се направат на работни позиции кои имаат голем ризик и одговорност. Покрај тоа, акутниот недостаток од сон може да се одрази и врз способноста за работа, учење, комуникација и помнење.

Хроничниот недостаток од сон е далеку посериозен и поштетен по човековото здравје. Истиот може да доведе до зголемен ризик за:

  • Кардиоваскуларни заболувања – постојат повеќе студии кои го поврзуваат недостатокот од сон со зголемен ризик од овој тип заболувања (покачен крвен притисок, срцев удар, мозочен удар и сл.)
  • Дијабет – недоволниот сон влијае и врз способноста на организмот да го регулира шеќерот во крвта, со што се зголемува ризикот за појава на дијабет
  • Прекумерна телесна тежина – луѓето кои имаат недостаток од сон имаат склоност да консумираат покалорична и храна која е богата со јаглехидрати и масти, велат одредени истражувања. Ваквата исхрана може прилично лесно да ја покачи телесната тежина
  • Намален имунитет – недостатокот од сон има негативно влијание врз функцијата на имуниот систем
  • Хормонален дисбаланс – спиењето е период кога телото создава и ги регулира нивоата на различни хормони во телото
  • Нарушено ментално здравје – сонот е тесно поврзан со менталното здравје и недостатокот од сон е поврзан со зголемен ризик за појава на депресија, анксиозност и сл.

Ова се само дел од проблемите кои може да се јават како резултат на хроничниот недостаток од сон. Затоа, неопходно е спиењето да стане приоритет во секојдневиоето и да се одржува здрава и стабилна „хигиена на спиење“.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор