fbpx

Летни рецепти – зеленчукова летна манџа и пинџур

tonus

Најчесто во топлите летни денови сакаме лесни рецепти за подготвување, но и за јадење. Тешката, масна храна навистина треба да ја избегнуваме и да се ориентираме кон рецепти што содржат повеќе зеленчуци. Затоа, денешните рецепти што ќе ви ги предложиме се меѓу најпознатите и најчесто подготвуваните летни рецепти. Станува збор за рецепт за летна зеленчукова манџа и за добро познатиот пинџур.

 

Пиперките и доматот – најкарактеристичните зеленчуци за летото

 

Пиперките дефинитивно се вбројуваат во најзастапените зеленчуци на нашите трпези. Македонија има особено погодни почви за култивирање на високо-квалитетни сорти  пиперки, како феферони, бабури, чили, зелени пиперки, ајварки итн.

"“Online”/

 

Овој зеленчук има специфични вкусови карактеристики и навистина широк спекатар на употреби – од свежи салати, полнети пиперки, пинџур, лути пиперки, ајвар и различни зимници, па се до зачини од сушени пиперки.

 

Пиперките се густо-нутритивна храна, односно имаат висока нутритивна, а ниска калориска вредност. Содржат висок процент на вода (над92%).

 

Во 100g свежа пиперка се содржат

  • само 31kcal
  • 6g јаглехидрати (околу 2g растителни влакна)
  • 1g протеини
  • 3g масти

 

Пиперките имаат исто така и импресивен микронутритивен состав. Освен што се еден од најбогатите извори на витамин Ц (169% од дневно препорачаниот внес), пиперките се и добар извор на витамин Б6, витамин К, калиум, железо, фолна киселина и провитамин А.

 

Доматите многу често се присутни на нашите трпези. Тие се идеална храна, особено за топлите периоди кои се пред нас. Богати се со вода, имаат малку калории, а се високо нутритивни.

Доматите содржат огромна количина на вода, околу 95%. Останатите 5% главно отпаѓаат на јаглехидрати и растителни влакна.

Во помал домат од 100g се содржат:

  • само 18kcal
  • 0,9g протеини
  • 3,9g јаглехидрати (1,5g растителни влакна)
  • 0,2g масти

 

Покрај тоа, тие се одличен извор на витамините A, Ц, К, Б6, Б9, како и на минералите калиум, бакар и манган. Исто така, доматите содржат и низа на антиоксиданти, првенствено ликопен, бета каротен и нарингенин.

 

Летна манџа

Постојат бројни рецепти и варијанти на вкусната летна манџа, но денес ќе ви предложиме еден интересен начин за нејзина подготовка.

 

Потребни намирници:

  • Околу 500g зелени пиперки, исецкани
  • 2 главици кромид, ситно исецкани
  • 2-3 средно големи домати, исецкани
  • 5-6 маслинки, ситно исецкани
  • 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
  • Малку исецкан магдонос и босилок како зачини
  • Сол и бибер
  • Малку маслиново масло

 

Начин на подготовка:

 

  1. На малку маслиново масло го динстаме исецканиот кромид. По неколку минути, кога истиот ќе омекне и пожолти, ги додаваме пиперките и лукот. Продолжуваме со динстањето уште неколку минути, додека не омекне пиперката.
  2. Потоа ги додаваме доматите. Динстаме неколку минути и ги додаваме маслинките, магдоносот, босилокот и зачинуваме со сол и бибер. Динстаме додека дел од водата испуштена од доматите не испари и самата манџа се згусне.
  3. Ваквата манџа може да се сервира со парче интегрален леб и сирење или урда.

 

Домашен пинџур

 

Пинџурот е можеби едно од најтрадиционалните и познати јадења на нашата кујна. Типичен е за летниот период и истиот може да се подготви на различни начини и со разни состојки.

 

За подготовка на нашиот предлог за пинџур, потребни ќе ви бидат:

 

  • 6-7 зелени пиперки
  • 2 средно големи домати
  • 1 средно голем модар патлиџан
  • 2-3 чешниња лук
  • Масло по потреба
  • Малку магдонос како зачин (или било која тревка по желба)
  • Сол и бибер

 

Начин на подготовка:

 

  1. Модрите патлиџани, доматите и пиперките се печат во рерна на 200 степени. Може да ги печете и на електрична скара. По печењето, излупете ги и процедете ги во цедалка.
  2. Доколку сакате може само со вилушка или нож да ги исечете во оваа фаза, или доколку сакате поразлична конзистенција може и да ги истолчите. На крајот го додавате ситно исецканиот лук, солта, биберот и магдоносот по желба.
  3. На страна загрејте малку масло и додадете го кон пинџурот.
  4. Послужете со парче интегрален леб. Ваквиот пинџур е одличен додаток кон секаков ручек и истиот може да се складира во фрижидер повеќе денови.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор