fbpx

Изометриски вежби – Што се и зошто се поврзуваат со намален крвен ПРИТИСОК?

tonus

Редовната физичка активност и вежбањето се сметаат за една од најздравите навики кои може да ги имаме. Доколку редовно се практикува, вежбањето и општо, секоја физичка активност, навистина нуди голем спектар на придобивки за нашето здравје, како физичко, така и ментално. За ваквите тврдења, секако постојат бројни научни истражувања и студии кои пак често откриваат и нови, досега непознати или недоволно проучени бенефити од вежбањето. Токму едно такво истражување одвојуваме за денешната статија. Станува збор за ефектите кои ги има изометриското вежбање врз крвниот притисок. Во продолжение ќе зборуваме за тоа што претставува изометриското вежбање, кои се резултатите од истражувањето и како всушност овој тип на вежби влијае позитивно врз крвниот притисок.

Што претставуваат изометриските вежби?

Изометрискиот тип на вежби подразбира движења, односно вежби каде се вклучени контракции на одредена мускулна група, но не доаѓа до значително движење односно истегнување на мускулот. Наједноставно кажано, тоа се статични вежби, каде ги вклучувуаме и ангажираме мускулите, но не ги придвижуваме. Исто така, не доаѓа до значајно движење и во зглобовите кои се опфатени во таа мускулна група.

Ваквиот тип на вежби не се смета за најефективниот при зајакнување и градење на ново мускулно ткиво, но тоа има други придобивки. Тие се сметаат за ефективни при подобрување на рамнотежата и стабилноста и бидејќи се изведуваат статично, во една иста позиција, може да помогнат да сме значително постабилни во таа положба.

"“Online”/

Изометриските вежби се корисни за лицата кои не можат да практикуваат вежби кои бараат големи, широки движења. Луѓе со различни повреди или лица кои страдаат од артритис може да ги практикуваат ваквите вежби без значајни потешкотии. Овој тип на вежби може да им даде можност на луѓето со артритис да ги зајакнат своите мускули, што пак може да доведе до подобрена физичка подготвеност, подобра рамнотежа и можност за пробување на нов тип на вежби. Изометриските вежби се дури и препорачани после одредена повреда, бидејќи се статични и може полесно да се изведуваат, а сепак допринесуваат кон зајакнување и подобрување на стабилноста и рамнотежата во таа област.

Истражување – ефектот на изометриските вежби врз крвниот притисок

Ова неодамнешно истражување ги сумирало и анализирало ефектите од претходни 24 различни студии кои вкупно опфатиле 1143 испитаници со просечна возраст од 56 години. Од вкупниот број испитаници, 56% биле жени. Сите испитаници имале до некој степен покачен притисок. Некои од нив имале благо покачен притисок со вредности за систоличкиот (горен) притисок од 130-139 mmHg. Другите испитаници припаѓале во прв или втор степен на покачен притисок, со вредности од 140-159 mmHg и вредности над 160 mmHg соодветно. Најкраткиот период кој бил земен во предвид за ефектите од изометриските вежби е период од три недели.

Што покажуваат резултатите?

Резултатите од анализата на студиите биле доста охрабрувачки. Целта на истражувањето било да се воочат ефектите на изометриските вежби, но и да се докаже нивната безбедност. Резултатите велат дека овој тип на вежби е навистина безбеден и всушност доведува до значајни промени во крвниот притисок. Дури кај одредени испитаници ваквите вежби имале слични ефекти како и лекарствата кои се користат за контролирање на крвниот притисок.

Сумирањето на резултатите покажало дека во просек, вредностите за систоличкиот или горен притисок се намалиле за 6,97 mmHg, додека за долниот притисок просечната вредност била 3,86 mmHg. Научниците исто октриле дека т.н централен крвен притисок (или притисок на аортата) кој претставува важен индикатор за кардиоваскуларни заболувања се намалил, во просек, 7,48 mmHg за горната вредност на притисокот и 3,75mmHg за долната вредност.

Дополнително, истражувањето вклучило три различни споредби на изометриските вежби и аеробични вежби и нивните ефекти врз крвниот притисок. Резултатите покажале дека аеробичните вежби дале познајачни резултати и биле поефективни во намалување на крвниот притисок. За овој тип на вежби, препораките се околу 150 минути аеробични (кардио) вежби неделно, кои ќе бидат со умерен интензитет или околу 75 минути неделно, со поголем интензитет.

Секако, има голем број на луѓе кои не се во можност поради различни причини да се придржуваат до овие препораки, па кај нив изометриските вежби може да се корисна и значајна алатка за одржување на кардиоваскуларното здравје.

Постојат голем број на вакви вежби кои може лесно да се најдат на интернет и лесно да се вклопат во нашето секојдневие. Можеби тоа ќе биде нов начин за многумина да дадат шанса на поразличен тип на физичка активност, која може да даде нови и различни придобивки.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор