fbpx

Повеќе од вкусен пијалок – кафето го намалува ризикот за деменција и Алцхајмерова болест!

tonus

За многумина, денот започнува со шолја утринско кафе. Тоа претставува омилен пијалок за голем дел од популацијата и како таков се смета за втор најконсумиран во светот, после чајот. Постојат повеќе аспекти и карактеристики со кои кафето ги освојува луѓето. Прво, тоа има интензивна и специфична арома и вкус кој е неодолив за многумина. Покрај тоа, кафето е добро познат извор на кофеин – соединение кое се смета дека има моќ да ни даде енергија, фокусираност и да ни помогне полесно да го започнеме денот. Дополнително, кафето се смета за значителен и важен извор на антиоксиданти во човековата исхрана, а токму тоа нè води до денешната тема – потенцијалниот заштитнички ефект на кафето во поглед на Алцхајмеровата болест.

Зошто е препорачливо да се консумира кафето во умерени количини?

Кафето како што споменавме е еден од најпопуларните пијалаци во светот. Тоа се подготвува од печените зрна на растенијата од родот Coffea. Истото нуди низа на здравствени придобивки, како што се:

  • Намалување на ризикот од дијабет тип 2
  • Намалување на ризикот од појава на Алцхајмерова болест, Паркинсова болест и деменција
  • Намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања
  • Практично е без калории (поради отсуството на макро нутриентите), а сепак содржи одредени витамини како витамините B2,B3,B5 како и минералите манган и магнезиум
  • Го забрзува метаболизмот
  • Може да има превентивна улога во поглед на одредени типови канцер

Кафето е докажано дека содржи високи количества на антиоксиданти – соединенија кои ги неутрализираат штетните слободни радикали кои се секогаш присутни во човековото тело. Имено кафето е особено богато со антиоксидантите фенолпропанонска киселина и полифеноли. Токму овие соединенија се заслужни за здравствените придобивки кои се препишани на кафето.

"“Online”/

Сепак, важно е кафето да се консумира умерено, па се препорачува од 2 до 5 шолји кафе на ден (секако во зависност од нивната големина).

Бидејќи различни типови кафе содржат и различно количество кофеин, важно е да се внимава внесот на кофеин во текот на денот. Се препорачува тој да се лимитира до 400mg на ден. Ова количество, грубо соодвестува на 4 мали лажички мелено, печено кафе. Прекумерниот внес на кофеин може да предизвика надразливост, анксиозност, нервоза, несоница, забрзан пулс, проблеми со дигестијата, покачен крвен притисок, замор и сл.

Со умерен внес на кафе до намален ризик за појава на Алцхајмерова болест

Се проценува дека над 55 милиони луѓе ширум светот живеат со деменција. Најчестата форма или стадиум на деменција е токму Алцхајмеровата болест, а експертите сметаат дека таа е застапена со дури 50-75% од вкупниот број на случаи со деменција. Алцхајмеровата болест е доста сложена и во моментот нема достапен, високо ефикасен лек за неа. Таа не е составен дел од стареењето, но се смета дека поголемиот број случаи се токму кај постарите лица. Како главна алатка за превенција на нејзината појава се сметаат промени во начинот на живеење.

Еден таков дел е секако исхраната. Во тој поглед, едно ново Австралиско истражување ја проучувало поврзаноста меѓу секојдневниот внес на кафе и ризикот за појава на Алцхајмерова болест. Веќе постојат слични истражувања кои потврдиле дека консумирањето на кафе допринесува за намален ризик од когнитивни заболувања.

Во ова конкретно истражување, биле вклучени 227 возрасни лица кои имале над 60 години. Тие немале нарушувања на когнитивните функции, а преку прашалник биле утврдени нивните навики за исхрана, а поконкретно за консумирањето на кафе. Во текот на истражувањето било следено и оценувано нивното ментално здравје и когнитивни функции. Тие биле следени во текот на 10 години, а нивното здравје било проценето на секои 18 месеци.

Резултатите покажале дека луѓето кои имаат редовна навика да пијат кафе имале подобри резултати на испитувањата. Пиењето на кафе имало позитивен ефект во поглед на одржувањето на менталното здравје и когнитивните функции – меморија, размислување, говор, внимание, процесирање на информации и сл.

Преку мерењата, било утврдено дека испитаниците кои редовно пијат кафе имаат помало ниво на бета-амилоиди во мозокот. Овој тип на протеини, особено бета-амилоид 42 се сметаат за особено токсични. Кај лицата со Алцхајмерова болест, прекумерните количества на овие протеини доведуваат до нивно згрутчување и градење на поголеми формации. Тие потоа се акумулираат измеѓу невроните и ги нарушуваат функциите на клетките.

Испитувањето покажало дека внесот на 1-2 шолји кафе на ден, може да допринесе кон намален ризик за влошување на когнитивните функции за 8%. Консумирањето на кафе исто така го намалува ризикот за акумулација на бета-амилоидите за 5%. Веќе неколку постоечки терапии за Алцхајмерова болест, се базираат на разградбата и превенцијата од акумулирање на овој тип протеини во мозокот – терапија со сличен ефект како и кафето.

Заклучокот од испитувањето е дека кафето, доколку се консумира редовно и во умерени количини, може да допринесе кон значително подобро здравје на мозокот, а особено во поглед на деменцијата и Алцхајмеровата болест.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор