fbpx

7 причини зошто ЛЕЌАТА е супер храна

tonus

Леќата припаѓа во семејството на мешункасти плодови заедно со гравот, грашокот, наутот итн. Присутна е во различни варијанти, односно облици и бои: црвена, кафена, црна и зелена. Но, сите имаат слична нутритивна вредност.

Оваа мешунка е особено богата со протеини (една од најбогатите растителни храни со протеини), растителни влакна, железо и други компоненти со низа корисни дејства за нашето тело. Дополнително, лесна е за приготвување, а има и доста ниска цена. Ова ја прави леќата можеби најдостапниот извор на протеини од храната.

Луѓето ја употребуваат уште од многу далечни времиња, денес нејзината употреба е раширена низ целиот свет, а кај нас традиционално е присутна како вариво.

"“Online”/

Во продолжение, најважните причини зошто треба да продолжиме да ја консумираме уште почесто, но и неколку совети како најдобро да ја приготвиме.

1) Леќата е исклучително нутритивна храна

Многу често леќата е потценета, иако за многу ниска цена, добивате продукт богат со низа на есенцијални хранливи компоненти. Во суштина, оваа храна може да се смета за супер-храна. На пример, леќата е продукт кој покрај високиот процент на протеини, содржи витамини од Б групата, магнезиум, цинк, железо и калиум во значителни количества.

25%-ниот состав од протеини и солидната количина на железо, ја прави леќата добра замена за месните производи. Ова е многу важно за вегетаријанците.

Во 200g зготвена леќа се содржат:

• 232kcal
• 40g јаглехидрати
• 18g протеини
• 1g масти
• 22% од Дневно Препорачаниот Внес за витамин Б1
• 10% од ДПВ за витамин Б3
• 18% од ДПВ за витамин Б6
• 90% од ДПВ за витамин Б9
• 13% од ДПВ за витамин Б5
37% од ДПВ за железо
• 18% од ДПВ за магнезиум

• 36% од ДПВ за фосфор
• 21% од ДПВ за калиум
• 17% од ДПВ за цинк
• 25% од ДПВ за бакар
• 49% од ДПВ за манган

Дополнително на ова, леќата содржи растителни компоненти наречени фитохемикалии, кои можат да имаат заштитно дејство од повеќе хронични заболувања, како на пример кардиоваскуларни и дијабет тип 2.

2) Кардиоваскуларно здравје

Леќата е богат извор на растителни влакна, фолна киселина и калиум. Ова се хранливи елементи од големо значење за здравјето на срцето.

Според Американската агенција за здравје на срцето, зголемениот внес на растителни влакна може да ги намали нивоата на LDL холестеролот или т.н. ,,лош” холестерол. Дополнително на ова, растителните влакна се покажале како успешни и во спречувањето на прогресијата на заболувањето, кај веќе дијагностицирани пациенти.

Кога некоја индивидуа ќе го замени месото со растителна храна богата со растителни влакна, како леќата, значително го намалува ризикот од срцеви заболувања.

Студиите покажуваат дека, калиумот, калциумот и магнезиумот од леќтата, можат природно да придонесат за намалување на високиот крвен притисок. Леќата, влегува како важен елемент во плановите за исхрана кои ги препорачуваат медицинските лица за оние кои страдаат од висок крвен притисок.

Според некои релевантни институции, леќата се смета за еден од најдобрите извори на калиум, општо во достапната храна.

Калиумот, претставува есенцијален нутриент за срцето, особено за контролата на крвниот притисок. Тој може да помогне за намалување на високиот крвен притисок и според повеќе студии да го намали дури за 30% ризикот од срцев удар.

И покрај големата важност на овој минерал, има голем дефицит на калиум во секојдневната исхрана кај голем дел од популацијата.
Покрај калиумот, леќата содржи и друг важен минерал за кардиоваскуларното здравје и општо за организмот, а тоа е магнезиумот.


3) Извонреден извор на фолна киселина или витамин Б9

Фолната киселина има доста важни функции во организмот, на пример, ја поддржува делбата на клетките, продукцијата на DNA, а неговиот недостаток може да биде особено опасен кај трудниците.

200g леќа, обезбедува дури 90% од дневните потреби за овој витамин.

Тој е клучен во превенцијата од нарушувања на мозокот кои можат да се случат кај фетусот и подоцна да водат кон ментални заболувања кај новороденчињата.

Исто така, стдиите покажуваат дека фолната киселина е важна за намалување на гестациски дијабет, односно дијабетот развиен во текот на бременоста.

Препорачаната вредност за Б9 кај трудниците е 400mcg.

4) Леќата е одлична храна за дигестивното здравје и за слабеење

Соодветниот внес на растителни влакна од исхраната е многу важен фактор за слабеење, но и општо, за дигестивното здравје.

Значењето на растителните влакна за здравјето на цревната микрофлора, а со тоа и на целокупно здравје на човекот е големо. Помеѓу најбитните позитивни влијанија на растителните влакна се: одржувањето на здравјето и перлистатиката на тенкото и дебелото црево, хранењето на корисната микрофлора, обезбедувањето на постепено испуштање на глукозата во крвта и намалувањето на ,,лошиот” холестерол во крвта.

Исто така, преку врзувањето на водата, растителните влакна обезбедуваат продолжено чувство на ситост.

Дополнително, се повеќе студии даваат податоци за улогата на растителните влакна врз оптимизирањето на цревната микрофлора, а преку неа и на целокупното здравје на организмот. На тој начин влијаат на намалувањето на ризикот од развивање на кардиоваскуларни, малигни заболувања, дебелина и дијабет тип 2.

Дополнително, високиот процент на протеини делува на намалување на лачењето на т.н. хормон на глад – грелин.

5) Храна погодна за дијабетичари, но и за превенирање од дијабет

Високиот процент на протеини и растителни влакна, прави леќата да биде храна со низок гликемиски индекс, односно храна која не прави глукозни ,,пикови” во крвта, а потоа ниту стрмни падови кои би предизвикале интезивен глад.

Хранта како леќата, помага во слабеењето, но и превенцијата од гојазност. Превенирањето на гојазноста, како еден од главните ризик фактори за развој на дијабет тип 2, фактички индиректно е и превенирање од дијабетес.


6) Леќата промовира енергичност


Ова својство се должи на високата содржина на железо која ни ја нуди леќата. Недоволното ниво на железо во исхранта може да има значаен импакт на тоа на колку ефикасен начин телото ја искористува енергијата. Постојат два типа на железо кои можеме да ги добиеме со исхраната: хем-железо и нехем-железо.

Хем-железото е од животинско потекло, додека нехем е од растително потекло и е потешко за апсорпција од страна на организмот. За подобра апсорпција на растително железо, добро е ваквата храна да се јаде во комбинација со намирници богати со витамин Ц, како цитрусни, бобести овошки и пиперки.

7) Добра храна за коските

Леќата е храна богата со калциум. Овој минерал е неопходен за метаболизмот на коските, мускулната и нервната функција, но и во правилното згрутчување на крвта.

Заедно со витамините К и Д и некои други минерали како фосфор (со кој исто така е богата леќата), магнезиум итн, има клучна улога во одржувањето на здравјето на коските, но и во превенцијата од одредени чести заболувања на коските, како остеопорозата на пример.

Антинутриентите во леќата и како да се справиме со нив?

Покрај корисните компоненти кои ги споменавме, во леќата постојат и неколку антинутриенти или компоненти кои ја попречуваат апсорпцијата на некои корисни нутриенти.

Антинутриенти во леќата се:

трипсин инхибиторите (ја блокираат продукцијата на ензимот кој е важен за варењето на протеините);

лектини (можат да се врзат за некои есенцијални нутриенти и да ја блокираат нивната апсорпција, но некои студии покажуваат и нивно антиканцерогено и антибактериско дејство);

танини (компоненти кои се врзуваат за протеините и ги прават недостапни)

фитичната киселина (се врзува за железото, цинкот, калциумот и ја попречува нивната апсорпција, но исто така за оваа киселина некои студии утврдуваат и антиоксидативно и антиканцерогено дејство)

Важни совети за ослободување од овие антинутриенти и предлози за различни начини на приготвување на леќата

Потопувањето во вода, пред да се вари, овозможува ,,деактивирање” на антинутриентите во голема мера. (особено успешно е ако потопувањето е во текот на целата ноќ)

Убаво сварете ја! Со целосното варење на леќата, се ослободуваме од поголемиот дел од антинутриентите. На пример, еден протеин од сировата, може да реагира со дигестивниот тракт и да предизвика реакции кои водат кон дијареа, повраќање итн.

Леќата можете да ја употребите во:

• најразлични типови на манџи
• било какви супа, како додаток
• подготовката на најразлични намази
• подготовката на растителни плескавици
• подготовка на тестенини од леќа
• салати, како додаток

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор